петок, 3 јули 2026
Сè повеќе насилство, сè помалку емпатија меѓу учениците

Жртвите молат за милост, врсниците снимаат: Кој ќе го запре насилството меѓу децата? (ВОЗНЕМИРУВАЧКО ФОТО+ВИДЕО)

Врсничкото насилство станува сè посурово, од шамари, понижување и снимање за социјалните мрежи до брутални физички напади, но каде потфрли општеството? Снимката од новиот случај на врсничко насилство меѓу основци во скопската населба Аеродром повторно ја вознемири јавноста и ја отвори дилемата дали врсничкото насилство станува секојдневие, а емпатијата кај младите сè поретка појава.

Објавено на

часот

Сподели

На видеото, кое за кратко време се прошири на социјалните мрежи, се гледа девојче кое клечи на колена и моли за милост, додека неколку врснички ја навредуваат, ја удираат со шлаканици и ја влечат за коса. Наместо да се обидат да го спречат насилството, дел од присутните го снимаат инцидентот со мобилни телефони и ги охрабруваат насилниците.

„Ќутете да слушнеме како ќе пука“, се слуша на снимката, додека едно од момчињата што снима чека уште еден удар врз девојчето.

Но, ова не е изолиран случај.

Пред само неколку месеци јавноста беше згрозена од случајот во скопската населба Ѓорче Петров, каде малолетничка, според информациите, била жртва на брутално малтретирање од три девојчиња со кои учела во истото училиште. Настанот се случил во парк познат како „Вовче“, каде девојчето најпрво било вербално навредувано, а потоа физички нападнато. Според информациите, насилничките ја гореле со цигари и ја принудиле да лиже кучешки измет, додека сето тоа било снимано и подоцна споделувано на социјалните мрежи.

И покрај тежината на случајот, постапката сè уште не е завршена. Од Кривичниот суд велат дека предметот останува во тек, а пресуда засега нема.

Во меѓувреме, уште еден тежок случај ја потресе јавноста. Четиринаесетгодишно момче беше тешко повредено во напад во скопската населба Ченто. Според тврдењата на неговото семејство, три лица без причина го нападнале, физички го претепале, а едно од нив седум пати го избодело со нож во пределот на грбот. Малолетникот бил оставен без свест сè додека случаен минувач не повикал Итна медицинска помош и полиција.

Од Министерството за внатрешни работи потврдија дека случајот е пријавен и дека се преземаат мерки за негово расчистување, но осомничени сторители сè уште нема.

Трите случаи, иако различни по начинот на кој се случиле, имаат една заедничка карактеристика – насилството станува сè посурово, а сведоците наместо да помогнат, често остануваат пасивни или го снимаат она што се случува.

Министерката за образование и наука Весна Јаневска смета дека врсничкото насилство може да се спречи само доколку институциите, училиштата, наставниците, родителите и целата заедница заеднички се вклучат во неговото сузбивање.

Таа посочи дека последниот случај покажал сериозен недостиг на емпатија кај дел од децата и искривени вредности.

„Едни се изживуваат врз дете, а други стојат настрана, снимаат и се забавуваат, наместо да му помогнат и да го заштитат. Ова насилство е аларм за целото општество. Тоа е плод на недостиг на воспитна врска меѓу родителите и децата“, изјави Јаневска.

Според министерката, токму родителите имаат клучна улога во воспитувањето, а без нивна активна вклученост секоја институционална мерка останува недоволно ефикасна.

На слична линија е и ставот на адвокатката Катерина Котеска-Стисниовска, која по објавувањето на снимката јавно се обрати до родителите на децата што учествуваат во насилството.

„Овие на видеото се вашите деца и ако имате капацитет да сфатите колку од вас и кои од вас ја утнале има уште надеж за децата“, напиша таа.

Котеска-Стисниовска прашува дали родителите се препознаваат во однесувањето на своите деца и дали насилството што тие можеби секојдневно го гледаат дома се пресликува и во нивното однесување надвор од домот. Според неа, растењето во семејства исполнети со физичко или психичко насилство може да создаде уверување кај детето дека агресијата е прифатлив начин за решавање конфликти.

На темата се осврна и адвокатката Кристина Лазаровска, која истакна дека во снимката не гледа само физичко насилство, туку и сериозен недостиг на емпатија.

„Ниту едно дете не се раѓа сурово. Ниту едно дете не се раѓа со желба да понижува друго дете. Тоа некаде се учи – во домот, во односите, во тишината, во недостатокот на љубов, внимание и вистински вредности“, наведува Лазаровска.

Таа предупредува дека денешните родители често им обезбедуваат на децата материјални работи, но сè помалку време, разговор и внимание, поради што дел од нив бараат чувство на моќ преку понижување на послабите.

Освен улогата на семејството, стручната јавност предупредува и на уште еден загрижувачки феномен – пасивноста на сведоците.

Психологот Билјана Вуковиќ објаснува дека однесувањето на децата кои снимале наместо да помогнат може да се објасни преку психолошкиот феномен познат како „ефект на набљудувачот“, според кој луѓето имаат помала веројатност да реагираат кога околу нив има повеќе сведоци.

Според неа, секој очекува некој друг да интервенира, а истовремено се плаши дека ако реагира ќе биде исмеан или осуден од групата.

Вуковиќ предупредува дека особено кај адолесцентите потребата да бидат прифатени од врсниците понекогаш станува посилна од чувството дека треба да му помогнат на некого.

Најголемата опасност, според психологот, е што кога никој не реагира, кај присутните постепено се создава впечаток дека насилството е нормално и прифатливо однесување.

Таа нагласува дека емпатијата и критичкото размислување не се развиваат сами по себе, туку преку примерот што децата секојдневно го гледаат кај возрасните.

„Ако сакаме децата да реагираат кога некој е понижен, повреден или неправедно третиран, тогаш и ние како возрасни мора да покажеме дека не остануваме неми набљудувачи“, вели Вуковиќ.

Последните случаи покажуваат дека врсничкото насилство одамна не се сведува само на училишни тепачки или меѓусебни расправии. Понижувањето, снимањето на жртвите, објавувањето на снимките на социјалните мрежи и сè поголемата суровост отвораат прашања за вредностите со кои растат младите, но и за одговорноста на целото општество.

Додека институциите ги водат постапките за расчистување на конкретните случаи, стручната јавност предупредува дека решението не може да биде само во казните.

Родителите, училиштата, наставниците, институциите и целата заедница ќе мора заеднички да работат на развивање на емпатијата, почитта и одговорноста кај младите, за снимките од насилство да не станат новата нормалност.

К.Д.

 

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ