Вчера вечер во Велес бил приведен 69 годишниот Ј.Т., откако на улицата „Стеван Гајдов“ го нарушил јавниот ред и мир и не ги почитувал наредбите на полициските службеници.
„При преземените мерки било утврдено дека 69-годишникот бил под дејство на алкохол, при што му биле измерени 1,90 промили алкохол во крвта. Тој бил задржан во полициска станица, а по документирање на случајот против него ќе биде поднесена соодветна пријава“, информираа од МВР.
Во Кавадарци, пак, ноќта спроти 13 јули во раните утрински часови, полициски службеници од ОВР Кавадарци ги привеле Г.И. (40) и С.Ј. (49), поради нарушување на јавниот ред и мир пред угостителски објект на улицата „Илинденска“.
Според информациите од полицијата, двајцата оштетувале предмети, а при извршените проверки било констатирано дека биле пијани. Кај Г.И. биле измерени 1,63 промили, додека кај С.Ј. 1,46 промили алкохол во крвта.
Тие биле задржани во полициска станица, а против нив по документирање на настанот ќе бидат поднесени соодветни пријави.
Дополнително, во Струга биле приведени уште две лица поради агресивно однесување кон полициски службеници. Вчера во ОВР Струга бил приведен Б.Б., кој претходно агресивно се однесувал кон полициски службеници при вршење работи од областа на безбедноста.
Истиот ден попладне бил приведен и Н.Ж. од струшкото село Велешта, кој на улицата „Пролетерски бригади“ во Струга агресивно се однесувал кон полициски службеници.
„По целосно документирање на настаните, против сите лица ќе бидат поднесени соодветни пријави“, велат од МВР.





