сабота, 4 јули 2026

Медиуми во ЕУ: Трамп од годишнината на независноста на САД направи прослава на самиот себе

Медиумите во ЕУ главно оценуваат дека американскиот претседател Доналд Трамп денешната прослава на 250-годишнината на САД ја претворил во прослава на својата политика и на самиот себе.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Со наслови како „Годишнина со горчлив вкус“, „Избледен ентузијазам“, „Длабоко поделена Америка“ и „Угледот на САД се влошува во светот“, европските медиуми во извештаите од другата страна на Атлантикот укажуваат и на видливото слабеење на сојузништвото меѓу Европа и САД поради политиката на изолационизам на Трамп, под мотото „Америка на прво место“.

Особено остри осврти се забележуваат во француските медиуми, кои потсетуваат на клучната улога на Франција во поддршката на борците за американската независност против Британската империја пред два и пол века.

Парискиот весник Монд пренесува дека „прославата на независноста не ја намалува постојаната поделба на американското општество, која Доналд Трамп непрестајно ја поттикнува“.

Германскиот портал Дојче веле укажува дека односите меѓу Берлин и Вашингтон „сега се особено затегнати, а причината за тоа е пред сè Доналд Трамп – можеби најнепопуларниот претседател на САД во Германија, чии предци исто така потекнуваат од Германија“.

Белгискиот весник Соар наведува дека „Трамп го претворил 4 јули во сопствен инструмент за прославување на претседателскиот култ на личноста и конзервативната идеологија“.

Британскиот портал Би-би-си објави дека Трамп во говорот по повод годишнината од независноста „предупредил на заканата од повторното оживување на она што го нарекол ’комунистичка опасност и опасност од дојденци‘ – идеи што се спротивни на американскиот начин на живот“.

Би-би-си објаснува дека „пораките на Трамп одразуваат сè поизразена политичка линија на напади пред изборите за Конгресот на половина од претседателскиот мандат, во ноември, со која републиканците на Трамп сакаат да ги жигосаат демократите како комунисти“.

Францускиот весник Фигаро смета дека два мандата од владеењето на Трамп имаат негативно влијание врз кохезијата на неговата земја бидејќи „идеалот за еднаквост воспоставен од основачите на независноста стана многу оддалечен, системот на контрола и рамнотежа на власта е напукнат, а реформите немаат перспектива“.

Шпанскиот дневен весник Ел Паис прашува дали САД се „Големиот ѓавол“, како што ги нарекуваат во Иран, или „неопходна голема сила“, како што порано ги опиша поранешната американска државна секретарка Медлин Олбрајт.

„Во услови на големи промени во своите геополитички позиции, Америка“, пишува мадридскиот весник, „се соочува со сè поголеми глобални соперници, економска неизвесност и сомнеж за сопствената улога во светот“.

Парискиот Фигаро, како и неколку медиуми во ЕУ, пренесува анализа на американскиот истражувачки центар „Пју“, спроведена во 36 земји со учество на 42.000 испитаници, која покажува дека мнозинството не ги гледа САД како партнер достоен за доверба.

„Пју“ наведува дека од независноста, САД извршиле околу илјада воени интервенции низ целиот свет, од кои една третина се случиле по 1990 година, и дека дури 65 проценти од анкетираните веруваат дека Америка малку или воопшто не придонесува за меѓународниот мир и стабилност.

Анализата на центарот „Пју“ покажува дека само седум од 36 земји во светот ги сметаат САД за пријател, што го мислат повеќе од 80 проценти од Израелците и само десет проценти од жителите на Италија, Индонезија и Турција.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ