вторник, 14 јули 2026

Емиратите: Иран погоди два наши танкери во Ормускиот Теснец

Обединетите Арапски Емирати денеска соопштија дека Иран со крстосувачки ракети погодил два танкери на ОАЕ во Ормускиот Теснец, при што загинал еден индиски член на екипажот, а најмалку осум лица се повредени.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Министерството за одбрана на ОАЕ соопшти дека танкерите Момбаса и Ал Бахија биле нападнати во територијалните води на Оман. Загинатиот член на екипажот се наоѓал на танкерот Момбаса, се додава во соопштението.

Од осумтемина повредени, четворица се здобиле со тешки повреди. Шестмина од повредените се индиски, а двајца се украински државјани, соопшти министерството.

Министерството го осуди нападот и предупреди дека Емиратите го задржуваат „целосното право да одговорат на оваа ескалација“.

Во одделно соопштение, Агенцијата за поморска трговија на Обединетото Кралство (УКМТО) објави дека еден танкер бил погоден од неидентификуван проектил додека пловел на 40 наутички милји североисточно од оманскиот град Калхат.

УКМТО соопшти дека проектилот ја погодил машинската просторија на десната страна од бродот, но дека сите членови на екипажот се безбедни. Ројтерс не можеше веднаш да потврди дали извештајот на УКМТО се однесува на истиот инцидент за кој претходно извести Министерството за одбрана на Обединетите Арапски Емирати. Иран засега не ги коментираше најновите напади.

Американскиот претседател Доналд Трамп во понеделникот најави дека САД повторно воведуваат блокада на иранските бродови во Заливот и дека ќе обезбедат Ормускиот Теснец да остане отворен, со наплата за премин.

Вашингтон истовремено предупреди дека американските сили во наредните часови повторно „многу силно“ ќе го нападнат Иран, а иранските новински агенции јавуваат за експлозии на територијата на Исламската Република.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ