Сепак, работата не е толку едноставна. Заколнатиот материјалист би рекол дека нема ништо надвор од природата, т.е. од обртот и промената на материјата, па така, сите метафизички конструкти се сводливи на некоја даденост во материјалната стварност (која е единствената стварност). Да го земеме, на пример, „архи-констуктот“ – бог: концептот за бог служел (и честопати уште служи) како стабилизатор и кодификатор на општествената хиерархија, како легитимизирање на волјата за моќ и на социо-економската нееднаквост, но од друга страна и како еден вид интелектуална материјализација на една од најдлабоките психичко-егзистенцијални потреби на човекот, потребата за надеж во еден свет, во една стварност која сама по себе не
допушта многу покритие за надеж (да почнеме од неумоливата природна реалност на смртта, која, веројатно е единствениот сигурен факт кој можеме да го знаеме за сопствената иднина, потоа од (не)предвидливоста на болеста и страдањата, општествените апсурди и зла – „ништо ново под Сонцето“!…).
Преку поимот „бог“, човекот ѝ дава еден вид стварност на својата надеж, без која не би можел да живее, ѝ наречува објективна природа и со тоа ја стабилизира и кодифицира надежта, инаку толку нестабилна и нестварна по својата природа, пуштајќи ја во оптек универзалната психолошка валута – поимот „бог“.
Оттука, да се биде нихилист значи да се биде жигосан меѓу солуѓето, во општеството.
Етикетата „нихилизам“ не е лесно да се разбере, а уште потешко е да се носи етикетата „нихлист“: да се биде нихлист не значи дрско да се фрли камен во прозорецот на надежта, туку значи едноставно да се покаже дека тој прозорец не постои. Да се биде нихилист не значи да се спали и искине валутата „бог“, туку да се презре и одбие секаква трговија со неа, секакво положување на макар и најдребниот од сопстевните атоми на олтарот на која и да било општествена вредност: патриотизам, космополитизам, феминизам, социјализам, па дури и анархизмот, најблискиот „-изам“ до нихилизмот – освен во онаа мера, во која општествената принуда го налага тоа, без никаков внатрешен удел, туку напротив, со презир и цинизам.
Па сепак, денес се чини дека сè повеќе луѓе се скриени нихилисти. Плашејќи се (или
немајќи сила и волја) да го артикулираат сопствениот крик на револт и ужас кон општествената стварност во која живеат, артикулацијата на својот нихилизам ја бараат во опијатите на суб-културата (метал, панк…) или се препуштаат на цинично-(псевдо)интелектуална летаргичност.
Тука е важно да се направи една суштинска разлика: имено, помеѓу нихилизмот и
дефетизмот. Нихилизмот е сѐ уште израз на виталност, меѓутоа, „преобрната“ виталност. Виталност, која, доживувајќи го светот, општеството (и луѓето кои прифатиле да ги толкуваат своите општествени ролји во него) како непријателска сила која ги гуши нивните животни сокови и посегнува по нивната животна сила ја насочува својата енергија кон деструкција на силите и вредностите кои ги восприема како малигни и узурпаторски. Додека, пак, дефетизмот е лишен од секаква виталност: дефетистот, за разлика од нихилистот е индиферентен, човек-робот, испразнет
од животен сок и енергетски потенцијал, кој е неопходен за креација и деструкција. Тој нема волја да ги уништи ниту другите ниту себеси: лишен од секаква врска и идентификација – позитивна или негативна – со постоењето, освен вегетативно-механичка, тој е само часовник кој отчукува до својот крај.
Само аналитичко-ектраполирачкиот илузионизам на умот (патем, една од главните цели на напад на нихилизмот) нè лаже дека луѓето се или нихилисти или дефетисти. Во реалноста постои нихилистичко-дефетистичкиот тип, кај кој едната доминанта е поизразена, или, пак, и двете се менуваат во зависност од индивидуалниот карактер и околностите на кои тој е изложен.
Палетата на нихилистичко-дефетистичкиот тип е широка: од апстиненција од ѓурултијата на идеолошко-политичкиот пазар („пробудени“, „прогресивци“, „родољуби“, „верници“…), до цинично презирање на секоја вредност и идеал, естетско-интелектуална прослава на смртта и уништувањето, на мрачното и бизарното. Постојат, секако и малигни артикулации на нихилизмот: самоповредување (имплозија), повредување на други (експлозија).
Дали нихилизмот е омраза кон сопствениот вид, мизантропија? Ова би била премногу
избрзана и површна констатација. Станува збор за неподмитлива егзистенцијална искреност, која не трпи никакви еуфемизми, никакви интелектуални, идеолошки „додатоци за вкус“. Искреност, чија бруталност (било да е само интелектуално-естетска, или спроведена во дело) е само реакција на бруталноста на општеството кон поединецот, на лицемерието и предавството на секоја вредност, на секоја смисла, зад чија форма се крие содржина која го анихилира поединецот. Во таа смисла, нихилизмот (не дефетизмот) е афирмација: негација на негацијата – општествените вредности и фундаменти не само што повеќе не се гарант за добробитта на поединецот, туку се восприемени како малигна мимикрија и фарса чиј краен исход е анихилилација на индивидуата, моето сопствено уништување, дел по дел, во општествената мелница: „слободниот“ пазар, политичкиот систем, корпоративно-монополистичката економија. Трудољубивоста е гарант за моето исцрпување и туѓото богатење, гласањето е гарант за мојата општествена сегрегација преку одржување и
умножување на малигностите на постојниот социо-економски поредок, слободата на говорот е гарант за стигматизација и криминализација на слободата на мислата („говор на омраза“, „hate crime“ – новите цензорски достигнувања на „прогресивците!“), граѓанската партиципација во секој јавно-политички дискурс е гаранција за мојата ступидизација и алиенација преку тврдоглаво игнорирање на моите реални проблеми (низок животен стандард и опаѓање на вредноста на трудот,
опаѓање на социјалните придобивки од минатотото – достапни, функционални и квалитетни здравствени услуги и обрзазование, загадување и узурпација на животната средина, лоши услови за домување, прекумерна изложеност на малигни дразби: бучава, информација, климатски осцилации…) и подметнување на „кукавичини јајца“ – „culture wars“: род, раса, културно-интелектуален трибализам, редукција на општествената стварност на конструкт – за ова треба да ѝ се заблагодариме во голема мера на академската пост-структуралистичка турли-тава!).
Нихилизмот е биолошки императив: негацијата на негацијата, во елементарна форма е
основна функција на инстинктот (го отстранувам или уништувам она што е закана за мојата добробит или егзистенција). Со таа разлика што сега, самиот социо-екосистем, спрегата на општеството и природата, се доживеани како закана. Во еден свет кој не ми нуди ништо позитивно, во еден свет кој ја гуши мојата егзистенција со сите свои сили, ми остануваат две можности: мимикрија и лицемерие и(ли) нихилизам. Дали нихилизмот е колективна авто-имуна болест?
Можеби, но со таа разлика што нихилизмот го напаѓа веќе болниот сопствен организам –општеството, општото.
Но има уште една, можеби и највознемирувачка димензија на современиот нихилизам, или „Нихилизам 2.0“. Имено, многу мислители од минатото (Спиноза, Хердер, Маркиз де Сад, Бихнер, Ниче…) ја воочиле егзистенцијалната апсурдност на антропоцентризмот: идејата дека човекот е круна на природата и нејзин краен продукт. Напротив, овие луцидни и непоткупливи мислители ги врзува една – егзистенцијално вознемирувачка – мисла: дека човекот, човештвото и сите негови
достигнувања се само една епизода, и тоа можеби сосема маргинална, во непрекинатото движење и промена на материјата (еволуција), или изразено уште порадикално: човекот е грешка на природата, која таа наскоро ќе си ја исправи! Кусата историја на цивилизацијата и нејзиниот технолошко-технократски апогеј (автоматизација, вештачка интелигенција, кибернетика) сè повеќе изгледаат како емпириска верификација на оваа хипотеза. Човештвото е само игра со камчиња на
Природата спроти големиот океан на Бескрајот – Ништо, Природата, која е сосема рамнодушна и индиферентна – можеби дури и непријателски настроена – кон тоа што на човекот му е толку свето – неговите сопствени и најприсни потреби: егзистенцијална сигурност и ерос (креација и љубов).
Но – уште пострашно – оваа димензија се отсликува како образец втиснат во самото човечко општество, во самите вредности кон кои човекот се приклонува за да ги оствари своите потреби.
Меѓутоа, вредностите даваат производ спротивен од целта која човекот им ја наречува: наместо да водат кон остварување на човековите потреби, тие водат кон нивна анихилација. Оттука секој вредносен систем е подложен на етичка и значенска ентропија: нередот (во случајот на вредносните системи, кои се ментално-интелектуални, тоа се внатрешните контрадикции) расте, додека најпосле системот не колабира и(ли) не биде „изеден“ од друг систем: христијанството беше растргнато од секуларниот либерализам, секуларниот либерализам беше растргнат од фашизмот во брутална конвулзија… Денес се наоѓаме во претсмртниот грч на една еклектично- безизразна какафонија на капиталистичко-технократски облици на прото тоталитаризам („леви“, „десни“, „центристички“; „мејнстрим“ – „алтернатива“…) номинално ословена како неолиберализам. Можеби повеќе од било кој друг систем, неолиберализмот е тотална алиенација на општото од индивидуата: поединецот, кој освоил некои вртоглави висини со револуциите (политички и интелектуални) пред сè на XVIII и XIX век – социјална заштита, интелектуална слобода; поединецот, разнежнет и сенибилизиран со идеали за меѓучовечко братсво („куќа цел свет
братски ми е!“ – Рацин) и со допирот на уметноста која ги воздигна неговите чувства и очекувања од стварноста и сопствената егзистенција, сега треба да се соочи со регрес во брутален техно-деспотизам. Во (не)склад со духот на техно-капитализмот, личноста, таа круна на интелектуално-уметничкиот вознез на човекот во XIX век е во фаза на бришење – не само идеолошко, туку сè повеќе и физичко. Човекот е редуциран на забрзана производствена лента, на алгоритам кој генерира исход (output) во согласност со потребите на Капиталот. А алгоритамот нема свои
потреби, туку постои да ги задоволи туѓите потреби: потребите на човекот, и тоа оние
најелементарните, се целосно згазени од императивот на техно-капиталот. Згужвани и напикани во кубикулуми не само во своите канцеларии, туку и во своите сè попреплатени и сè поникакви домови, во животни услови кои сè повеќе наликуваат на индустриските фарми, интелектуално-креативно редуцирани на своите паметни телефони и разно-разни претплати, луѓето се всушност животни одгоени за кланицата на Капиталот. Техно-нихилизмот се манифестира како „infinite loop” или празниот ôд: човекот е функција во равенката на Капиталот, расчинета од сопствените човечки потреби и идентитет, која задоволува други функции во равенката, исто така испразнети од содржина. Сè е во име на задоволување на нашите потреби – ќе речат десните витези на слободниот пазар во блескав неолиберален оклоп – но задоволувајќи ги „нашите“ потреби, сме редуцирани на функции, варијабли и отуѓени токму од реалните потреби, кои се редуцирани само на номинален изговор за бескрајна репродукција на кругот на експлоатација, круг кој може да се затвори само со тотална имплозија или експлозија на системот кој продуцира и репродуцира – едно
големо Ништо. Или, како што вели нашиот народ: „ветар и магла“.
Зборовите „љубов“ и „креација“ уште малку ќе станат токму тоа – празни зборови, ознаки кои не означуваат ништо сраснато и познато на човековата природа, туку уште еден хиперстимуланс-анестетик на отапените сетила, достапен преку претплата на по кој знае кој пат рециклираниот блобастер на „Амазон“ или „Нетфликс“. Новиот сајбер-апартчик на трансхуманизмот е веќе на повидок. Патем, хистеријата врзана со рециклирањето на „зелените“ (назив, кој треба да се применува исклучиво на нивната памет, а никако на нивната врска со или деклариран став кон природата) е уште еден симптом на болестите наречени неолиберализам и трансхуманизам: не случајно рециклирањето – како спротивност на автентичноста – е еден од главните општествени обрасци, наметнувани со тоталитарна ревносност: сè треба да биде обновливо, заменливо, минималистичко – минимална функционалност, минимална производствена цена, максимална маржа – од облека и домување, сè до „уметнички“ дела. Со тоа, уметноста е претворена во својата сопствена спротивност: од спонтан израз на интимноста на поединецот, врвен чин на автентичност, „уметноста“ сега е само една од многуте функции на алгоритамот: обновлива, одржлива, предвидлива, достапна, брендирана, „скалирана“, лажирана, или – мимикрија – номинална форма, која само имитира „голема“ содржина и личносност. Нејзиниот врвен дострел е лајк и претплата, таа не провоцира, не скандализира (освен во мерката во која тоа е
релевантно за нејзината комерцијална функција) – во никој случај не се врежува во мислите и чувствата подолго отколку времето потребно да се испукаат пуканките пред проекционото платно или пред компјутерот, не е интимно, наивно и човечки противречна – елиптична и евазивна, а сепак интуитивно прецизна до безмилоснот – каква што автентичната уметност е, за разлика од филозофијата и религијата, кои никогаш не знаеле како да се справат со противречноста на постоењето.
Кога стварноста ќе ја замениме со академско-идеолошки конструкти и хиперстимулација како сурогати за нашата егзистенција, за „чувството да се биде жив“, тогаш не треба да нè чуди летаргичнота и рамнодушноста на човекот кон неговото човекување, кон стварноста и светот. Во познатиот роман на Маркиз де Сад, „120 дена Содом“ сензуалната куртизана Дукло ќе рече: „Жими бог, би гледала како универзумот згинува без ниту една воздишка или солза“. Тоа е сензибилитетот на човекот сосема отуѓен и отсечен од светот, општеството и стварноста во кои живее. Од другата страна, пак, се наоѓа техно-капитилистичката елита на мултимилијардери, полит-бирократи и идеолошки фанатици (кои често кокетираат со ознаката „филантропи“) за кои ниту една граница не е доволна – метафизиката на Капиталот: целото постоење за нив е фикција привид, кое мора да биде преуредено (читај: збришано) за „трансценденталната идеја“, за „повисоката стварност“ – вечно ширење, вечна експанзија на што не е (профитот, пазарот) за сметка на она што е (човекот,
ствароста). Или, како што вели еден од четворицата развратници-садисти од де-Садовиот роман: „колку ли пати, жими бога, не сум чезнеел да можам да јуришам на Сонцето, да го откорнам од универзумот, да створам сеопшта темнина, или да ја искористам таа ѕвезда за да го спалам светот!“. Доколку тоа ја зголеми маржата, макар и за 0,1%! Доколку тоа значи идеолошка катарза, макар и по цена на живите носители на идеологијата! Овој коктел од имплозивен и експлозивен нихилизам, оваа социјална поларизираност сочинета од уморно, дезилузионирано човештво со дистописки менталитет од една, и технократско-бирократски некро-витализам на забрзаниот
капитализам од друга страна е знакот на нашето (не)време.
Филип Клетников











