Иако откривања на заборавени автомобилски класици не се невообичаени, овој се издвојува по својата приказна. Автомобилот не само што бил покриен со прашина, туку бил целосно расклопен – каросеријата од едната страна, шасијата од другата и наоколу кутии со делови, пишува германски Ауто билд.
Таткото на сегашниот сопственик некогаш го купил автомобилот со намера да го реставрира, но планот никогаш не се остварил, веројатно поради сложеноста и високите трошоци на проектот. Така, сонот за реконструкција се претворил во триесетгодишна пауза.
Сега, меѓутоа, легендарниот мерцедес би требало да се врати на патот. Таа задача ѝ е доверена на компанијата ХК-енџениринг од Полинг во Баварија, која е специјализирана за моделот 300 СЛ. Нивниот тим отпатувал во Португалија за да ја процени состојбата на автомобилот и да го подготви за транспорт.
И покрај долгогодишната и расклопена состојба, брзо станало јасно дека не станува збор за обичен куп делови. Историјата на автомобилот е целосно документирана, оригиналните документи се зачувани, а фабричката конфигурација е позната. Автомобилот бил испорачан во сребрено-сива металик боја, со темно сина кожна внатрешност и бандажи со централно заклучување.
Самиот процес на извлекување се покажал како доста комплициран. Бидејќи каросеријата и шасијата биле одвоени, автомобилот морал привремено да биде составен пред да се товари за транспорт. Бидејќи на плантажата немало кран, тимот го користел она што му било при рака – цврсто дрво кое послужило како импровизиран кран.
На крајот, акцијата била успешно завршена. Мерцедесот бил натоварен и транспортиран во Баварија, каде што експертите сега се соочуваат со тешка работа – од расклопените делови повторно да создадат автомобил за возење. Со оглед на тоа што се произведени само 1.400 примероци од овој посебен олдтајмер, секој спасен примерок е непроценлив. Дека ова е исклучително ценет модел покажува и фактот што на пазарот на половни возила во моментов не се нуди купе, додека за еден од 1.858 произведени кабриолет возила се бараат речиси 1,4 милиони евра.






