Новата платформа овозможува сите клучни административни процеси важни за студентите во текот на образованието да бидат достапни онлајн, преку едно централизирано дигитално решение, со што платформата претставува значаен исчекор во дигиталната трансформација на високото образование во земјата.
Дигиталната платформа овозможува повеќе функционалности – почнувајќи од новата академска година, студентите на УАКС ќе можат електронски да регистрираат предмети и испити, да пристапуваат до распоредот на предавања, тековно да следат евиденција за присуство, да евидентираат присуство на час преку кјуар-код, како и да комуницираат директно со професорите и администрацијата преку платформата. Воедно, студентите преку дигиталната платформа ќе можат во секое време да имаат увид во своите оценки и транскрипт, овозможувајќи полесен пристап до информации и поголема транспарентност во текот на студирањето.
Со новата дигитална платформа, сите студенти на УАКС ќе можат брзо и едноставно да ги завршуваат студентските обврски онлајн, од кој било уред и локација.
Платформата е развиена по примерот на најдобрите светски универзитети и практики во високото образование, и е креирана со цел да ги поедностави административните процеси, да ја подобри комуникацијата и да овозможи поголема транспарентност и достапност на информациите за студентите.
Покрај функционалностите, особено внимание е посветено на безбедноста и заштитата на личните податоци, при што системот користи повеќе различни технологии кои обезбедуваат високо ниво на сигурност и доверливост.
„Дигитализацијата за нас претставува инвестиција во поквалитетно искуство за нашите студенти и во иднината на високото образование генерално. Нашата цел е да им овозможиме на студентите побрзи, поедноставни и потранспарентни услуги, достапни во секое време и од кое било место“, истакнуваат од Универзитетот Американ колеџ Скопје.
УАКС соопштува дека со ова уште еднаш ја потврдува својата посветеност на иновациите, современите образовни процеси и континуираното унапредување на студентското искуство, поставувајќи нови стандарди за дигитализација во високото образование во земјата.






