четврток, 2 јули 2026

Унгарска шпионска мрежа во Брисел: разузнавачи под дипломатски плашт извлекувале информации од службеници на Европската комисија

Унгарска шпионска мрежа дејствувала од Постојаното претставништво на таа земја при Европската Унија во Брисел, а нејзините активности значително се интензивирале во текот на 2015 година, се наведува во документ на Европската комисија во кој увид имал порталот „Политико“.

Фото: ЕПА

Објавено на

часот

Сподели

Документот, од април годинава, ги содржи резултатите од истрагата што ја водел европскиот комесар за борба против измами Пјотр Серафин. Тој бил задолжен да ги испита наводите дека припадници на унгарската разузнавачка служба, распоредени во Постојаното претставништво на Унгарија во Брисел, во средината на минатата деценија се обидувале да регрутираат службеници на европските институции.

Според наодите од истрагата, унгарските разузнавачки служби од 2013 до 2016 година во претставништвото во Брисел испраќале повеќе свои оперативци под дипломатско покритие.

„Нивните активности во почетокот беа дискретни, но од 2015 година станаа значително поотворени“, се наведува во извештајот.

Поради засилените активности, постоењето на оваа мрежа станало познато меѓу унгарските функционери вработени во институциите на ЕУ, што, според оценката на Комисијата, ја намалило ефикасноста на нивното дејствување. Во документот се додава дека тие активности, според расположливите информации, престанале во текот на 2016 година.

Вархеји негира дека знаел

На чело на унгарското претставништво во Брисел од 2015 година бил Оливер Вархеји, сегашен европски комесар за здравје и благосостојба на животните. Тој во претставништвото работел уште од 2011 година.

Откако минатата година медиумите објавија тврдења дека унгарското претставништво служело како база за разузнавачки операции, Вархеји ѝ рекол на претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лаен дека немал сознанија за наводните активности на унгарската разузнавачка служба.

Истиот став го повторил и во јануари годинава за време на сослушувањето пред пратениците во Европскиот парламент.

„Дали ми се обратиле унгарските или кои било други разузнавачки служби? Не, не ми се“, рекол Вархеји, додавајќи дека од него никогаш не било побарано да проследува доверливи информации.

На барањето за коментар по повод најновите наоди од истрагата не одговорил.

Нема докази за одговорност на поединци

Истрагата на Европската комисија не утврдила одговорност на конкретни лица, освен на самите припадници на разузнавачката служба.

„Врз основа на собраните информации и со ограничените истражни механизми со кои располага Комисијата, не е можно да се утврди индивидуална одговорност или вмешаност на други лица освен на самите разузнавачки оперативци“, се наведува во документот.

Комисијата истовремено соопштила дека не пронашла докази за сериозни безбедносни пропусти во институциите на Европската Унија.

Цел биле службениците на Европската комисија

Сепак, извештајот првпат официјално го потврдува постоењето на унгарска шпионска мрежа и наведува дека нејзина главна цел биле службениците на Европската комисија, пред сè оние од унгарска националност.

Според наодите од истрагата, разузнавачите го користеле својот дипломатски статус за да извршуваат задачи што ги надминувале вообичаените дипломатски активности. Нивната цел била да воспостават контакти со службеници на Европската комисија од унгарско потекло и од нив да собираат детални информации за работата на Комисијата, особено во областите што биле од интерес за унгарската влада.

Постојаното претставништво на Унгарија при Европската Унија не одговорило на прашањата на новинарите.

Европската комисија, од друга страна, упати на една претходна изјава на нејзиниот портпарол Балаж Ујвари, кој при затворањето на истрагата во април рекол дека Комисијата не утврдила постоење на сериозно нарушување на безбедноста во врска со наводите што се појавија во медиумите.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ