Во судирите се повредени тројца полицајци и еден демонстрант, јавија албанските медиуми.
Во Тирана повеќе од еден месец секојдневно се одржуваат протести поради наводна корупција поврзана со различни развојни проекти долж албанското крајбрежје и во близина на заштитени подрачја. Владата ги отфрла обвинувањата за корупција.
Она што започна како протест против изградбата на луксузен туристички комплекс што го планира Џаред Кушнер, зет на американскиот претседател Доналд Трамп, во меѓувреме прерасна во пошироко движење против повеќе проекти предвидени долж крајбрежјето.
Демонстрантите се собраа утринава пред почетокот на парламентарната седница. Додека пратениците влегуваа во зградата, тие беа гаѓани со јајца, а дел од насобраните фрлаа јајца и брашно и кон припадниците на полицијата.
Во раните попладневни часови полицијата интервенираше со водени топови и солзавец за да ги растера демонстрантите.
„Протестираме затоа што сакаме транспарентност. Сакаме да ја заштитиме нашата природа“, изјави демонстрантот Аслан Доѓани.
„Владата е корумпирана“, додаде тој.
Протестите претставуваат сериозен тест за премиерот Еди Рама, кој е на власт од 2013 година. Неговите критичари го обвинуваат дека не успеал да ја искорени широко распространетата корупција и дека не направил доволно за подобрување на основните јавни услуги, како што е здравството.
Рама, пак, оцени дека протестите излегле од контрола.
„Убавиот протест на граѓанството, патриотизмот и чистотата сега му го отстапи местото на стариот филм на судири, раздор и насилство“, напиша албанскиот премиер на социјалната мрежа Икс.
Организаторите најавија нов протест за в сабота.






