среда, 15 јули 2026
Седум години од апсењето за „Рекет“, една од најголемите афери во земјава

Боки 13 пред 6 години од затвор тврдеше дека е болен од рак и ќе умре, а денес пее, снима и најавува спектакл

Пред седум години, на истиот овој датум, одекна веста дека е приведен Бојан Јовановски, познат како Боки 13. Во тој период, во 2019 година, Боки 13 беше сопственик на 1 ТВ, која беше отворена со гламурозна забава на која присуствуваа многу влијателни личности. Но, со апсењето на Боки 13 згасна и телевизијата.

Објавено на

часот

Сподели

По неговото приведување се отвори случајот „Рекет“, во кој, ни повеќе ни помалку, тој се најде во обвинение заедно со тогашната шефица на Специјалното јавно обвинителство, Катица Јанева. Првостепената судска постапка за „Рекет“ започна на 3 декември 2019 година.

Во јуни 2021 година, Јовановски и Катица Јанева беа прогласени за виновни во случајот „Рекет“. Боки 13 доби затворска казна од 9 години за делата примање награда за противзаконито влијание и перење пари, додека Јанева беше осудена на 7 години затвор за злоупотреба на службената положба и овластување. Апелацискиот суд во Скопје подоцна му ја намали затворската казна на Бојан Јовановски за четири години во предметот „Рекет“.

Боки 13 потоа се најде и во случајот со невладината организација Меѓународен сојуз, основана од него, преку која, според обвинението, биле измамени бизнисмени со ветувања за изградба на центри за возрасни лица. Во овој предмет обвинети беа и Фросина Ременски, Христина Блажеска, Миле Јовановски, таткото на Боки 13, како и Јасна Мандиќ Ерцеговиќ.

Во овој случај Боки 13 е осуден на единствена казна затвор од пет години за кривичните дела измама и перење пари, што претставува намалување од првичната казна од девет години. Сепак, пресудата не е правосилна бидејќи предметот се наоѓа во жалбена постапка пред Апелацискиот суд во Скопје.

За првата пресуда, односно за случајот „Рекет“, Боки 13 нема да треба да се врати во затвор, бидејќи второстепените судии одлучија дека поради здравствени причини не може да ја издржува казната во затворски услови.

Во времето кога беше во затвор, тој преку писма испраќаше пораки до експремиерот Зоран Заев, во кои тврдеше дека не му се плаши, дури и ако, како што наведуваше, му се заканува дека ќе го ликвидира. Во пораките напиша и дека со текот на времето ќе се види кој е п**ер, а кој маж.

На тогашната обвинителка Вилма Русковска, која го гонеше во постапката, тој од затвор ѝ порача дека е добар и дека ќе ја гони со цело срце, сè додека таа не биде на негово место.

На судските рочишта тврдеше дека има рак на желудник и дека не му останува уште многу време, но медицинската документација која Судот тогаш ја обезбеди, а која ја потпишаа 17 лекари, покажа дека тој нема рак.

Според неговите тврдења, тој има траен инвалидитет на желудникот и за таа дијагноза зема голем број терапии.

Седум години по неговото прво апсење, Боки 13 комплетно се промени визуелно. Повторно е активен на телевизиските екрани во Македонија, но и во Србија, а сними и песна за која направи спот.

Со оваа песна започнува кампањата за неговиот концерт во Белградска арена во декември, а најавен е и негов настап во Битола. Јавноста е поделена – едни велат дека по тешкиот период успеал да се опорави, додека други сметаат дека Битола, како град на конзулите, е понижена што токму нему, кој важи за контроверзна јавна личност, му дала дозвола за настап.

Во подолжени е и новата песна на Боки 13.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ