Со ова признание, претставата ја доби препознатливата фестивалска награда „Метална комета“, во конкуренција на 28 театарски продукции.
Специјалната награда на фестивалот се доделува во форма на метална ѕвезда со опашка – симболично наречена „Метална комета“, заедно со голем клинец, според идејата дека „кометата треба да се заковa за ѕидот за да не одлета“. Автор на овој препознатлив фестивалски симбол е сценографот Владимир Кравцев.
Фестивалот „Kolyada Plays“ е еден од најзначајните и највлијателни театарски фестивали во Русија и пошироко во Источна Европа, основан во 2008 година од рускиот драмски автор, режисер и педагог Николај Кољада — една од клучните фигури на современата руска драматургија. Неговите текстови се поставувани на сцени низ Европа, а фестивалот со години претставува важна платформа за нова драматургија, авторски театар и меѓународна размена на современи сценски практики.
„Кокошка“ е работена по текст на драмскиот автор Николај Кољада, а режијата ја потпишува Теодора Силјаноска. Во претставата настапуваат Биљана Драгиќевиќ-Пројковска, Ане Блажовски, Ванеса Тримчевска, Томе Станковски и Кристина Гиева. Костимограф е Марија Пупучевска, соработник за сценско движење Дарко Велиќ, изборот на сценографијата и музиката е на Теодора Силјаноска, а дизајнот на плакатот го изработи Михаил Велески.
Претставата го истражува копнежот по слобода, љубов и соништа во свет што станува сè постуден и поапатичен. Низ апсурд, импровизација и секојдневни ситуации, ликовите создаваат жив театарски чин како обид да се соочат со внатрешниот хаос и нарушените општествени вредности.
„Кокошка“ е приказна за младоста – немирна, искрена и гладна за промени, која се судира со стравот, рамнодушноста и затворените системи. Како џез-импровизатори, ликовите играат против непредвидливото, барајќи простор за надеж, слобода и човечност.
Независниот театар Вортекс е колектив посветен на современата изведувачка уметност, интердисциплинарната соработка и општествено ангажираниот театар. Неговите членови развиваат авторски продукции, работилници и меѓународни соработки, истражувајќи физички театар, поетска драматургија и експериментален сценски јазик.
Ова не е прво значајно признание за „Кокошка“. Претставата претходно триумфираше и на 10. издание на PITF „Burbuqe Berisha“, каде што ја освои Наградата за најдобра претстава, додека Биљана Драгиќевиќ-Пројковска беше прогласена за најдобра актерка на фестивалот.
Од следната сезона претставата може да се погледне на малата сцена на Театар Комедија.






