недела, 5 јули 2026

Руте се соочува со тешка задача: Како да се задржи Трамп во НАТО во услови на нови поделби

Пред претстојниот самит во Турција, генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, се обидува да го зачува единството на Алијансата и да ги задржи Соединетите Американски Држави цврсто поврзани со сојузот, додека американскиот претседател Доналд Трамп, покрај поголемите издвојувања за одбрана, сè поотворено бара политичка лојалност од европските членки.

Фото: Епа

Објавено на

часот

Сподели

Руте голем дел од својот мандат го посвети на обидите да одговори на барањата на Трамп кон европските сојузници. На минатогодишниот самит членките на НАТО се согласија да ги зголемат издвојувањата за одбрана, но сега фокусот се префрла на прашањето како тие пари да се претворат во вистински воени капацитети, во моментот кога европските земји предупредуваат на растечката закана од Русија, пренесува Асошиејтед прес.

За време на состанокот во Белата куќа минатиот месец, Руте се обиде да го убеди Трамп претставувајќи податоци според кои европските членки на НАТО и Канада од 2017 година издвоиле вкупно 1.200 милијарди долари за одбрана.

Сепак, Трамп остана незадоволен, особено затоа што некои сојузници не ги поддржаа американските воени акции против Иран, кои САД ги започнаа заедно со Израел без претходни консултации во рамките на НАТО.

„Не ни требаат нивните пари – не ни треба ништо. Само сакам лојалност“, рече Трамп.

Неизвесност околу американската воена улога

Овој став дополнително ги комплицира подготовките за самитот кој ќе се одржи во Турција, а домаќин ќе биде претседателот Реџеп Таип Ердоган. Трамп дури наговести дека можеби немаше да присуствува на собирот доколку домаќинот не беше токму Ердоган.

Дополнителна загриженост кај сојузниците предизвикаа пораките од Пентагон за можно намалување на бројот на американски војници, бродови, авиони и беспилотни летала што би биле распоредени во случај на напад врз членка на НАТО. Во исто време, Трамп во последните месеци испраќаше спротивставени пораки за тоа дали американското воено присуство во Европа ќе биде намалено или зголемено.

Руските активности предизвикуваат загриженост

Според студија објавена оваа недела, Русија интензивно ги тестира европските одбранбени капацитети со испраќање беспилотни летала во близина на воени бази во неколку европски земји.

Затоа, претстојниот самит, проценува Асошиејтед прес, ќе биде многу повеќе од дискусија за зголемување на воените буџети. Клучното прашање ќе биде дали НАТО сè уште може да ја задржи довербата во принципот на колективна одбрана во Член 5, според кој нападот врз една членка се смета за напад врз целата алијанса.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ