Онаа сигурна, комфорна средина во која напорната работа гарантираше рамнотежа и напредок и што некогаш претставуваше столб на стабилноста на секое општество, денес забрзано исчезнува под притисокот на глобализацијата и наметнатата инфлација во секој поглед. Ваквиот економски тренд, колку на прв поглед и да изгледа чудно, најде свој совршен одраз во најпрестижната кошаркарска лига на светот. НБА лигата денес се соочува со идентична длабока, структурна преобразба во која средната класа на играчи, оние сигурни, квалитетни стартери и искусни резерви кои секогаш ја сочинувале душата на секоја победничка екипа, буквално се бришат од платниот список. Под влијание на новите брутални правила на колективниот договор меѓу лигата и синдикатот на играчи, финансиските услови во НБА прераснуваат во дистописко огледало на модерното општество. Клубовите денес носат одлуки кои претходно беа незамисливи, креирајќи состави со драстични разлики во платите, во кои веќе нема место за играчите од златната средина на примања.
Оваа паралела станува уште поочигледна кога ќе се споредат бројките и моќта. Во реалниот свет, јазот меѓу екстремно богатите и средната класа веќе не се мери во проценти, туку во светлосни години. Од една страна, грст технолошки милијардери и сопственици на глобални конгломерати акумулираат богатство што ги надминува буџетите на цели држави, а од друга, просечниот претставник на средната класа како наставникот, инженерот или лекарот се соочува со ситуација во која неговите стабилни примања веќе не се доволни за купување сопствен дом или за обезбедување на сигурна иднина без долгови. Односот меѓу платата на извршните директори и обичниот работник во изминатите неколку децении порасна од еден, донекаде разумен сооднос, од 20:1, во фрапирачки 300:1, па и повеќе. НБА го следи речиси идентичниот математички пресврт. Суперѕвезда со „супермакс“ договор денес заработува над 60 милиони долари годишно, додека неговиот соиграч, кој често минува исто време на теренот, поднесува ист физички товар, а често е и клучниот во победата на неговиот тим, принуден е да игра за ветерански минималец од околу 2,5 до 3 милиони долари. Овој јаз од преку дваесетпати во примањата на луѓе кои ја работат истата работа на истото место не е само куриозитет туку создава сосема нов финансисики и социјален однос во кој трудот на „работниците“ на теренот е екстремно деградиран за да се задоволи незаситноста на најтесниот врв.

Виновникот за оваа радикална промена е системот на даночни прагови, поточно таканаречениот „втор праг“ на луксузот, кој дејствува како вистинска немилосрдна финансиска гилотина за секој тим што сака да одржи длабочина на својот состав. Претходно, сопствениците на клубови со длабоки џебови можеа едноставно да го платат данокот на луксуз и да ги задржат своите клучни резервни играчи. Без многу размислување ги прифаќаа финансиските пенали во име на конкурентноста на тимот. Но, новите правила ја трансформираа казната за луксуз од чисто финансиска во драконска спортска казна што ги осакатува тимовите. Клубовите кои ќе го надминат овој втор праг го губат правото да го користат т.н. исклучок од средно ниво и да потпишуваат играчи за плата поголема од минималната. Второ лимитирање е тоа што при трејдови не можат да ангажираат играчи со поголема плата од играчите што заминуваат од клубот. Трето, нивните пикови од првата рунда на драфтот се замрзнуваат и се преместуваат на дното од првата рунда.
Овие сериозни ограничувања ги принудуваат генералните менаџери да го прифатат т.нар. модел на „двострана тежина“ или “модел на шипка“ (barbell model) во градењето на тимовите. Во бизнисот, финансиите и филозофијата, “моделот на шипка“ опишува стратегија која во голема мера се фокусира на две екстремни спротивности, додека целосно ја игнорира средината. Преведено во НБА тоа значи дека наместо да инвестираат во квалитетни кошаркари со договори вредни меѓу 15 и 22-3 милиони долари по сезона, клубовите сега ги трошат сите свои средства на две или три суперѕвезди кои заработуваат над педесет милиони годишно, додека остатокот од тимот го пополнуваат со млади играчи на евтини дебитантски договори или ветерани кои се согласуваат да играат за минимална плата.
Да го земеме за пример тимот на Бостон Селтикс. Трите главни играчи, Џејсон Тејтум, Џејлен Браун и Дерик Вајт, годишно заработуваат 145 милиони долари. Следниот најплатен играч е Сем Хаузер со 10,8 милиони долари, а сите останати заедно, вклучувајќи го и Хаузер, заработуваат вкупно 35 милиони. Во составот на Бостон нема ниту еден играч со плата меѓу 15 и 22-3 милиони што во НБА се смета за плата на кошаркари од средна вредност. Или на пример Филаделфија ‘76, каде што три ѕвезди: Џоел Ембид, Тајрис Макси и Пол Џорџ, со три максимални договори, апсорбираат речиси 95% од буџетот за плати. Преостанатите 12 места во составот се пополнети строго со ветерани на ветерански минималец и со дебитантски договори. Кај Лејкерси ЛеБрон заработува над 52 милиони, Лука 46 и Ривс, со новиот договор, 41,5 милиони годишно. Вкупно тројцата 139,5 милиони. Но, за разлика од претходните примери, тие имаат и еден играч со средна плата, Руи Хачимура со 18 милиони. Затоа пак платите на останатите кошаркари се движат од 11 на Вандербилт до 1,2 милиони годишно на Тиеро. Примерите за ова се насекаде во НБА и оваа реалност е сурова за играчите кои некогаш беа најбарани на пазарот. Играчи од типот на Кентавиус Колдвел-Поуп или Кејлеб Мартин, кои одиграа клучни улоги во своите некогашни шампионски тимови или финалисти. Вредни кошаркари кои се најдоа во ситуација нивните матични екипи да ги пуштат да заминат затоа што секој дополнителен долар одвоен за нив значеше и активирање на рестрикциите од вториот праг. Сeтете се само на Денвер Нагетс кои по нивната шампионска сезона го пуштија Брус Браун да замине затоа што не можеа да дозволат да го платат колку што навистина вредеше. Наместо долгорочна сигурност во тимовите каде што се етаблираа, овие играчи беа принудени или да прифатат драстично помали износи за да останат конкурентни, или да се преселат во послаби клубови кои сè уште имаат простор во буџетот.

Оваа пред сѐ финансиска трансформација има длабоки последици врз тимовите, врз самата игра и врз квалитетот на производот што се нуди на гледачите. Без стабилна средна класа кошаркари, НБА тимовите го губат континуитетот и кохезијата. Шампионските состави кои порано се градеа со трпеливост и со години уигрување на играчите со различни улоги, денес се распаѓаат веднаш по освојувањето на титулата или по плејофот, затоа што финансиската реалност не дозволува нивно одржување. Играта станува сè повеќе зависна од индивидуалното здравје на двете/трите најскапи ѕвезди на теренот и доколку една од нив се повреди, тимот веднаш колабира бидејќи зад нив нема доволно квалитетна поддршка што може да го издржи товарот на долгата сезона.
Исчезнувањето на средната класа во НБА го дефинира почетокот на една нова, не така романтична ера во професионалниот спорт. Тоа е свет во кој пазарот повеќе не го вреднува квалитетот на кошаркарот според неговиот придонес на теренот, туку според тоа колку добро се вклопува во тесната математика на пресметките за плати. Општествата во своите дебати окулу начините за враќање на средната класа и економската рамнотежа меѓу класите генерално, за пример можат да ја земат НБА лигата преку која пластично се гледа што се случува кога системот директно ја уништува средината во потрага по екстремна ефикасност и заштита на најбогатите. Резултатот е лига со фантастични ѕвезди, но со сè послаби тимови, лига каде што играњето, а и опстанокот стануваат некомотни за сите освен за оние од самиот врв на пирамидата.
Љубомир Николовски












