петок, 22 мај 2026

Шкода го претстави епик – чешкиот одговор на достапната електрична мобилност (ФОТО+ВИДЕО)

Шкода во Цирих го претстави својот најнов и моментално најпристапен електричен кросовер, моделот епик. Новиот модел носи свеж дизајнерски јазик, напредна техничка основа и серија паметни решенија што го прават електричниот автомобил подостапен за пошироката публика.

Објавено на

часот

Сподели

Епик целосно ја прифаќа дизајнерската филозофија на Шкода наречена „модерна црвстина“. Секоја линија и секој детаљ зрачат со робусност и практичност. Карактеристичниот интерфејс сега е врамен со светла во форма на Т, кои стануваат нов светлосен потпис на чешкиот производител. Фаровите се достапни во две верзии, стандардни ЛЕД и напредни ЛЕД матрикс со 12 светлосни сегменти и четири адаптивни режими на осветлување. Истиот Т-мотив се повторува на задните светла.

И покрај своите компактни димензии, епик се издвојува со својата висока странична линија, вертикалните отвори на браникот и препознатливите носачи на покривот, додека активните аеродинамични клапни, каналите „воздушна завеса“ и целосно рамното дно обезбедуваат одличен коефициент на отпор од само 0,275.

Внатрешноста на моделот епик следи минималистичка филозофија, но нуди импресивен простор за патниците и багажот. Багажниот простор собира до 475 литри, што е еден од најголемите волумени во својата класа. Во кабината има 28,1 литри простор за складирање, а накнадно во понудата ќе биде додадена и предна кутија со капацитет од 25 литри.

Седиштата се тапацирани со текстил направен од рециклирани полиестерски влакна, а за украсите на вратите и инструмент таблата се користи материјал „тектона“ како врвна алтернатива на кожа.

Иако епик е позициониран како прифатлив електричен модел, тој нуди импресивна технолошка опрема. Инфозабавниот систем е базиран на 13-инчен екран со Андроид интерфејс, а возилото може да се контролира и преку апликацијата Моја Шкода. Возилото поддржува двонасочно полнење според стандардите В2Л и В2Х, што значи дека може да напојува домашни апарати или дури да биде дел од домашна енергетска мрежа.

Меѓу безбедносните системи, се издвојува новиот „Помош на раскрсници“, кој, благодарение на радарските сензори во аглите на возилото, го предупредува возачот за автомобили, мотоцикли, велосипедисти и мотоциклисти кои се приближуваат од страна на раскрсници со ограничена видливост. Достапен е и напредниот систем Травел асист 3.0.

Епик е поставен на новата платформа МЕБ+ со погон на предните тркала. Достапен е со три мотори, 85, 99 и 155 киловати. Првите две верзии користат батерија од 38,5 киловат часови со опсег од околу 310 километри, додека најмоќната варијанта со батерија од 55 киловат часови нуди опсег од околу 440 километри и можност за полнење од 10 до 80 проценти за само 24 минути. За разлика од моделите елрок и енјак, епик користи диск сопирачки на задната оска и вентилирани дискови на предната страна.

Шкода епик претставува значаен чекор кон популаризација на електричната мобилност, комбинирајќи атрактивен дизајн, паметна технологија и практичност во компактен и достапен пакет.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ