Под водство на маестро Сашо Татарчевски, хорот на 20 јуни настапи на традиционалниот меѓународен фестивал „Вокс лихнидос“ во Охрид. Во уникатниот амбиент на катедралната црква „Света Софија“, пејачките се претставија со внимателно избрана програма составена од хорски аранжмани на џез и популарна музика. Покрај Женскиот младински хор при МКЦ, на фестивалот настапија уште два хора од Македонија, како и четири ансамбли од Србија и Словенија.
Само неколку дена подоцна, од 25 до 28 јуни, хорот по специјална покана настапи и на меѓународниот фестивал „Нека биде лето“ во Бургас, Бугарија.

Во текот на фестивалот, Женскиот младински хор при МКЦ одржа три концертни настапи со различни програми, изведувајќи дела од македонските композитори Трајко Прокопиев, Тодор Скаловски, Драган Шуплевски, Кирил Македонски и Александар Лековски, како и композиции од светски автори, меѓу кои Хоги Кармајкл, Харолд Арлен, Ричард Роџерс, Оливер Худ, Џони Мерсер и легендарната група АББА.
Освен концертните настапи, хористките учествуваа и на креативно музичко атеље, каде заедно со останатите учесници работеа на две нови хорски композиции. Нивната светска премиера беше изведена на гала-концертот со кој беше затворен фестивалот.

Настапите се одржаа на сцената на Летниот театар во Морската градина во Бургас, како и во новиот културен центар на градот, а, како што информираат од хорот, реакциите на публиката и учесниците повторно биле исклучително позитивни.
Интензивната концертна сезона Женскиот младински хор при МКЦ ќе ја заокружи на 4 јули, со настап на фестивалот „Драган Шуплевски“, кој годинава ќе се одржи во Музејот на македонската борба за самостојност во Скопје.







