недела, 17 мај 2026

Палестинци принудени сами да си ги уриваат домовите за да се ослободи простор за израелски тематски парк

Веднаш под старите градски ѕидини на Ерусалим, на дното на стрмна и густо населена долина, земјата последниве недели ја тресат механички разбивачи и булдожери, пишува британски Гардијан во репортажа.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

На жителите на квартот Ал-Бустан им било кажано да „ослободат простор“ за идниот израелски тематски „Кралски парк“, па тие самите ги уриваат своите куќи, бидејќи тоа им е поевтино отколку да ѝ платат на општината да го направи тоа.

Ова со децении се случува во Ерусалим, каде што израелската држава настојува да втисне исклучиво еврејски идентитет врз окупираниот источен дел од градот, бришејќи го неговиот палестински карактер.

Вообичаено, со булдожерите управуваат државни и општински работници, но во населбата Ал-Бустан, во сенката на џамијата Ал-Акса од 11 век, Палестинците се принудени самите да ги уриваат своите семејни домови.

„Навистина е тешко, горчливо“, изјавил Џалал ел-Тавил, набљудувајќи како тракторот што го изнајмил, со натоварувач напред и механички разбивач назад, ги руши последните остатоци од куќата што ја изградил неговиот татко, на местото каде што претходно стоел домот на неговите баба и дедо.

Ел-Тавил го оставил за крај дебелиот, јазлест корен од 35-годишната винова лоза: „Некогаш даваше грозје за целиот Ал-Бустан. Но никогаш повеќе нема да роди“.

Искуството од уривањето на домот и историјата на неговото семејство целосно го исцрпело, но, како што вели, сè се сведува на сурова економија. Ерусалимската општина му кажала дека ќе го чини 280.000 шекели (82.000 евра) ако нејзини работници ја урнат куќата, додека сам да ангажира машини и работници го чини помалку од една десеттина од таа сума.

За него, тоа било како избор меѓу самоубиство и убиство, пишува Гардијан.

Библиски тематски парк

Повеќе од 57 куќи во Ал-Бустан, дел од поголемиот кварт Силван во Источен Ерусалим, се урнати во последните две години, а уште осум се предвидени за уривање во наредните недели.

На тоа место треба да биде изграден библиски тематски парк наречен „Кралска градина“, наводно на местото каде што пред три милениуми престојувал кралот Соломон.

Паркот е замислен како дел од голем археолошки проект, главно поврзан со доселенички структури, кој се фокусира исклучиво на еврејското минато на Ерусалим и е насочен кон она што е наречено „Давидов град“, иако многу израелски археолози сметаат дека видливите остатоци потекнуваат од други епохи, пред и по владеењето на кралот Давид.

Авив Татарски, виш истражувач во Ир Амим, група што се залага за праведно поделен Ерусалим, вели дека случајот со Ал-Бустан претставува бришење на Палестинците и од географијата и од историјата.

„Израел не е подготвен да ја признае двонационалната, мултиетничка и мултикултурна реалност на Ерусалим и пред сè ги уништува Палестинците — но всушност сè што не е еврејско — а потоа тоа го прикрива со вакви дизнифицирани глупости“, рече тој.

Според него, „ако проектот се реализира до крај, Израелците ќе ја гледаат приказната за паркот без воопшто да бидат свесни дека за тоа биле уништени животи и цела заедница за да се направи простор за тоа“.

Сенката на тематскиот парк виси над Ал-Бустан речиси две децении, но досега булдожерите ги кочел палестинскиот отпор, меѓународното противење и одредена неодлучност во самата израелска политика.

Сите три пречки паднале по нападот на Хамас на 7 октомври 2023 година, војната во Газа што следуваше и враќањето на Доналд Трамп на власт во САД.

„Кучињата скитници се побезбедни од нас“

„Кучињата скитници во овој крај се чувствуваат побезбедно и посигурно од нас“, вели Мохамед Квајдер, 60-годишен татко на шест деца.

Неодамна урнал дел од куќата што повеќе од половина век била семеен дом, надевајќи се дека така ќе ги задоволи израелските власти. Но оваа недела службеник од општината дошол да го предупреди дека булдожерите ќе се вратат за да го срамнат и остатокот.

Квајдер има хронични проблеми со ’рбетот, син со посебни потреби и неподвижна мајка, и вели дека немаат каде да одат.

„Ако ни ја урнат куќата, ќе поставиме шатор. Нема да си одиме. Можеби погрешно нè разбираат нас Палестинците: не сме лесна цел. Не можете да ни ја земете земјата“.

Неговата 97-годишна мајка Јусра, која не може да стане од кревет, е жива слика на современата палестинска историја: родена е во Јафа пред 97 години, но нејзиното семејство било принудено да избега во 1948 година, во она што Палестинците го нарекуваат Накба („Катастрофа“) — масовното протерување што е другата страна од историската паричка на создавањето на Израел таа година.

Од Јафа, семејството на Јусра Квајдер побегнало на територија под јорданска контрола западно од Ерусалим. Во 1967 година повторно биле протерани за време на Шестдневната војна, а израелските сили ја урнале нивната куќа и остатокот од селото.

Во 1970 година се преселиле во еврејскиот кварт на стариот дел на Ерусалим, но можеле да останат само три години пред новите власти повторно да урнат големи делови од областа.

„По еврејскиот кварт дојдовме овде, во Силван. Одовде не си одиме. Ни јас, ни моите деца!“, вели таа.

Две куќи подалеку, Фахри Абу Дијаб, водач на локалната заедница Ал-Бустан, ја донел истата одлука кога неговиот семеен дом бил урнат во 2024 година. Сега тој и сопругата Амина живеат во приколка сред урнатините од домот што четири генерации бил нивен.

„Ни го уништија минатото“

„Ни го уништија минатото. Ни ги уништија сеќавањата. Ни ги уништија соништата. Ни го уништија детството и иднината“, вели Абу Дијаб и покажувајќи на преостанатиот дел од урнатата кујна додава: „Тука јадевме со моите деца, моите внуци“.

Тој сè уште отплаќа казна од 43.000 шекели (12.500 евра), изречена од општината за присилното уривање, по 4.000 шекели месечно.

Вели дека морал да плати и 9.000 шекели (2.600 евра) за сендвичите што ги јаделе полицајците додека го надгледувале повеќедневното рушење.

Ерусалимската општина не одговорила на барањето за коментар, но за порталот +972 рекла дека планираниот тематски парк се гради „во корист на сите жители на градот“ и дека куќите во Ал-Бустан биле нелегално изградени.

Според општината, областа никогаш не била предвидена за станбена употреба и тие со години се обидувале да најдат решение со алтернативно сместување, но жителите не покажале сериозен интерес.

Абу Дијаб го отфрла тоа, велејќи дека заедницата одамна предложила урбанистички план со многу зелени површини, но тој бил одбиен од политички причини.

Тој додава дека некои куќи, вклучително и неговата, се изградени многу пред израелската окупација, а дозволите за градба редовно им се одбиваат на Палестинците во Источен Ерусалим, додека на израелските Евреи редовно им се одобруваат.

Освен тоа, тврди Абу Дијаб, истите правила никогаш не се применувале на неовластените доселенички пунктови што постојано никнуваат во Источен Ерусалим и на Западниот Брег.

Амина Абу Дијаб, наставничка и социјална работничка, вели дека нејзина главна грижа сега се децата за кои се грижи, а пред кои стои иднина на бездомништво и неизвесност.

„Куќата е детски сон за иднината, а ако некој дојде да им ја урне, им ги уништува соништата и чувството на сигурност“, рече таа. „И тогаш што ќе мислат децата за нас? Дека не можеме да се заштитиме себеси и не можеме да ги заштитиме нашите деца.“

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ