Лигата на шампионите има нов формат, се почнува од група која е составена од четири екипи, Вардар е заедно со Нант, Мелсунген и Висла Плоцк. Првите две екипи продолжуваат понатаму.
„Многу сме среќни и задоволни што после четири години ќе играме Лига Шампиони, така што со нетрпение го очекуваме септември и да го започнеме нашиот пат во најелитното клупско натпреварување. Секој противник е различен и за секој противник треба посебно да се подготвиме. Но за Вардар најважно е да бидеме конкурентни. Имаме шест натпревари во групната фаза. Сакам да видам јак, борбен, тимски Вардар со заедничка цел да ја поминеме групната фаза. Ќе имаме прилика да видиме до каде сме и на што може да се надеваме во оваа група“, вели Чупиќ.
Тој вети дека вардарци ќе го даваат максимумот на секој натпревар, а очекува голема поддршка и од навивачите кои треба да бидат значаен сегмент на домашните натпревари.
„Ние сакаме да го дадеме максимумот на секој натпревар и да пробаме да се пласираме во Главната фаза. Лигата на шампионите е многу тешко натпреварување и секоја екипа која е овде заслужува да биде дел од него. Просторот за грешка на секој натпревар е мал, па секој натпревар ќе биде тежок. Шансата да бидеме конкурентни ја гледам во нашата енергија, нашата младост, но и полна сала во Јане Сандански каде што сите знаат дека е многу тешко да се игра. Ние мораме да дадеме и повеќе од себе за да привлечеме повеќе публика, да го наполниме Јане Сандански, а сите знаеме дека кога гори Јане тешко е некој да нѐ победи. Публиката секогаш е нашиот осми играч, а ние на теренот сме семејство. Заедно со публиката сме непобедливи во нашата сала и сите со нетрпение го очекуваме првиот натпревар дома и веруваме пред полни трибини“.
Тренерот на Вардар потенцира дека мора да има сплотеност во тимот, да функционира како фамилија и без страв да се влезе во битката со противниците.
„Ние уште од подготовките мораме да покажеме дека сме семејство и сме сите тука за Вардар и мораме и индивидуално и колективно да го покажеме тоа. Се надевам дека навивачите тоа ќе го препознаат. Минатата сезона имавме супер поддршка и дома и низ Европа и веруваме дека ќе ги привлечеме и оваа година да бидат наш осми, деветти, десетти играч. Вардар е клуб со голема историја и знаеме што значи овој клуб за навивачите и знаеме дека мораме да дадеме сè од себе. Пораката за навивачите е секогаш иста како и во минатата сезона во лигата, купот и Лигата на Европа. Ние ќе дадеме максимум, до крајни граници за да го одбраниме овој дрес кој тежи многу и секогаш носи притисок. Но ние немаме страв и ќе ги оправдаме очекувањата на нашите навивачи, за кои верувам дека ќе нѐ поддржат на секој натпревар. Уште еднаш би сакал да им се заблагодарам за минатата сезона и верувам дека и оваа сезона ќе ги радуваме со победи и ќе заминуваат среќни од сала. Главната наша задача е да го дадеме срцето за Вардар, од првиот до последниот член на клубот.“






