Ова помалку познато внатрешно сетило, кое научниците го нарекуваат интероцепција, делува како тивок комуникациски канал помеѓу нашите органи и мозокот.
Додека видот или слухот ни помагаат да се снајдеме во надворешниот свет, интероцепцијата ни кажува што се случува во нашето тело – од чувството на глад и жед, па сѐ до суптилните промени во работата на срцето кои директно влијаат врз тоа како се чувствуваме.
Невронаучниците и психолозите кои се занимаваат со овој феномен предупредуваат дека нарушувањето на ова сетило може да биде корен на многу психички проблеми. Кога мозокот погрешно ги толкува сигналите што му ги испраќа телото, доаѓа до емотивен краток спој.
Интероцепцијата е темелот врз кој ги градиме своите емоции. Ако не можеме точно да прочитаме што ни порачува нашето тело, потешко ќе управуваме со своите чувства, објаснуваат експертите.
Научните студии укажуваат дека нашите емоции всушност претставуваат интерпретација на физичките состојби. Кога сме исплашени, нашите мускули се стегаат, а дишењето станува поплитко. Интероцепцијата ги пренесува тие информации до мозокот, кој потоа на таа комбинација од физички сензации ѝ „додава етикета“ – страв.
За среќа, научниците нагласуваат дека ова скриено сетило може да се тренира и подобри.
Преку контролирани клинички експерименти, експертите развија вежби како што е „тренинг за свесност за отчукувањата на срцето“, каде што пациентите учат точно да го проценуваат својот срцев ритам без да го мерат пулсот на вратот или зглобот.
Докажано е дека овие вежби на фокусирање на дишењето и внатрешните процеси ја обновуваат оштетената врска помеѓу умот и телото, со што директно и долгорочно се намалуваат нивоата на стрес и анксиозност, пренесува порталот Сајенс алерт.





