петок, 3 јули 2026

НАТО-сојузниците сè повеќе молчат за состојбата со човековите права во Турција

Пред самитот на НАТО во Анкара, сојузниците сè повеќе ги ставаат безбедносните и одбранбените врски со Турција пред загриженоста за демократијата.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Пред пет години, Западот беше на работ на сериозна дипломатска криза со Турција, сојузничка во НАТО, кога 10 амбасадори побараа ослободување на човек за кого сметаа дека е политички затвореник, што го разлути претседателот Реџеп Таип Ердоган и го наведе да нареди нивно протерување.

Како што потсетува Ројтерс во анализата за односите меѓу Анкара и западните партнери, по два напнати дена во 2021 година, двете страни се повлекоа од работ на конфликт, откако американските, француските, германските, канадските и другите дипломати објавија помирливи соопштенија, а Ердоган порача дека во иднина ќе бидат повнимателни. И така и беше.

Оттогаш, а особено по руската инвазија врз Украина една година подоцна, поради која Европа се почувствува поизложена, Западот главно избегнува јавно да изразува загриженост за состојбата со правата и слободите во Турција. Наместо тоа, фокусот е пренасочен кон зајакнување на безбедносните врски со таа регионална воена сила и голем извозник на оружје, наведува Ројтерс.

Во анализата се истакнува дека тој дипломатски пресврт на Западот ќе биде видлив кога лидерите на 32-те членки на НАТО ќе се состанат во Анкара од 7 до 8 јули.

Не се очекува тие да ја критикуваат досега невидената правна пресметка со главната опозициска Републиканска народна партија (ЦХП), вклучувајќи го и затворањето на нејзиниот претседателски кандидат, градоначалникот на Истанбул Екрем Имамоглу, главниот ривал на Ердоган, наведува Ројтерс, повикувајќи се на западни и турски дипломати вклучени во подготовките за самитот.

Некои критичари на владата на Ердоган сметаат дека релативниот молк на Западот го охрабрува авторитарниот пресврт на власта, ја изолира турската опозиција и ги занемарува темелните принципи на НАТО – демократијата и владеењето на правото.

„За Западот и понатаму е важно да продолжи да укажува на уривањето на демократските институции во Турција, бидејќи тој курс не е неповратно зацртан, Турција не е изгубен случај“, изјави за Ројтерс Дејвид Сатерфилд, поранешен американски амбасадор во Анкара.

„Важно е Турците да слушнат како другите зборуваат на тој начин за нивниот систем“, рече Сатерфилд, кој сега е директор на Институтот за јавна политика „Бејкер“.

Кабинетот на Ердоган не одговорил на барањето на Ројтерс за коментар на тие оценки.

Сатерфилд ги отфрли тврдењата дека неговото залагање за човековите права во Турција им наштетило на клучните прагматични американско-турски односи и додаде дека одлуката за време на вториот мандат на претседателот Доналд Трамп да се избегнува разговор за демократските вредности не ги подобрила односите.

Некои критичари на владата на Ердоган сметаат дека релативниот молк на Западот го охрабрува авторитарниот пресврт на власта, ја изолира турската опозиција и ги занемарува темелните принципи на НАТО – демократијата и владеењето на правото.

Ердоган во 2021 година накратко нареди Сатерфилд да биде прогласен за „персона нон грата“, заедно со уште девет западни амбасадори, откако заеднички побараа ослободување на затворениот филантроп Осман Кавала, наведувајќи дека тој случај ѝ штети на турската демократија.

Кавала, кој е во затвор речиси девет години, се соочува со доживотна затворска казна поради наводен обид за соборување на владата, што тој го негира. Европскиот суд за човекови права пресуди дека тој и другите обвинети во тој случај треба да бидат ослободени поради недостиг од докази, како и дека неговото притворање имало цел да го замолчи.

Владејачката Партија на правдата и развојот (АКП) на Ердоган, која е на власт 23 години, ги отфрла критиките за своите демократски стандарди и тврдењата дека судовите се политизирани, наведувајќи дека правосудството е независно.

Стотици избрани функционери и членови на опозициската ЦХП се затворени во изминатите две години, а нејзиниот лидер е сменет, што партијата го нарекува правосуден пуч.

Во пресрет на самитот на НАТО, организациите за човекови права изразија загриженост поради тоа што на десетици турски новинари од независни медиуми им беше одбиена акредитација за известување од настанот, додека властите, повикувајќи се на безбедносни причини, приведоа повеќе од 200 луѓе.

Кабинетот на Ердоган не го коментираше ускратувањето на медиумските акредитации, додека НАТО наведува дека во таквите прашања се потпира на насоките на земјата домаќин.

На прашањето дали Алијансата планира на самитот да го покрене прашањето за загриженоста околу состојбата со правата, еден претставник на НАТО се повика на претходното соопштение за акредитациите, наведувајќи дека е многу важно новинарите лично да присуствуваат на настанот.

Американската амбасада во Анкара не даде непосреден коментар за можната промена на политиката кон Турција.

Како што наведува Ројтерс, малку странски престолнини ја коментираа пресметката со ЦХП. Некои западни дипломати наведуваат дека отворените критики на политиката на Анкара не придонесуваат за ублажување на демократското назадување, па затоа загриженоста ја изнесуваат во приватни разговори со турските претставници.

Самитот на НАТО ќе биде можност за првата посета на Трамп на Турција во својство на претседател на САД. Се очекува да одржи и билатерална средба со Ердоган, кого редовно го нарекува пријател, што ги нагласува најтоплите американско-турски односи во последните години.

Анкара сака самитот да го истакне единството на Алијансата и да помогне во проширувањето на партнерствата во одбранбената индустрија. Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека ќе бидат најавени зделки вредни десетици милијарди долари.

Сојузниците сè повеќе ја гледаат Турција, која ја има втората по големина армија во НАТО и е еден од водечките извозници на вооружени беспилотни летала, како брана против руската агресија на југоисточното крило на Алијансата, пишува Ројтерс.

Во анализата се истакнува дека растечкото значење на Турција во НАТО доаѓа по претходните несогласувања, вклучувајќи го и одложувањето на ратификацијата на членството на Шведска и Финска од 2022 до 2023 година, и покрај нејзините релативно срдечни односи со Москва.

Западните сојузници сега сигнализираат дека „донекаде се откажале од вредностите и претпочитаат трансакциски однос, знаејќи дека Турција е незаменлива за одбраната на Европа“, изјави Карол Василевски, раководител на програмата за Турција, Кавказ и Централна Азија во Центарот за источни студии со седиште во Варшава.

Анкара знае дека секоја критика од Западот, вклучително и онаа поради пресметката со опозициската ЦХП, ќе биде пригушена и дека „нема да се преточи во конкретни потези“, рече Василевски.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ