Авторки на изложбата се Ивона Опетческа Татарчевска, експерт за заштита на нематеријалното културно наследство во УЗКН и национален координатор за нематеријално културно наследство во УНЕСКО, и Бојана Пољаковиќ Поповиќ, виш стручен соработник во Културниот центар Травно од Хрватска, кои истражувајќи низ дигиталниот репозиториј на Смотрата направија потесен избор преку кој го претставија широкиот спектар на македонски фолклорни групи кои настапиле на Меѓународната Смотра на фолклорот во Загреб.
На свеченото отворање присуствуваа претставници на министерства, дипломатскиот кор, локалната самоуправа, културни институции, македонски здруженија во Хрватска, бројни Македонци кои живеат и работат во Хрватска, како и љубители на фолклорната уметност.

Во музичкиот дел настапи етно-вокалната група „Езерки“ од Загреб, која повеќе од три децении ги негува и афирмира традиционалните македонски песни.
Пред присутните се обратија директорката на македонскиот КИЦ, Мими Ѓоргоска Илиевска, уметничкиот директор на Меѓународната смотра на фолклорот Загреб, Твртко Зебец и авторките на изложбата, Ивона Опетческа Татарчевска и Бојана Полјаковиќ Поповиќ, кои на публиката и ја доближија идејата за оваа значајна и внимателно селектирана изложба, која покрај класично отпечатените фотографии е подготвена и делумно во дигитален формат.
Изложбата ја отвори амбасадорот на Македонија во Хрватска, Драган Ѓурчевски, упатувајќи честитки за значајниот јубилеј – 60 години од Меѓународната смотра на фолклорот Загреб, најпрестижната меѓународна и светски реномирана манифестација на аматерски фолклор во Хрватска, посветена на негување, зачувување и презентација на локалното и светското традициско културно наследство, додавајќи дека во тие 60 години, особено значајно е и континуираното присуство на македонскиот фолклор кои достоинствено и автентично се претставувал на сцената во Загреб. Амбасадорот Ѓурчевски ја истакна важноста на културното поврзување и културната дипломатија како место на средба на различните култури и идентитети, потенцирајќи дека токму такво место е македонскиот КИЦ во Загреб.
„Вклучувањето на оваа изложба во годишната програма на македонскиот КИЦ во Загреб и поддршката од страна на Министерството за култура и туризам претставува јасен израз на нашите програмски определби — не само кон афирмација и промоција на македонското културно наследство, туку и кон континуирано унапредување на културната соработка со релевантни хрватски институции, организации и автори. Особено нè радува кога преку заеднички проекти, како што е овој вечерва, создаваме простор за нови културни дијалози, заемна почит и продлабочување на врските меѓу нашите две држави. Македонскиот фолклор, со својата раскошна музичка, танцова и визуелна естетика, претставува еден од најпрепознатливите симболи на македонскиот културен идентитет. Во народните песни, ора, носии и обичаи се содржани колективната меморија, духовноста и историското наследство на македонскиот народ“, рече директорката на македонскиот КИЦ во Загреб, Мими Ѓоргоска Илиевска.
Уметничкиот директор на Меѓународната смотра на фолклорот проф. д-р Твртко Зебец го изрази своето огромно задоволство од воспоставената високо професионална соработка со македонскиот КИЦ во Загреб, потенцирајќи ја важноста за културното поврзување и зачувавање на културното наследство, посебно преку вакви заеднички проекти кои го афирмираат културното богатство на двете држави.

„Оваа мултимедијална изложба која македонскиот КИЦ во Загреб ја реализира по повод јубилејот 60 години од одржување на Смотрата содржи избор од 60 печатени и неколку стотини дигитални фотографии од големиот Дигитален архив на Меѓународната Смотра на фолклорот. Изложбата е збогатена и со оригинални носии кои денес ги чува Центарот за традиционално културно наследство, како и фотографски и аудиовизуелни материјали отстапени од неколку големи вљубеници на фолкорната магија кои се одзваа на повикот на Македонскиот културно-информативен центар и испратија свои материјали што ги чуваат во своите архиви, не само во Македонија, туку и пошироко во светот“, истакна Ивона Оптeтечска Татарчевска една од авторките на изложбата.






