Македонскиот фудбалски шампион, Вардар денеска го игра реваншот од првото квалификациско коло во Лигата на шампионите против финскиот КуПС, црвено-црните ќе имаат тешка мисија.
Вардар не го искористи домашниот терен, загуби од КуПС среде Скопје со 0-2 и шансите за место понатаму ги сведе на чудо.
Финскиот претставник одигра подобро на првиот меч, па вардарци денеска ќе треба да се покажат во поинакво светло од она на „Градски“ за да се надеваат на успех.
„Важно ми е на овој натпревар да го смениме менталитетот. На првиот меч до голот игравме добро, но примивме гол во најлош можен момент пред крајот на полувремето. Најголема предност на КуПС е што се во натпреварувачки ритам, имаат повеќе мечеви од нас и тоа го гледам само како плус за нив. Ние нема очајнички да влеземе во овој натпревар и безглаво да бркаме резултат. Сакам да видам еден организиран Вардар на теренот кој ќе се бори за секоја топка и педа на теренот. Сакам ред и дисциплина, сѐ да биде плански и постепено“, вели тренерот на Вардар, Кристијан Фабијани.
Вардар на денешниот натпревар ќе биде без Торес кој е повреден и Босанчиќ кој доби два жолти картони на мечот во Скопје.
Натпреварот меѓу КуПС и Вардар почнува од 17 часот со директен пренос на Арена М1 Премиум.





