Истражувачите до откритието дошле користејќи два радиотелескопи во Шпанија, со кои собрале податоци од голем облак од гас во близина на центарот на нашата галаксија. Присуството на шеќерот во гасовита состојба го потврдиле со споредување на сигналите добиени од телескопите со лабораториски примероци.
Резултатите беа објавени во понеделникот во списанието Природна астрономија. Научниците со години наоѓаат сложени хемиски соединенија во галаксијата, вклучувајќи ги и градбените елементи на генетскиот материјал и делови од клетките, пренесува Асошиејтед прес.
Пред околу 25 години беше откриен роднина на шеќерот за јадење во близина на центарот на Млечниот Пат, додека примероците од астероидот Бену, донесени на Земјата од мисијата Озирис-Рекс на НАСА, содржеа други шеќери, вклучувајќи важна компонента на ДНК.
Новооткриениот шеќер не е неопходен за животот, но лесно може да се претвори во форма за која се смета дека била клучна за почетокот на животот на Земјата. Астрофизичарката Ерика Хамден од Универзитетот во Аризона, која не била вклучена во истражувањето, изјавила дека станува збор за „чист пример за материјал што само лебди низ галаксијата“.
Авторите на студијата наведуваат дека ова откритие ја зајакнува теоријата дека основните состојки за потеклото на животот биле присутни дури и пред формирањето на Сончевиот Систем и не мора да пристигнале со комети или вселенски карпи.
„Клучните состојки за потеклото на животот би можеле да бидат присутни и во други делови од галаксијата, што отвора можност животот да се развие и на друго место во вселената“, изјави астрофизичарот Изаскун Хименез-Сера од Центарот за астробиологија во Шпанија.





