Токму тука лежи најголемиот парадокс на современата европска безбедносна политика. Континентот кој во текот на дваесеттиот век беше разорен од две светски војни, кој создаде институции токму со цел да го надмине циклусот на воено ривалство, денес повторно се движи кон логика во која воената моќ, одвраќањето и стратегиската конфронтација стануваат основа на политичкиот поредок. Она што е особено загрижувачко е што нуклеарната димензија на оваа трансформација речиси и да не е предмет на сериозна демократска дебата.
Европа постепено се претвора во простор каде што нуклеарните сили се приближуваат едни кон други. Влезот на Финска и Шведска во НАТО значително ја промени стратешката географија на Северна Европа. Финска, земја која со децении ја градеше својата безбедносна политика врз воена неутралност и внимателно балансирање со Советскиот Сојуз, по пристапувањето кон Алијансата ја промени својата законска рамка за да овозможи потенцијално присуство на нуклеарни капацитети на својата територија. Во исто време, балтичкиот регион станува еден од најмилитаризираните простори во Европа.
Во центарот на оваа нова геополитичка нервоза се наоѓа Калининград, руската ексклава сместена меѓу Полска и Литванија, опкружена со членки на НАТО. За Москва, тој е клучен стратешки бастион, но за НАТО тој често се претставува како потенцијална точка на руска агресија. Токму поради неговата географска изолираност и воена важност, Калининград стана симбол на најопасната зона на европската конфронтација: простор каде што погрешна проценка, несреќен инцидент или намерна провокација би можеле да предизвикаат криза со непредвидливи последици.
Во пресрет на Самитот во Анкара кружеа низа разузнавачки проценки и медиумски шпекулации кои ја откриваат токму оваа атмосфера на страв и недоверба. Една од нив беше можноста Русија да се обиде со ограничен инцидент на Балтикот или во близина на Полска да го „тестира“ НАТО — особено политичката волја за примена на членот 5 од Северноатлантскиот договор, според кој напад врз една членка се смета за напад врз сите.
Но, паралелно постоеше и спротивниот тип на шпекулации: дека токму високата напнатост околу Калининград може да стане изговор за операции под лажно знаме (false flag), односно инциденти чиј вистински извор би бил нејасен, но кои би можеле да создадат политички притисок за понатамошна ескалација. Во такво сценарио, стравот од руска закана би можел да биде искористен за зајакнување на американското воено и нуклеарно присуство во Европа.
Важно е да се нагласи дека ваквите сценарија не треба да се третираат како докажани факти. Но, самото нивно постоење во јавниот простор покажува колку опасно станала логиката на конфронтацијата. Во услови на хибридна војна, сајбер операции, дезинформации и информативни операции, станува сè потешко да се разликува реалната закана од перцепираната закана, а уште потешко да се спречи политичко искористување на стравот.
Тука се наоѓа суштинскиот проблем со нуклеарната стратегија на одвраќање. Таа претпоставува рационални актери, совршени информации и способност кризите да бидат контролирани. Но, историјата на Студената војна покажува дека човештвото повеќепати било спасено не затоа што системот бил безбеден, туку затоа што поединци во критични моменти одбиле да реагираат според најлошото сценарио. Нуклеарниот мир никогаш не бил резултат на целосна контрола, туку на постојано избегнување катастрофа.
Особено загрижува фактот што оваа логика веќе не е ограничена само на Европа. Она што можеме да го наречеме „глобализирано НАТО“ (иако не постои како формална институција) се проширува преку мрежа на стратешки партнерства со држави како Јапонија, Јужна Кореја и Австралија. Во Индо-Пацификот, исто како и во Европа, се зголемуваат воените буџети, се развиваат нови стратешки договори и се отвора простор за поголемо американско воено, вклучително и нуклеарно, присуство. Јапонија, која единствена држава во историјата го искуси ужасот на атомското оружје врз цивилно население, денес повторно се движи кон нормализација на воената моќ. Јужна Кореја сè почесто дебатира за сопствените нуклеарни опции или за посилна зависност од американскиот нуклеарен чадор. Австралија, пак, преку нови безбедносни аранжмани, станува дел од поширока стратегија на ограничување на Кина. На тој начин, логиката на „безбедност преку сила“ се реплицира од Балтикот до Тихиот Океан.
Војната против Иран во 2025/2026 година отвори уште една опасна последица која речиси никој на Запад не сака да ја признае. Агресијата беше оправдувана со потребата да се спречи Иран да развие нуклеарно оружје, но политичкиот ефект може да биде токму спротивен. За многумина во светот, пораката што произлезе од оваа војна е едноставна: државите кои немаат нуклеарно оружје остануваат ранливи на надворешна интервенција, додека оние што поседуваат нуклеарен арсенал практично уживаат имунитет од директна воена агресија. Логиката е сурова, но разбирлива: доколку Иран веќе беше нуклеарна сила, веројатноста за ваков напад ќе беше далеку помала. Наместо да го јакне режимот на неширење (и аболиција) на нуклеарното оружје, оваа војна може да ги охрабри и другите држави да заклучат дека единствената вистинска гаранција за сопствениот опстанок е токму поседувањето нуклеарно оружје, дури и ако е под туѓо знаме.
Но, токму тука се поставува основното прашање: дали светот станува побезбеден затоа што има повеќе нуклеарни точки на напнатост? Или, напротив, станува поранлив затоа што повеќе актери, повеќе системи и повеќе линии на конфронтација значат и повеќе можности за грешка? Се разбира, ова се реторички прашања.
Под изговор на одвраќање и заштита, т.н. европски дел на НАТО ризикува да стане заложник на трајна конфронтација. Наместо да гради автономна безбедносна архитектура заснована врз дипломатија, контрола на вооружувањето и намалување на ризиците, таа стана простор во кој големите сили ја тестираат својата решителност.
Затоа, по Самитот во Анкара, вистинското прашање не е дали Европа е „во добра состојба“. Прашањето е дали таа навистина е побезбедна или само подобро вооружена за една иднина во која никој нема да биде безбеден. Најопасната илузија на нуклеарната ера е верувањето дека катастрофата може да се контролира само затоа што долго време не се случила. Вистинската безбедност започнува таму каде што завршува зависноста од постојана подготовка за војна.
Билјана Ванковска











