Ова прашање не е поставено за да му се оспори правото да има политички став. Секој политичар има право на свое мислење. Но кога поранешен носител на јавна функција употребува термин што означува девијација, ирационалност и нарушено расудување, тогаш таквата квалификација бара многу повеќе од политички впечаток. Таа бара факти, аргументи и аналитичка поткрепа.
Терминот „патолошко“ не е обична реторичка фигура. Тоа не е политичка досетка, туку сериозна квалификација насочена кон сите оние граѓани, интелектуалци, историчари и научници кои критички се однесуваат кон официјалната политика на Бугарија. Наместо да полемизира со нивните аргументи, Таравари ги дисквалификува нивните ставови.
Изјавата на Таравари не е спорна затоа што има поинакво политичко мислење. Таа е спорна затоа што зад неколкуте навидум едноставни констатации се кријат сериозни историски, политички и државни импликации. Токму затоа неговите ставови заслужуваат внимателна и аргументирана анализа.
Најнапред, Таравари зборува за околу 200.000 македонски граѓани кои поседуваат бугарски пасоши и заклучува дека причината е застојот во европските интеграции. Истовремено додава дека, доколку Албанија стане членка на Европската Унија, „секој Албанец ќе аплицира за албански пасош“.
Ако неговата теза е дека бугарскиот пасош е средство за подобар живот, а не доказ за промена на националниот идентитет, тогаш истиот принцип мора да важи и за албанскиот пасош. Пасошот е правен документ, а не сертификат за национална припадност. Доколку тоа важи за Македонците кои побарале бугарско државјанство од економски причини, тогаш мора да важи и за секој Албанец кој евентуално би побарал албански пасош. Принципите не смеат да зависат од етничката припадност.
Но уште попроблематична е неговата оценка дека во Македонија постои „патолошко антибугарство“. Критиката кон официјалната политика на една држава не е патологија. Во последните години Македонија беше соочена со бугарско вето, со условувања поврзани со историјата, со оспорување на македонскиот јазик и со позиции што директно го засегаат македонскиот национален идентитет. Во такви околности, критичкиот однос кон политиките на Софија е легитимен дел од демократската дебата. Тој не претставува омраза кон бугарскиот народ, туку несогласување со конкретни државни политики.
Особено зачудува неговата теза дека историските спорови се ирелевантни. Ако навистина се ирелевантни, тогаш зошто токму историските прашања станаа дел од условите за напредокот на Македонија кон Европската Унија? Ако историјата нема значење, тогаш не би требало да биде ниту дел од политичките условувања. Не може историјата истовремено да биде и небитна и пресудна.
Уште посмело Таравари тврди дека „Македонците немаат поблизок народ од Бугарите“. По кој критериум? Историски? Јазичен? Културен? Политички? Емоционален? Во науката не постои универзална мерка со која се утврдува кој народ кому му е „најблизок“. Постојат историски контакти, културни влијанија и јазични сродности, но тие не претставуваат доказ дека еден народ мора да ја прифати туѓата национална интерпретација.
Современата македонска нација има свој историски развој, свој литературен јазик, своја државност и свое право на самоопределување. Тоа не е политичка парола, туку меѓународно призната реалност. Блискоста меѓу народите може да биде причина за соработка, но никогаш не смее да биде основа за релативизирање на посебниот македонски национален идентитет.
Она што најмногу ја разоткрива недоследноста во аргументацијата на Таравари е неговиот селективен однос кон надворешните влијанија врз Македонија. Кога станува збор за Србија, тој без двоумење предупредува на српско влијание врз македонските политички процеси. Кога станува збор за Бугарија, повикува да се надминат историските спорови и критиката кон официјалната бугарска политика ја квалификува како „патолошко антибугарство“. Но кога високи политички претставници од Албанија јавно се произнесуваат за прашања што се исклучиво внатрешна работа на Македонија, Таравари останува без критички осврт.
Доволно е да се потсетиме на неодамнешната изјава на албанскиот премиер Еди Рама во врска со албанската дијаспора во Македонија, како и на други политички пораки што доаѓаат од Тирана кога станува збор за внатрешните односи во земјава. Ако мешањето во внатрешните работи е неприфатливо како принцип, тогаш тоа мора да биде неприфатливо без оглед дали доаѓа од Белград, Софија или Тирана. Во спротивно, не станува збор за принципиелна политика, туку за политика на селективни аршини.
Политиката на двојни аршини никогаш не носела доверба. Не може едни влијанија да се осудуваат, а други да се премолчуваат. Не може едни пасоши да се објаснуваат како практична потреба, а други да се претставуваат како природен израз на етничка припадност. Не може историските прашања да се прогласуваат за ирелевантни, а истовремено тие да останат услов за европската иднина на Македонија.
Македонија нема потреба ниту од антибугарство, ниту од антисрпство, ниту од антиалбанство. Но уште помалку има потреба од политички наративи што ја релативизираат нејзината историска, национална и државна реалност.
Државничката зрелост не се покажува со ефектни квалификации, туку со доследност, одговорност и почитување на фактите. А токму таму, во доследноста, аргументацијата на Арбен Таравари покажува најголеми слабости.
Македонската реалност не може да се разбере ако се игнорираат историското искуство, чувствителноста на националното прашање и принципот на еднаков аршин кон сите соседи. Оној што ги занемарува тие факти можеби ќе добие политички аплауз од своите приврзаници, но тешко дека ќе придонесе за градење доверба, заштита на државните интереси и вистинско европско помирување засновано врз почит, а не врз релативизација.
Јове Кекеновски












