Клубот од Северен Лондон ја реализираше првата од двете најавени трансфер бомби, Матеуш Фернандеш е нов фудбалер на Тотнем.
„Пресреќен сум што го направив овој чекор во кариерата. Тотнем е еден од најголемите клубови, а разговорот со тренерот ме убеди дека ова е вистинското место за мене“ – вели Португалецот.
„Имаме исто гледиште за фудбалот, сакаме тим што ќе игра борбено, со многу енергија и секогаш ќе оди на победа. Со нетрпение очекувам да започнам, да ги запознаам навивачите, соиграчите и сите во клубот, а на теренот ќе дадам максимум за дресот на Тотнем.“
Интересно е тоа што Матеуш Фернандеш две сезони по ред испаѓа во втора лига, но и покрај тоа прави богати трансфери.
Минатото лето испадна со Саутемптон, но и покрај тоа ги замени „светците“ со Вест Хем во зделка вредна околу 38 милиони фунти (околу 44 милиони евра), како и 15% од следната зделка.
Португалецот ова лето повторно испадна со „чеканите“, но тоа не го обесхрабри Тотнем, кој реши да плати високи 85 милиони фунти (околу 100 милиони евра) и да го направи Матеуш Фернандеш најскапиот играч во својата историја.
Овој рекорд сепак нема да стои долго, се очекува во скоро време да биде потврден и трансферот на Сандро Тонали вреден околу 100 милиони фунти, односно околу 117 милиони евра.






