„Прво, јас никаде не кажав кој ќе биде тој што ќе го управува делот за добро владеење. Реков дека, како што ќе имаме секретар кој врши мониторинг на реализацијата на програмата на Владата, ќе имаме и секретар за добро владеење. Нема да биде истото лице“, рече Мицкоски.
Тој посочи дека за Димитар Димовски и досега го кажал својот став и не сака повторно да коментира.
„Димитар Димовски, како и десетици и стотици луѓе од претходната Влада на ВМРО-ДПМНЕ кои беа дел од политичка хајка на криминалната влада на СДСМ и ДУИ, кои СЈО го користеа како политичка алатка, сум го коментирал многупати во минатото и нема да го коментирам“, изјави Мицкоски.
Димовски во моментов е дел од Кабинетот на премиерот на позицијата „секретар за јавни политики, координација и следење на реализацијата на програмата на Владата“.
Неговото име претходно е впишано како обвинет во предметите на Обвинителството за гонење организиран криминал и корупција, како и СЈО. Во случајот Шпански скали беше ослободен од обвинението за злоупотреби при продажба на државно земјиште на скопскиот плоштад, додека беше обвинет и во предметот Топлик.
Јон Фрчкоски денеска на конференција за медиумите рече дека за ресоротот „добро владеење“ Мицкоски го планирал Димитар Димовски.
„А кој е Димитар Димовски? Долгогодишен бизнис-партнер на Мицкоски во хидроцентралите. Прво Мицкоски го постави до себе во Владата како секретар за јавни политики, сега го унпаредува. Неговата сопруга, Ефимија Димовска, Мицкоски ја постави во Развојната банка, институција што одлучува за кредитни линии, финансирање и енергетски проекти иако има фирма која е поврзана со енергетика.
Но, освен бизнис партнер на Мицкоски и дел од бизнис мрежата, Димитар Димовски е и условно осуден во случајот Топлик за продажбата на државно земјиште во Сончев град во Сопиште. Бил и меѓу обвинетите и за случајот Шпански скали, поврзан со Скопје 2014.
Како може лице условно осудено за злоупотреби, бизнис партнер на Мицкоски да биде задолжено за добро владеење, борба против корупцијата, судир на интереси? Со криминална организирана група на власт можно е. Во ниту една нормална демократска и европска земја ова не е можно. Ова е врв на политичкиот цинизам и потврда на се што досега говориме: цела влада е ставена во функција на бизнис интересите на Мицкоски и на ВМРО-ОКГ. Владата е претворена во приватна фирма, партиски ДООЕЛ во која најважни се бизнис партнерите, кумовите и блиските луѓе на Мицкоски“, рече Фрчкоски.