И покрај речиси 40 Целзиусови степени и топлотниот бран што ја зафати Европа, повеќе од 200 скејтери од сите континенти без пречка настапија на натпреварувањето. На островот Штванице покрај Влтава, натпреварите во street, bowl и vert се одвиваа три дена, пред полни трибини и типичната прашка фестивалска атмосфера со концерти, гастрономија и релакс-зони.
Во машката street дисциплина годинава славеше Белгиецот Ноа Де Џегер, кој со комбинација од технички трикови и стабилни линии ја освои публиката и судиите. Второто место му припадна на Американецот Костон Итон, додека трет заврши Аргентинецот Матиас Дел Олио.

Во женската street конкуренција триумфираше Ирине Панцаволта, која доминираше во обете финални рунди. Зад неа се пласираше Џазмин Алварез, додека третото место ѝ припадна на домашната надеж Лаура Жачкова, која на домашен терен успеа да стигне до својот прв Мистик подиум.
Во машката bowl категоријата најдобар беше Валентино Дамицо. Зад него се најдоа Гуљелмо Марин на второто место и Хериклес Фагундес на третото, со што bowl финалето остана едно од највозбудливите сегменти на викендот.
Филипинката Мазел Парис ја освои женската bowl дисциплина. Второ место освои Наија Кастро, а третата позиција ѝ припадна на Маја Шпатшек.

Во класичниот vert победајата ја однесе Луке Келер. Втор на подиумот беше Еш Вилкомес, а трет заврши Изеи Вилакортa Пардо. Во женска конкуренција, Мазел Парис повторно беше непобедлива и со тоа го комплетираше својот двоен триумф на годинешното издание на Мистик скејт куп. Зад неа се најдоа Наија Кастро на второто место и Лили Страхан на третото.
Мистик скејт кап и оваа година покажа дека е многу повеќе од класичен скејт натпревар. Илјадници посетители уживаа во тридневен фестивал, во кој подеднакво важни беа скејтбордингот, музиката, дружбата и релаксирањето на градската плажа веднаш до скејт-паркот на Штванице. Без ниту едно одложување поради жештините, организацијата уште еднаш потврди зошто купот речиси три децении е меѓу најценетите скејт-настани во Европа и задолжителна станица во календарот на најдобрите скејтери од светот.
Иво Бранковиќ






