четврток, 2 јули 2026

Грција плаќа за улов на отровната риба балон што може да прегризе и лименка (ВИДЕО)

Грција воведе програма за парични стимулации за професионалните рибари со цел да го намали бројот на сребренопругата риба балон (Lagocephalus sceleratus), инвазивен и силно отровен вид што поради затоплувањето на Средоземно Море сè побрзо се шири во грчките води.

Илустрација: АИ

Објавено на

часот

Сподели

Рибарите на Крит и на други грчки острови во последните недели пријавуваат големи штети бидејќи оваа риба им ги кине мрежите и го уништува уловот.

Сребренопругата риба балон има издолжено тело и исклучително силни заби со кои лесно ги прегризува рибарските мрежи, но и алуминиумски лименки и парчиња дрво, што се гледа на снимките објавени од грчките рибари.

Нејзината кожа, црниот дроб, јајниците и другите внатрешни органи содржат тетродотоксин – еден од најсилните познати невротоксини, кој при консумирање може да предизвика парализа, срцев застој и смрт.

Иако грчките власти велат дека рибата не е забележана во капалиштата, таа им создава сериозни проблеми на рибарите.

„Дојдовме до ситуација еден ден да одиме на риболов, а следните три дена да ги поправаме мрежите. Ни го јаде уловот и ни ги уништува мрежите, а тоа чини многу пари“, изјави за грчката државна телевизија ЕРТ Јоргос Киријакакис од здружението на рибари од Крит.

Се смета дека овој вид, кој природно живее во Индиски и Тихи Океан, во Средоземно Море навлегол преку Суецкиот Канал, а повисоките температури на морето овозможиле негово брзо ширење.

Од петок, грчката влада ќе исплаќа 5,33 евра за секој килограм уловена риба балон. Засега програмата се однесува на Крит и Јужниот Егеј, а се финансира со европски средства во вредност до 1,5 милиони евра.

„Ова е првпат ваква мерка да се применува во Грција“, изјави министерот за рурален развој и храна Маргаритис Схинас. Тој најави дека, доколку програмата даде резултати, ќе биде проширена на сите грчки води.

Уловените риби ќе бидат замрзнати, а потоа уништени со согорување во постројки на локалните власти.

Поради многубројните снимки што кружат на интернет, Грчкиот Црвен крст издаде јавно здравствено предупредување со упатства за прва помош при евентуално каснување и потсети дека органите на рибата содржат смртоносен невротоксин.

Истовремено, грчките власти и туристичкиот сектор апелираат да не се создава непотребна паника.

Во заедничко соопштение на 16 медицински и туристички организации од Крит се наведува дека присуството на оваа риба во Средоземно Море е познато со години.

„Не постои непосредна опасност за капачите. Морските предатори не ја загрозуваат безбедноста на посетителите и жителите. Претерувањето често е дел од јавната дебата“, се наведува во соопштението.

Сребренопругата риба балон неодамна повторно беше уловена и во Јадранско Море, во близина на Сплит. Иако засега е релативно ретка во Јадранот, научниците предупредуваат дека со понатамошното затоплување на морето нејзината бројност би можела да продолжи да расте.

Експертите ги повикуваат рибарите и граѓаните да го пријавуваат секој улов или забележување на овој инвазивен вид, бидејќи следењето на неговото ширење е важно за разбирање на промените во морските екосистеми.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ