вторник, 30 јуни 2026

Филмот за Мајкл Џексон е најуспешниот биографски филм на сите времиња

Филмот „Мајкл“, за животот на американската музичка ѕвезда Мајкл Џексон, го престигна „Опенхајмер“ и стана биографски филм со најголема заработка на сите времиња, откако на светските кино благајни заработи 977 милиони долари.

Фото: Скриншот

Објавено на

часот

Сподели

Филмот претходно стана и музички биографски филм со најголема заработка, надминувајќи го филмот од 2018 година „Боемска рапсодија“, кој ја раскажува приказната за бендот Квин (Queen).

Сега го надмина филмот на Кристофер Нолан од 2023 година за американскиот теоретски физичар Џ. Роберт Опенхајмер, кој претходно го држеше рекордот за филмови засновани на животите на вистински луѓе, објави Би-би-си.

Филмот „Мајкл“ е режиран од Антоан Фукуа и го следи патувањето на Џексон од детска ѕвезда во семејната група „Џексон 5“ до глобална соло ѕвезда позната како Кралот на поп-музиката.

Главната улога ја толкува Џафар Џексон, братучед на пејачот, додека Колман Доминго и Ниа Лонг ги играат неговите родители.

Филмот „Мајкл“ привлече голем број обожаватели на Џексон низ целиот свет, особено поради прикажувањето на неговото детство, реконструкциите на познати концерти и музичките видеа.

Сепак, филмот беше критикуван и од некои филмски рецензенти, кои го опишаа како разводнет и разубавен приказ на животот и кариерата на Мајкл Џексон.

Поголемиот дел од критиките беа насочени кон фактот дека филмот не се осврнува на обвинувањата за сексуален напад упатени против пејачот. Според извештаите, делови од филмот што се поврзани со овие обвинувања биле отстранети по претходен договор за доверливост.

И покрај лошите критики, публиката го оцени филмот значително подобро од рецензентите, според податоците од страниците за оценување филмови.

Според американските медиуми, „Лајонсгејт“ би можел да издаде барем уште еден филм за животот на Џексон.

Успехот на филмот, исто така, влијаеше на зголемувањето на слушање на музиката на Џексон на стриминг платформите.

Песната „Били Џин“ во моментов е најслушаната песна на Спотифај.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ