петок, 3 јули 2026

Власта и опозицијата во судир дали електронското гласање на дијаспората е изборен ризик или реформа

Дебатата околу измените на Изборниот законик и воведувањето електронско гласање за дијаспората отвори нов политички судир меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, кои имаат дијаметрално спротивни оценки за предложените решенија и нивното влијание врз изборниот процес. Од Левица пак, велат дека партијата не дала согласност за Изборен законик каков што власта сега го презентира во јавноста.

Објавено на

часот

Сподели

Пратеничката на СДСМ, Сања Лукаревска, оценува дека предложените измени не содржат доволни гаранции за заштита на изборниот интегритет и дека СДСМ нема да поддржи законски решенија без јасни безбедносни механизми.

Според неа, воведувањето електронско гласање за дијаспората во сегашната форма претставува ризик, бидејќи, како што истакна, недостасуваат контролни механизми и прецизна законска процедура.

„Потребно е ревидирање на членот којшто предвидува електронско гласање на дијаспората без контрола и без механизам на заштита. Таму немаме ниту постапка, ниту безбедност, ниту контролни механизми“, изјави Лукаревска во гостувањето во „24 Анализа“, додавајќи дека за вакви крупни измени е неопходен широк политички консензус.

Таа нагласи дека СДСМ не се противи на гласањето на дијаспората, но смета дека процесот мора да биде постепен и проверен преку пилот-проекти, со целосна проверка на безбедносните стандарди пред целосна имплементација.

„Ние сме за тоа дијаспората да гласа, и таа и сега гласа. Но, на овој начин, не“, истакна Лукаревска.

Од друга страна, пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Љупчо Пренџов, ги отфрли обвинувањата за недостиг на безбедност и оцени дека електронското гласање претставува модерно, поефикасно и поекономично решение за изборниот процес.

Според него, технологијата денес овозможува сигурни системи кои се користат во многу други области, па нема причина да не се примени и во изборниот процес.

„Денес преку лаптоп, преку телефон можете да направите да платите фактура, стан да купите, а не да не гласате некаде“, рече Пренџов, нагласувајќи дека дигитализацијата може да ја намали и цената и логистиката на изборите.

Тој додаде дека електронското гласање е фер решение кон дијаспората и дека постојните механизми, како гласањето на далечни локации, се скапи и не секогаш ефикасни.

Пренџов се осврна и на обвинувањата од опозицијата дека законските измени се блокирани, тврдејќи дека амандманите поднесени од СДСМ и Левица го забавуваат процесот, но истовремено можат и да бидат повлечени, што, според него, би овозможило побрза дебата и усвојување на реформите.

„Кога се работи за реформите, за иднината на државата и за средствата од Брисел, треба да бидеме поодговорни“, порача Пренџов.

Тој додаде и дека дел од измените, според негово толкување, веќе имаат одреден степен на согласност меѓу политичките субјекти, но дека конечниот исход зависи од парламентарната процедура.

Од Левица пак велат дека партијата не дала согласност за Изборен законик каков што власта сега го презентира во јавноста.

Координаторот на пратеничката група на Левица, Борислав Крмов, на собраниската пленарна седница одржана на 29 јуни реагираше на начинот на кој се носи Изборниот законик, обвинувајќи дека јавноста е доведена во заблуда со тврдењата дека за текстот бил постигнат широк политички консензус.

„Не е точно дека сте имале каков било консензус од партијата Левица за овој документ. Сето тоа се лаги. Ние сме доведени да прифатиме којзнае што, само за да фрлите неколку ситни трошки и потоа да тврдите дека има согласност. Исправањето на неуставните решенија не е услуга кон Левица, туку ваша обврска“, рече Крмов.

Посебно внимание Крмов посвети на нововметнатиот член за кој рече дека воопшто не бил предмет на разговор во работната група, а сепак се појавил во конечниот текст доставен до пратениците непосредно пред седницата.

Како што кажа пратеникот, станува збор за одредба која предвидува повеќе нови прекршоци поврзани со јавното изразување за време на изборниот процес, отворајќи можност за санкционирање на говор и објави на социјалните мрежи со глоби до 8.000 евра:

Од Левица порачаа дека не прифаќаат нивното име да биде злоупотребувано за создавање привид дека постои политички договор за законски решенија за кои никогаш не дале согласност.

Предлогот на Изборниот законик влезе во собраниска процедура откако на седницата беше обезбеден кворум од пратениците на ДУИ.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ