Во заедничкото соопштение тие оценуваат дека ваквите измени веќе создале сериозен диспаритет во статусот меѓу јавните обвинители и судиите, што според нив директно влијае врз уставно гарантираната самостојност на Јавното обвинителство како државен орган.
„Финансиската независност претставува една од основните институционални гаранции за независно и непристрасно вршење на јавнообвинителската функција и не може да биде предмет на произволни и повторливи интервенции без објективни, јасни и уставно оправдани причини“, наведуваат од трите обвинителските институции.
Тие потсетуваат дека Уставот го утврдува Јавното обвинителство како самостоен државен орган надлежен за гонење на сторителите на кривични и други казниви дела, а таквата поставеност, според нив, претставува гаранција обвинителите функцијата да ја извршуваат професионално и без влијанија од други власти.
Од таму сметаат дека законските решенија со кои се намалува финансиската положба на јавните обвинители мора да бидат предмет на строга уставно-судска контрола, бидејќи можат да влијаат врз институционалната независност на обвинителството и довербата на јавноста во неговото работење.
Во реакцијата се наведува и дека прашањето за рамноправниот третман на самостојноста на обвинителството со независноста на судството одамна е надминато во современите европски држави. Како примери се посочуваат одлуки и практики од Словенија, Хрватска, Србија и Црна Гора, кои, според нив, се во согласност со европските и меѓународните стандарди.
„Финансиската независност не е привилегија на носителите на јавнообвинителската функција. Секое законско решение со кое без објективни и уставно оправдани причини се обезвреднуваат примањата на јавните обвинители неизбежно влијае врз положбата на Јавното обвинителство како самостоен државен орган“, пишува во соопштението.
Од Советот на јавните обвинители, Јавното обвинителство и Здружението на јавните обвинители очекуваат Уставниот суд да обезбеди навремена уставно-судска заштита и да спречи, како што велат, можност за нарушување на принципот на поделба на власта.
Според нив, намалувањето на коефициентите за плати може да создаде ризик од влијание врз самостојноста на обвинителството и да се одрази врз сите сегменти од неговото функционирање. Тие апелираат Уставниот суд, како чувар на уставноста и законитоста, да ја исполни својата улога во заштитата на владеењето на правото.
„Уставниот суд да ја отстрани секоја опасност да се дозволи директна контрола на извршната власт врз обвинителството во конкретниот случај со манифестирање низ намалувањето на коефициентите во Законот за платите на јавните обвинители и Законот за платите на членовите на Советот на јавните обвинители, бидејќи понатаму неминовно ќе се проектира и во сите останати сегменти на јавнообвинителското работење и ќе предизвика целосно нарушување на позицијата на Јавното обвинителство во системот. Токму тоа има обврска да го спречи Уставниот суд, бидејќи најважната улога на овој суд во системот на поделба на власта е да се осигура и да овозможи тој систем навистина да постои, односно да не дозволи негово нарушување“ велат од овие обвинителски институции.





