четврток, 2 јули 2026

Најголемиот сет Лего коцки во историјата: Гаудиевата Саграда Фамилија има повеќе од 12.000 парчиња

Базиликата Саграда Фамилија во Барселона се приближува кон завршување на изградбата по 144 години. По тој повод, Лего го претстави моделот на оваа прочуена градба, кој љубителите на коцките можат да го составуваат дел по дел – иако во значително помала големина.

Фото: Социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Компанијата ја прошири својата колекција на минијатурни светски знаменитости, во која веќе се наоѓаат панорамата на Њујорк, Ајфеловата кула и римската Фонтана ди Треви, претставувајќи го моделот на Саграда Фамилија по повод стогодишнината од смртта на нејзиниот архитект Антони Гауди, пренесува Си-ен-ен.

Моделот е висок 62 сантиметри, а за составување се потребни дури 12.060 делови, што го прави минијатурна верзија на највисоката црква во светот, која всушност достигнува висина од 172,5 метри.

Еден од најинтересните детали на моделот е ефектот на витражите, кој веродостојно ја доловува шарената светлина што низ прозорците ја осветлува внатрешноста на вистинската базилика.

„Нашата цел беше со најголема почит да ѝ оддадеме признание на визијата на Гауди, да го доловиме ритамот на изградбата на базиликата, нејзината исклучителна сложеност и амбициозност и сето тоа да го претвориме во уникатно градежно искуство“, изјави главниот дизајнер на Лего, Рок Жгалин Кобе, во соопштението на компанијата.

Градба која со децении важеше за невозможна мисија

Саграда Фамилија долго време се сметаше за речиси невозможна за завршување поради нејзината исклучително сложена архитектура, но и затоа што нацртите и моделите на Гауди беа уништени за време на Шпанската граѓанска војна, меѓу 1936 и 1939 година.

Генерации посетители се навикнаа да гледаат градежни кранови околу базиликата, додека работата трае со години.

Изградбата започнала во 1882 година според проектот на Антони Гауди, кој замислил монументална зграда со 18 големи кули во облик на вретено. Секоја од нив симболизира библиска фигура: 12-те апостоли, четирите евангелисти, Дева Марија и Исус Христос.

Кога Гауди загинал во 1926 година, биле завршени само меѓу 10 и 15 проценти од базиликата, вклучувајќи еден трансепт, криптата и дел од апсидата.

Иако сè уште има работи што треба да се направат, базиликата симболично беше завршена кон крајот на февруари оваа година, кога беше завршена изградбата на Кулата на Исус Христос.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ