Досегашните истражувања покажаа дека прекумерната консумација на алкохол е поврзана со полоши здравствени исходи, без оглед на видот на пијалакот. Меѓутоа, новото истражување сугерира дека ефектите од мала до умерена консумација можат да зависат од тоа каков вид алкохол пијат луѓето.
Жестоките алкохолни пијалаци, пивото и јаболковиот сајдер се поврзани со поголем ризик од смртност, додека виното е поврзано со помал ризик.
На пример, лицата кои умерено консумирале вино имале 21 отсто помал ризик од смрт поради кардиоваскуларни заболувања, додека дури и малата консумација на други видови алкохолни пијалаци била поврзана со девет отсто поголем ризик, пренесува Еуроњуз.
„Овие резултати се однесуваат на општата популација, а кај одделни групи со зголемен ризик, како што се лицата со хронични заболувања или кардиоваскуларни болести, ризиците би можеле да бидат уште поголеми“, изјави главната авторка на студијата, Џанглинг Чен.
Како е спроведено истражувањето?
Резултатите се базираат на податоци од повеќе од 340.000 возрасни лица од Велика Британија, собрани како дел од проектот Биобанка во Велика Британија меѓу 2006 и 2022 година.
Учесниците биле распоредени во групи според количината на внесен алкохол, изразена во грамови чист алкохол на дневно и неделно ниво, а нивната здравствена состојба се следела во просек подолго од 13 години.
Во споредба со лицата кои не пијат алкохол или консумираат само повремено, оние што пиеле големи количини алкохол имале:
- 24 проценти поголем ризик од смрт од која било причина,
- 36 проценти поголем ризик од смрт од рак,
- 14 проценти поголем ризик од смрт од срцеви заболувања.
Кај лицата кои консумирале мали до умерени количини алкохол се појавиле значителни разлики во зависност од видот на пијалакот. Консумирањето вино било поврзано со помал ризик од смрт, а пиењето жестоки алкохолни пијалаци, пиво или јаболков пијалак со поголем ризик.
„Нашите резултати помагаат да се разјаснат спротивставените наоди за лесната и умерената консумација на алкохол. Тие сугерираат дека здравствените ризици зависат не само од количината на консумиран алкохол, туку и од видот на пијалакот“, рече Чен.
Зошто виното може да има поинаков ефект?
Истражувачите веруваат дека разликите би можеле да бидат последица на соединенијата што се наоѓаат во виното, како што се полифенолите и антиоксидантите, но и на целокупниот начин на живот на луѓето што го консумираат.
Виното најчесто се пие со оброци и почесто го избираат луѓе кои се хранат поздраво, додека пивото, јаболковиот пијалак и жестоките пијалаци почесто се поврзуваат со полоши навики во исхраната и други фактори на ризик.
„Сè заедно покажува дека видот на алкохол, начинот на кој се консумира и животните навики поврзани со него придонесуваат за забележаните разлики во ризикот од смртност“, рече Чен.
Истражувањето има и ограничувања
Авторите нагласуваат дека ова е опсервациско истражување, што значи дека не може да докаже причинско-последична врска.
Покрај тоа, учесниците ги пријавиле своите податоци за консумација на алкохол само на почетокот на студијата, без да се следат какви било промени во текот на годините.
Исто така, учесниците во проектот главно се поздрави и имаат подобар материјален статус од просечната популација, па резултатите не можат целосно да се применат на сите луѓе. Поради тоа, истражувачите сметаат дека се потребни клинички испитувања за попрецизно да се утврдат ефектите од различните видови алкохолни пијалаци.
Ова истражување се надополнува на растечкиот број студии кои покажуваат дека дури и умерената консумација на алкохол може да претставува ризик по здравјето.






