петок, 3 јули 2026

Од „Супер Марио“ до „Фортнајт“: Не се проблем игрите, туку тоа што денешниве немаат крај

Доктор Марко Јовашевиќ, лекар, психотерапевт и писател, објаснува каде го гледа проблемот со денешните видеоигри што ги играат децата.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Како што напиша на својот профил на Инстаграм, доктор Јовашевиќ смета дека не се проблем самите игри, ниту тоа што децата ги играат. Игри играа и генерациите што растеа во осумдесеттите и деведесеттите години.

Проблемот, според психотерапевтот, е што денешните игри најчесто немаат крај.

„Супер Марио“, „Принцот од Персија“, „Контра“, „Аладин“, „Кралот Лав“… тие игри не беа само забава, туку и мал тренинг за живот. Имавте неколку животи, паѓавте, се враќавте на почеток, се нервиравте, па се обидувавте повторно. Немаше автоматско зачувување што ќе ве спаси, немаше кратенки што ќе ви го зачуваат егото, немаше постојани награди само за да останете во играта.

„За да поминете едно ниво, моравте да ја запомните грешката, да ја истрпите фрустрацијата, да повторите, да почекате, да издржите. И што е најважно, играта имаше крај. Ќе го поминевте нивото, ќе ја изгасневте конзолата и ќе излезевте надвор. Постоеше граница“, наведува доктор Јовашевиќ.

Денес, додава тој, многу работи се направени поинаку.

„’Роблокс’, ‘Фортнајт’ и сличните дигитални светови често не постојат за да ги завршите, туку за да останете во нив. Нема принцеза што ќе ја спасите на крајот, нема последно ниво, нема чувство дека нешто е заокружено. Има само уште еден натпревар, уште еден изглед на ликот, уште една награда, уште една сезона, уште еден настан, уште едно известување. Системот не е направен да ве пушти, туку да ве задржи“, пишува психотерапевтот.

Според него, токму во тоа е суштината.

„Ние преку игрите, сакал некој да признае или не, ја вежбавме способноста да го одложиме задоволството, да го поднесеме поразот, да бидеме трпеливи, фокусирани и да сфатиме дека не може сè веднаш. Денешните деца, но и ние возрасните заедно со нив, сè повеќе сме навикнати постојано да бидеме стимулирани, никогаш да не останеме во тишина, никогаш да не почувствуваме вистински крај, празнина, досада или исклучување.

А човек за кого ништо нема крај многу лесно заборава како да се справи со животот кога нема некаква награда на секои десет секунди“, заклучува доктор Марко Јовашевиќ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ