Во македонското кривично право, непресметливост претставува состојба на сторителот во која, поради душевна болест, привремено психичко растројство, заостанат душевен развој или друга потешка душевна сметеност, тој не е способен да го сфати значењето на своето дејствие или не може да управува со своите постапки. Во таква состојба, лицето нема кривична одговорност, бидејќи недостасува една од основните претпоставки за вина – способноста за разбирање и самоконтрола во моментот на извршување на делото.
Правото не смее да остане затворено во учебниците, законите и судниците. Неговата вистинска вредност се огледа во способноста да даде одговор на сложените животни ситуации и да понуди правично решение таму каде што се судираат фактите, вината и правдата. Токму затоа, да се биде правник не значи само да се познаваат законските норми, туку и да се преземе одговорност за отворање стручни дебати за прашања што ги тестираат границите на кривичното право и ја обликуваат судската практика.
Едно од таквите прашања е институтот actio libera in causa – правна конструкција што го поставува едно од најпредизвикувачките прашања во кривичното право: дали сторителот може да се повика на сопствената непресметливост кога токму тој свесно и доброволно ја предизвикал? Одговорот на ова прашање ја определува границата меѓу непресметливоста како основ за исклучување на кривичната одговорност и непресметливоста како последица на претходно виновно однесување. Замислете лице кое, неколку часа пред извршување на кривично дело, свесно консумира голема количина алкохол или психоактивни супстанции со намера да ја намали сопствената самоконтрола. Во моментот на извршување на делото, тоа повеќе не е способно целосно да го сфати значењето на своите постапки или да управува со нив. Дали во таков случај станува збор за непресметливост што ја исклучува кривичната одговорност, или, пак, за одговорност што произлегува од претходното виновно однесување?
Одговорот го дава токму институтот actio libera in causa. Иако сторителот во моментот на извршување може да се наоѓа во состојба на непресметливост, кривичноправната оценка не се ограничува само на тој момент. Судот ја оценува и претходната фаза-моментот кога сторителот свесно и доброволно се довел во состојба на намалена или исклучена пресметливост. На тој начин, вината не се бара исклучиво во моментот на извршување на делото, туку и во претходното однесување со кое сторителот сам ја создал состојбата што довела до неговото извршување. Оттука, никој не може да се повика на непресметливост како основ за исклучување на кривичната одговорност ако токму тој виновно ја предизвикал.
Овој институт претставува израз на принципот дека никој не смее да извлече правна корист од сопственото виновно однесување. Неговата цел е да спречи непресметливоста, кога е самопричинета, да стане средство за избегнување на кривичната одговорност. Истовремено, примената на actio libera in causa бара особена претпазливост, бидејќи судот мора да утврди дека сторителот, во моментот кога се довел во таквата состојба, дејствувал со умисла или најмалку бил свесен за ризикот дека може да изврши кривично дело. Само врз основа на таква внимателна и индивидуализирана проценка може да се обезбеди правилна примена на законот и доследно почитување на принципот на вина како темел на кривичната одговорност.
Добар кривичар не е оној што само ги познава законските одредби, туку оној што ги разбира принципите врз кои почива кривичното право и не се плаши да ги преиспитува нивните граници.
Ребека Иванова,
поранешен член на Европското здружение на студенти по право и
волонтер во Основното јавно обвинителство Скопје












