недела, 17 мај 2026

Европа повеќе не му се подлизува на Трамп

Критиките на германскиот канцелар Фридрих Мерц на сметка на американскиот претседател Доналд Трамп не беа изолиран испад, туку знак дека европските лидери сè повеќе веруваат оти способноста на Вашингтон да врши притисок ослабела, оценуваат аналитичари.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Во деновите откако го разгневи Трамп со критиките за американската војна против Иран, Мерц искажуваше наклонетост кон САД. Кога Пентагон ненадејно соопшти дека ќе повлече 5.000 војници од Германија, Мерц и неговите соработници се обидоа да остават впечаток на смиреност.

Но тој не се извини.

Одбивајќи да отстапи, Мерц прифати тактика што сè повеќе станува вообичаена меѓу европските лидери што за време на војната го предизвикаа гневот на Трамп.

Муџтаба Рахман, директор за Европа во Евроазија груп, вели дека критиките на Мерц не биле само момент на лична искреност, ниту само знак за разидување меѓу Берлин и Белата куќа.

„Тие укажуваат на поширок пресврт што се случува меѓу европските лидери. Тие сè повеќе се подготвени јавно да ѝ се спротивстават на администрацијата на Трамп за прашања што се движат од Иран и Украина до европскиот суверенитет“, вели Рахман.

Според него, овој пресврт делумно се објаснува со сè понепредвидливата политика на администрацијата на Трамп и уверувањето дека таа бара поодлучен одговор.

На настан во училиште во својата изборна единица, Мерц рече дека не верува оти Трамп има одржлива излезна стратегија за војната против Иран. Тој оцени дека Техеран со вешта дипломатија ги „понижил“ САД.

Тие коментари, според Њујорк тајмс, изгледа придонеле за ненадејната најава на Пентагон дека ќе премести 5.000 од околу 35.000-те американски војници стационирани во Германија.

Мерц подоцна призна дека постои разидување со Трамп околу војната, но не се извини.

„Имаме различен поглед на оваа војна, тоа не е тајна“, рече германскиот канцелар, додавајќи: „Не сум сам во тоа“.

Рахман истакнува дека коментарите на Мерц не може да се гледаат изолирано.

Слично постапиле и други европски лидери кога Трамп гневно реагирал на нивните критики за војната, на одбивањето целосно да им ги стават европските воени бази на располагање на САД за напади врз Иран, како и на неподготвеноста да ги прифатат неговите барања за испраќање воени сили за отворање на пловните рути во Ормускиот теснец.

Британскиот премиер Кир Стармер, соочен со притисоци и дома, порача дека му е „доста“ од притисокот на Трамп околу војната.

Италијанската премиерка Џорџа Мелони, која некогаш се сметаше за важен европски сојузник на американскиот претседател, неговите критики кон папата Лав Четиринаесетти ги нарече „неприфатливи“ и не отстапи од тој став ни по разговорот со американскиот државен секретар Марко Рубио.

Европските лидери сè потешко влијаат врз текот на војната против Иран и истовремено се обидуваат да управуваат со нејзините економски и безбедносни последици, па своите фрустрации сè поотворено ги изнесуваат во јавноста, и тоа без многу каење.

Њујорк тајмс пишува дека таквиот пристап кон Трамп би требало да е познат, бидејќи токму врз тактиката „не повлекувај се“ тој изградил голем дел од својот политички бренд. Списокот на изјави и потези за кои од него било барано извинување, а кое тој никогаш не го упатил, е долг и постојано се зголемува.

Притисокот на администрацијата на Трамп околу Гренланд претходно оваа година ги премина јасните европски црвени линии кога станува збор за територијалниот интегритет на една НАТО сојузничка и правото на народот на Гренланд на самоопределување.

Истото важи и за обидите на Трамп и неговиот потпретседател Џеј Ди Венс да влијаат врз изборите во Унгарија во корист на Виктор Орбан.

„Сепак, ниту една од тие кризи сама по себе не го објаснува поцврстиот став на Европа. Поважно е сè посилното и оправдано уверување во европските престолнини дека Вашингтон денес има помалку алатки за притисок врз континентот отколку пред една година“, напиша Рахман во Гардијан.

Војната со Иран покажа дека на САД им е потребна воена инфраструктура во Европа за да проектираат моќ на Блискиот Исток, што укажува дека воената зависност не е целосно еднострана.

Истовремено, додава Рахман, европската воена потрошувачка нагло порасна по враќањето на Трамп на власт, а сè поголем дел од неа се насочува кон европски производители на оружје.

САД остануваат доминантен снабдувач со оружје за Европа.

Сепак, Стокхолмскиот меѓународен институт за истражување на мирот проценува дека американскиот удел во трансферите на оружје кон Европа во периодот 2021–2025 паднал на 58 отсто, од 64 отсто во периодот 2020–2024.

Рахман вели дека истата логика сега го обликува и европското размислување за Украина.

САД од март 2025 година го прекинаа секое финансирање за Киев, што значи дека најголем дел од финансирањето за Украина сега доаѓа од Европската Унија.

Украина и натаму купува оружје преку листата на нејзини приоритетни потреби воспоставена во НАТО по американска иницијатива, но значително поголем дел од воените потреби ги обезбедува надвор од САД.

Околу 60 отсто од воената опрема доаѓа од домашно украинско производство, а 20 отсто од европски добавувачи.

Тоа особено се гледа во производството на дронови.

По многу години вложувања во сопствената воена индустрија, Украина сега сама ги произведува повеќето дронови што ги користи, а украинската амбасадорка во НАТО, Аљона Гетманчук, вели дека домашното оружје за пресретнување соборува повеќе од 60 отсто од руските дронови.

САД и натаму обезбедуваат клучни капацитети, особено кога станува збор за разузнавачките информации и противвоздушната одбрана.

Но, вели Рахман, европските функционери сè повеќе веруваат дека дури и значителното намалување на американската поддршка во тие области не би довело до непосреден колапс на Украина.

„Ако Украина помалку зависи од САД, тоа значи и дека Европа помалку зависи од САД“, се наведува во колумната.

Сличен пресврт во односот кон Америка е забележлив и во Киев.

Откако американските мировни преговори фактички се замрзнати од почетокот на војната со Иран, пишува Њујорк тајмс, претседателот Володимир Зеленски почна поотворено да го критикува Вашингтон, оценувајќи дека американските преговарачи „немаат време за Украина“ и дека администрацијата врши поголем притисок врз Киев отколку врз Москва.

Според Рахман, европските влади исто така увиделе дека многу од заканите на Трамп никогаш не се остваруваат целосно.

Отпорот кон претседателот — во Конгресот, судовите, па дури и во делови од неговата сопствена МАГА коалиција — сè повеќе расте.

Аналитичарот на Евроазија груп вели дека лидерите на Европската Унија исто така помалку стравуваат од силата на движењето МАГА и неговото влијание врз изборите во Европа, откако интервенциите на Трамп и Џеј Ди Венс во Унгарија се покажаа како спектакуларен неуспех.

„Со оглед на тоа што Трамп е изразито непопуларен меѓу европската јавност, спротивставувањето кон САД им го носи на европските лидери очајно потребниот раст на поддршката во анкетите“, вели Рахман.

Тој очекува оваа промена во расположението да го обликува европскиот одговор на идните спорови со САД, особено во трговијата.

Убеден е дека Европската Унија, ако Вашингтон воведе повисоки царини за европскиот извоз, како автомобилите, со што Трамп сега се заканува, ќе одговори поодлучно отколку минатата година, кога прифати зголемување на царините од 15 отсто во рамките на американско-европскиот трговски договор од Тарнбери.

Земјите членки на Европската Унија веќе одобрија контрамерки што би опфатиле американски извоз вреден 93 милијарди евра, иако Европската комисија во почетокот би оставила одреден простор за преговори.

Европската Унија исто така ќе продолжи да презема чекори за намалување на ризиците од зависност од САД во одбраната, дигиталните услуги и други клучни области.

Рахман предупредува дека прашањето за Гренланд би можело повторно да се отвори.

Данските, гренландските и американските функционери задолжени да ги разгледаат американските безбедносни грижи поврзани со Арктикот засега не постигнуваат позначителен напредок.

Доколку Трамп повторно упати територијални закани, Европската Унија, според него, најверојатно би одговорила со својот моќен „инструмент против принуда“, кој би можел да ги погоди американските високотехнолошки компании и давателите на дигитални услуги.

На крајот, оценува Рахман, односот на Европа кон САД станува сè помалку поданички.

Европските влади веруваат дека сега имаат поголем капацитет да му се спротивстават на притисокот од Вашингтон.

Аурата на непобедливост на Трамп, наведува тој, избледе не само во САД, туку и во Европа.

Неговите сојузници повеќе не сметаат дека до крајот на неговиот втор мандат мора да опстануваат така што ќе му ласкаат и ќе му се подлизуваат.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ