четврток, 25 јуни 2026

Порше има нова стратегија – помалку автомобили за поголем ќар

По рекордната 2023 година, во која Порше испорача 320.221 автомобили, ситуацијата значително се промени во следните две години.

Објавено на

часот

Сподели

Остриот пад на продажбата во Кина, предизвикан од зајакнувањето на локалната конкуренција и прекинот на производството на моделите макан и 718 во Европа поради новите регулативи за сајбер безбедност, имаше силно влијание врз продажбата. Така, испораките во 2025 година паднаа на 279.449 возила, враќајќи се на нивото од 2020 година, а почетокот на 2026 година исто така не е добар знак, со пад на побарувачката од 15 проценти во првиот квартал. Соочени со новата реалност, Порше најавуваат намалување на производствените капацитети, но сепак се стремат кон поголем профит.

Во разговор за германскиот весник Франкфуртер алгемајне цајтунг, извршниот директор Михаел Лајтерс е јасен: „Порше мора да заработува дури и со помалку автомобили“. Целта е да се фокусира на повисоки маржи за постојните и идните производи, дури и ако тоа значи жртвување на вкупната продажба на возила.

Лајтерс потврди дека, и покрај намалувањето на производството, гамата на модели ќе се прошири, што вклучува враќање на спортските модели 718. „Сакаме да продолжиме да привлекуваме нови клиенти кон марката“, вели тој. Иако не дава детали, познато е дека моделите бокстер и кајман ќе се нудат со мотори со внатрешно согорување, но и во целосно електрични верзии.

Франкфуртер алгемајне цајтунг наведува дека иднината на претходно најавениот голем кросовер со три реда седишта, кој би бил позициониран над моделот кајен, во моментов е неизвесна. Проектот, со кодно име K1, првично бил замислен како целосно електрично возило, но Порше подоцна одлучи да додаде мотори со внатрешно согорување во плановите. Сега се вели дека е сомнително дали развојот на тој модел воопшто ќе продолжи.

Од друга страна, сè уште постои можност за нов модел со високи перформанси позициониран над култниот 911. Порше потврди уште во март дека размислуваат за хиперавтомобил заедно со нов гранд турер, но иднината на двата проекта зависи од реакциите на клиентите. Повеќе информации за иднината на понудата се очекуваат оваа есен, кога треба да дознаеме детали за новиот компактен кросовер што ќе го замени макан од првата генерација, чие производство завршува ова лето.

Порше планира и да ја продлабочи соработката со Ауди со цел да ги намали трошоците, за кои Лајтерс изјави дека излегле „од контрола“ во последните години. Извршниот директор одби да ги коментира гласините за можно отпуштање на помеѓу две и четири илјади работници. Тој само најави дека новата програма за намалување на трошоците треба да биде завршена пред вообичаената летна пауза во јули.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ