сабота, 4 јули 2026

Брисел признава проблеми со новиот систем за влез во ЕУ: Патниците чекаат и до пет часа на границите

Претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лаен, призна дека новиот дигитален систем за регистрација на влез и излез од Европската Унија (ЕЕС) се соочува со технички проблеми, по многубројните поплаки за чекање со часови на границите и аеродромите.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Зборувајќи на прес-конференција во Корк, Ирска, фон дер Лаен рече дека Европската комисија работи со земјите членки за решавање на тешкотиите во функционирањето на системот.

„Работиме со земјите членки за решавање на техничките проблеми“, рече таа.

Проблемите особено дојдоа до израз за време на летната туристичка сезона. Аеродромите и авиокомпаниите предупредуваат дека новиот систем, кој бара од патниците од земјите надвор од ЕУ да регистрираат биометриски податоци, предизвикува чекања со часови, доцнења на летови и пропуштени конекции.

Ова е првпат Европската комисија јавно да ги признае сериозните тешкотии, откако претходно тврдеше дека влијанието на системот на повеќето аеродроми е ограничено.

Претставници на европските аеродроми и авиокомпании велат дека патниците за време на најголемите гужви на граничните контроли чекаат и до пет часа. Затоа тие побараа на земјите членки да им се дозволи привремено да ја суспендираат имплементацијата на системот во текот на јули и август.

Системот ЕЕС бара од граѓаните на земјите кои не се членки на ЕУ, како што се Обединетото Кралство и Соединетите Американски Држави, да им се земат отпечатоци од прсти и фотографии од лицето при првиот влез во ЕУ. Целта е да се заменат печатите во пасошите со дигитални записи, со што ќе се олесни откривањето на пречекорувањата на дозволениот престој и употребата на фалсификувани патни документи.

Сепак, на некои големи аеродроми, граничните службеници сè уште внесуваат податоци рачно, додека само Шведска и Португалија досега воведоа забрзани апликации за регистрација.

Поради големите гужви, некои аеродроми и пристаништа привремено го прекинаа собирањето биометриски податоци со цел да се забрза протокот на патници.

И покрај проблемите, Европската комисија нагласува дека системот придонесува за поголема безбедност. Според ирскиот министер за внатрешни работи Џим О’Калахан, од воведувањето на ЕЕС, речиси 110 милиони патници поминале низ системот, а околу 1.000 лица се идентификувани како лица кои претставуваат безбедносен ризик за Европската Унија.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ