петок, 3 јули 2026

Mицкоски планира да предводи уште една огромна победа на ВМРО-ДПМНЕ над СДСМ

Немам амбиција да се кандидирам за претседател на државата, но како претседател на ВМРО-ДПМНЕ ќе предводам уште една голема победа над СДСМ на следните парламентарни избори, вели претседателот на Владата Христијан Мицкоски.

Објавено на

часот

Сподели

„Кога ќе завршам со овој дел од мојот живот како претседател на Владата ќе се вратам на факултет кај студентите, јас никогаш не кажав кога тоа ќе се случи, дали за година, 5, 10 години. Ќе треба овие кои што се уплашени од мене, а кои што континуирано ги гледам како ми претскажуваат некаков крај, да се потрудат малку повеќе, за тоа да трае малку пократко. Јас пак од друга страна ќе се потрудам малку повеќе за тоа трае подолго. Што подразбира тоа? Тоа подразбира дека планирам убедливо како претседател на ВМРО-ДПМНЕ да предводам кон уште една огромна парламентарна победа во која што задоволен би бил доколку успееме на тие избори да го подобриме резултатот од тој кој што го имаме пред повеќе од 2 години“, рече премиерот во гостување на ТВ Сител.

Имам уште многу работи да направам и за граѓаните и за државата бидејќи од оваа улога можам точно да видам што е она кое што боло погрешно направено изминатите децении, додаде тој.

„Граѓаните заслужуваат да биде подобро, мотивиран сум и работам како никогаш во мојот живот. Се обидувам да помогнам на секој еден на кој што можам, бидејќи јас не сум чудотворец и не можам на сите да помогнам и да правам чуда. Но, во рамките на моите можности секогаш се трудам да помогнам. И нормално, она кое што од мене го очекуваат граѓаните, да ја спроведам правдата во рамките на моите ингеренции како претседател на Владата. Така што еве уште еднаш потврдувам дека немам амбиција да бидам претседателски кандидат“, рече Мицкоски.

Владата ќе продолжи со реформите и со евроинтегративниот процес, но нема да прифати уставни измени без јасни гаранции дека тоа е последното барање на патот кон Европската Унија, го повтори премиерот ставот за евроинтеграциите на Македонија.

„Ќе се бориме, ќе спроведуваме реформи, ќе ја реализираме реформската агенда и ќе ги решаваме домашните проблеми. Тоа е она што можам да го ветам: жилава и бескомпромисна борба за подобар живот на граѓаните, а истовремено и за зачувување на националните интереси“, рече Мицкоски.

Осврнувајќи се на критиките дека Владата не успева да го деблокира европскиот пат на државата, премиерот оцени дека најголемата фрустрација кај граѓаните не произлегува од моменталниот застој, туку од, како што рече, долгогодишните понижувања и отстапки направени без очекувани резултати.

„Сметам дека фрустрацијата кај граѓаните е голема поради понижувањата што ги доживеавме изминативе години, би рекол и децении, како и поради националните отстапки што беа направени, а притоа не добивме ништо. Иако политичарите во минатото ветуваа чуда, ни ветуваа дека ако смениме знаме, ако смениме Устав, ако смениме име и прифатиме сè што ќе се побара од нас, ќе имаме европско здравство, поквалитетно образование и подобар живот“, рече тој.

Мицкоски нагласи дека не може да предвиди кога земјава ќе го надмине актуелниот застој во процесот на пристапување кон ЕУ, но вели дека Владата нема да се откаже од борбата за решавање на проблемот.

„Можеби ќе биде потребно и повеќе време. Не сум пророк за да ви кажам дали тоа ќе биде за една година, 2 години, 5 години или никогаш. Не знам. Но, можам да ви ветам дека ќе се борам со сета сила што ја имам, заедно со луѓето околу мене“, вели премиерот.

Според него, во меѓувреме е променета и перцепцијата на европските партнери за македонските позиции, при што дел од високите европски функционери веќе разговараат за можни гаранции и за поинаков пристап кон спорот.

„Ако пред две-три години ни велеа дека сè е завршено и дека тоа е понудата на маса, денес дел од високите европски политичари велат: ‘Почекајте, да размислиме за гаранции. Да разгледаме поинаков пристап кон ова прашање’. Последните пораки од Брисел, вклучително и од претседателката Урсула фон дер Лајен, се дека Македонија е меѓу земјите што испорачуваат резултати и реформи. Тоа е она што можам да го ветам и што ќе продолжиме да го правиме. Но, не можам да ветам дека ќе се согласам на уставни измени што некој друг ги прифатил, без јасна гаранција дека тоа е последното барање и без јасно видлива цел. Тоа не можам да си го дозволам“, нагласи премиерот.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ