Националната агенција за криминал (НЦА) соопшти дека интернет-мрежите им овозможувале на сторителите да договараат напади или да снимаат сексуално злоставување, а злосторствата најчесто се случувале во рамките на односи засновани на доверба, пишува Гардијан.
НЦА, од почетокот на истрагата за еден интернет-форум во октомври минатата година, идентификувала повеќе од 270 лица поврзани со него и со форумите што го наследиле. Најџел Лири, заменик-директор на НЦА, изјави дека испратиле повеќе од 210 пакети со разузнавачки информации за осомничени и потенцијални жртви до партнерски агенции во Велика Британија и во странство, при што повеќе од 90 проценти од тие информации биле испратени во други држави.
„Веруваме дека откривме навистина меѓународна мрежа со членови идентификувани во десетина земји на сите континенти“, изјави Лири. Тој додаде дека во Велика Британија тие информации довеле до најмалку 14 одделни истраги, при што осум жртви биле заштитени.
Лири истакна дека интернет-платформите „овозможуваат и го олеснуваат директното извршување кривични дела“.
„Видовме корисници како активно комуницираат со други истомисленици, разговарајќи до најситни детали за тоа како сакаат да ги дрогираат своите жртви за да извршат најодвратни сексуални злосторства“, рече тој.
„Разговорите вклучуваат повикување други лица да учествуваат во сексуални напади, барање совети за најсоодветните дроги или седативи и начинот на нивна примена, барања одредени форми на злоставување да бидат извршени и снимени, како и координирање на злосторствата, договарање силувања, споделување методи и развивање тактики за избегнување откривање“, појасни Лири.
„Во многу случаи што досега ги видовме, лицата станале жртви на сексуални напади додека биле омамени“, рече тој, додавајќи дека луѓето можеби воопшто не се свесни дека тоа им се случило.
Лири изјави дека размерите на она што досега го откриле истражителите се „длабоко загрижувачки“ и дека ова „веќе не е изолирано однесување, туку станува сè поорганизирано“.
„Разузнавачките информации укажуваат дека постоеле, а и понатаму постојат, други групи, од кои многу сè уште не се идентификувани, кои се вклучени во ваков вид криминал“, рече тој, додавајќи дека ваквите случаи „речиси сигурно не се откриваат и не се пријавуваат во нивниот вистински обем“.
НЦА ги спореди ваквите злосторства извршени преку интернет со случајот на Жизел Пелико во Франција. Нејзиниот поранешен сопруг Доминик Пелико беше осуден на 20 години затвор затоа што ја дрогирал и силувал, а им дозволувал и на десетици други мажи да ја силуваат додека била без свест. Злоставувањето траело речиси една деценија.
На судењето во Авињон, кое заврши во декември 2024 година, уште 50 мажи беа прогласени за виновни за силување или други сексуални кривични дела.
Во одделна операција, Европол денеска соопшти дека соработувал со полициите на седум земји за идентификување на 156 жртви и сторители во, како што наведоа, „операција без преседан насочена против сексуални напади извршени со употреба на дрога“.
Хелен Миличап, директорка на Националниот центар за насилство врз жени и девојчиња, изјави дека „организираните сексуални напади со употреба на дрога претставуваат сериозна и растечка закана“.
Таа рече дека корените на овие злосторства се во „семејното насилство, контролирачкото и присилното однесување и сексуалните кривични дела“.
Иако овие злосторства „сигурно не се нови“, истакна Миличап, „профилот што се развива покажува дека злоставувањето сè повеќе се одвива преку интернет, неговите размери се менуваат, па затоа мора да се промени и нашиот одговор“.
Таа рече дека многу жртви можеби никогаш нема да дознаат што им се случило сè додека не ги контактира полицијата или додека не видат дигитални докази.
„Свесни сме колку тоа може да биде збунувачко и вознемирувачко, особено кога одговорното лице е некој што ви е познат и кому сте му верувале“, рече таа.
Таа ги повика сите што се сомневаат дека можеби биле жртви да побараат помош.
„Ако чувствувате дека нешто не е во ред, не ви треба доказ ниту јасно сеќавање за да побарате помош“, порача таа.
Сиобан Блејк, раководителка на одделот за силувања и тешки сексуални кривични дела при британското обвинителство, изјави дека е откриено „едно од најодвратните злосторства што ги видела во своите 25 години работа како обвинителка“.
„Ова претставува најгруба злоупотреба на довербата на жртвите од страна на луѓе што требало да им пружат грижа и поддршка“, рече таа.
Таа нагласи дека обвинителството „веќе работи на помал број случаи од ваков вид и тесно соработува со полицијата за подобро да ги разбере доказите, да изгради цврсти предмети и сторителите да ги изведе пред лицето на правдата“.
„Технологијата ги промени размерите на ова злоставување, создавајќи нови начини за искористување на жртвите“, рече таа, но додаде дека истовремено им овозможила и на властите полесно да ги следат и процесираат ваквите случаи.
„Го користиме секој инструмент што ни стои на располагање за да бидеме чекор пред оваа сè поразвиена форма на сексуален криминал и да подготвиме што е можно поцврсти предмети за суд“, заклучи Блејк.






