недела, 17 мај 2026

Јана Манева – Чупоска останува на чело на ДЛУМ, избрано и новото раководство

Ликовната уметница Јана Манева – Чупоска повторно е избрана за претседателка на Друштвото на ликовни уметници на Македонија (ДЛУМ) со четиригодишен мандат на вчера одржаното годишно Собрание во Домот на АРМ во Скопје. Таа беше и единствениот кандидат за оваа функција, додека со тајно гласање беше избрано и новото раководство на Друштвото со мандат до 2030 година.

Фото: Пиксабеј

Објавено на

часот

Сподели

Како што информираа од ДЛУМ, за членови на управниот одбор беа избрани уметниците Катерина Таневска, Денис Тенев, Никола Смилков, Мирјана Масети, Марија Мицова Гацова и Иво Пецов.

За нови членови на уметничкиот совет беа изгласани Маја Рауник Кирков, Јана Јакимовска, Валентина Илијевска, Борче Богоевски, Илиана Петрушевска, Наташа Милованчев и Зоран Бошковски, додека надзорниот одбор ги доби новите членови, Дејан Иванов Маргуш,Виктор Јаневски и Ивона Велковска.

Претходните членови на управниот одбор, уметничкиот совет и надзорниот одбор поднесоа колективна оставка една година пред истекот на мандатот. Оваа одлука овозможи предвремени избори со цел целосна синхронизација на сите органи со мандатот на претседателот, создавајќи нов четиригодишен тим кој заеднички ќе ја преземе одговорноста за работата на Друштвото и ќе се фокусира на унапредување на ликовната уметност и зајакнување на позициите на македонските уметници.

Јана Манева – Чупоска во својата апликација при конкурирањето посочи дека кандидирањето за втор мандат за претседател на ДЛУМ, е резултат на нејзината желба да помогне за подобро делување на ова здружение кое го смета за значајно за развојот на ликовната уметност и за заштита на правата на ликовната фела во Македонија.

„Согледувајќи ги реалните проблеми кои друштвото ги има како никогаш до сега, се одлучив да пробам повторно да се кандидирам обидувајќи се да создадам реална работна програма за излез од повеќе прблематични финансиски состојби во кои моментално ДЛУМ се наоѓа“, потенцираше таа.

Годинава ДЛУМ со низа активности го прославува својот јубилеј, 80 години постоење. Што се однесува до следните негови активности, на годишното собрание беше укажано дека за јуни е планирана реализација на изложбата „Поместени граници“, гостување со изложбата „Цртеж, експериментален цртеж“ во Македонскиот културен центар во Белград, додека пак во септември треба да следи Интернационалното графичко биенале „ДЛУМ – 2026“. Во октомври и ноември ќе се одржат изложбите: „Мал формат“, Миниартура“ и „Фемина“, а  годинава треба да заврши со јубилејната изложба посветена на 80 годишнината на ДЛУМ.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ