Додека поголемиот дел од западните медиуми остануваат заробени во дневната хроника на судирот меѓу Израел, Иран и Соединетите Американски Држави, далеку поважен процес се одвива под површината.
Во Западна Азија и пошироката евроазиска област постепено се обликува нова политичка, економска и безбедносна архитектура – архитектура која сè помалку зависи од волјата на Вашингтон, а сè повеќе од интересите и договорите на самите регионални сили.
Иронијата е речиси историска.
Војната која требаше да ја потврди американската доминација можеби ќе остане запаметена како настанот што го забрза нејзиното еродирање.
Со децении, безбедносниот поредок во Персискиот Залив почиваше врз една единствена претпоставка: дека Соединетите Држави ќе останат незаменлив гарант на регионалната стабилност. Вашингтон ги контролираше финансиските текови, ги обезбедуваше поморските рути, ги наметнуваше санкциите, посредуваше во сојузите и, кога беше потребно, ја демонстрираше својата воена надмоќ.
Денес таа претпоставка тивко се преиспитува во речиси секој главен град на регионот.
Реториката од Вашингтон останува непроменета.
Доналд Трамп и понатаму настапува со закани, лаги, демо на сила и уверувања дека Иран е ставен под контрола, а Персискиот Залив останува под американски чадор.
Но зад јавните настапи се развива сосема поинаква реалност.
Највидлив доказ за тоа е неочекуваното издигнување на Пакистан во еден од клучните дипломатски и стратешки центри на новиот регионален поредок.
Само пред неколку месеци малкумина ќе поверуваа дека Исламабад ќе стане посредник меѓу Иран, Саудиска Арабија, Египет, Турција, Катар и Кина. Односите меѓу Иран и Пакистан со години беа оптоварени со безбедносни проблеми, прекугранични активности на вооружени групи и длабока меѓусебна недоверба.
И тогаш војната на Нетенјаху и Трамп го промени текот на настаните. Во првите недели од конфликтот, Иран изгледаше исклучително ранлив. Високи државни и безбедносни функционери беа ликвидирани со запрепастувачка прецизност. Кампањата на таргетирани атентати создаде впечаток дека противниците на Техеран располагаат со речиси совршен увид во движењата, комуникациите и локациите на иранското раководство.
Потоа, речиси преку ноќ, атентатите престанаа.
Според информации што циркулираат во стратешките кругови на регионот, Пакистан му понудил на Иран пристап до технолошки капацитети развивани со значајна кинеска поддршка, чија намена била да ги неутрализираат системите за разузнавање и таргетирање потпомогнати од вештачка интелигенција.
Суштината била едноставна. Ако вештачката интелигенција се користела за предвидување, идентификација и следење на движењата на иранските лидери, тогаш одговорот не е само во подобра физичка заштита, туку во компромитирање на самата разузнавачка архитектура што ги произведувала тие податоци.
Преку техники кои остануваат строго чувана тајна – било да станува збор за создавање лажни дигитални траги, манипулација со податочни текови, дезинформација или други форми на технолошка измама – нешто очигледно се променило.
Системот што дотогаш функционирал со речиси хируршка прецизност одеднаш престанува да ги испорачува истите резултати.
Фактот е едноставен и видлив за сите: атентатите престанаа. За Техеран тоа претставува пресвртница.
Пакистан не му нуди само дипломатска поддршка, туку нешто далеку повредно – стратешко решение во миг на најголема ранливост. Токму затоа новоизградената доверба меѓу Исламабад и Техеран се развива со брзина што до неодамна изгледаше незамислива.
Тоа објаснува и зошто првата странска посета на иранското раководство по конфликтот не беше кон Пекинг, Москва или некоја европска престолнина, туку токму кон Исламабад.
Од тој момент па натаму, соработката престана да биде билатерална.
Пред нашите очи почна да се обликува поширока оска што ги поврзува Пакистан, Саудиска Арабија, Египет, Турција, Катар и Иран. Средбите во Исламабад, Каиро и на други локации сè повеќе укажуваат на обид за создавање нов регионален безбедносен механизам, независен од традиционалната американска доминација.
Во тој процес Пакистан се наметнува како мост.
Катар има важна финансиска улога. Египет и Турција носат политичка тежина. Саудиска Арабија располага со економска моќ и влијание.
Но токму Пакистан постепено се претвора во сврзното ткиво на новата конструкција.
Тука на сцената стапува Кина.
За разлика од класичните империјални сили, Пекинг не гради влијание преку воени бази и носачи на авиони. Неговото оружје се инфраструктурата, трговијата, железниците, енергетските коридори, дигиталните мрежи и финансиските системи.
Иницијативата „Појас и пат“ никогаш не беше само инфраструктурен проект.
Таа претставуваше геополитички план за нов светски поредок. Иран и Пакистан се наоѓаат во самото срце на таа визија.
Кинеско-пакистанскиот економски коридор, пристаништето Гвадар, идниот иранско-пакистански гасовод, кинеските инвестиции во иранската инфраструктура и новите транспортни рути што ги поврзуваат Централна Азија, Јужна Азија и Персискиот Залив – сите тие се делови од истата сложувалка.
Гасоводите стануваат политички сојузи. Железниците стануваат стратешки партнерства. Трговските коридори стануваат гаранции за безбедност.
Токму затоа Кина успева да проектира влијание без да испука ниту еден куршум.
Русија, пак, има поинаква, но комплементарна улога. Со години Москва зборува за потребата од нова евроазиска безбедносна архитектура која постепено ќе ја намали зависноста од западните институции и ќе им овозможи на регионалните сили самостојно да ја гарантираат својата стабилност.
Она што денес се нарекува „нова безбедносна архитектура на Западна Азија“ сè повеќе се вклопува токму во таа визија.
Значи не станува збор за анти-ирански блок, ниту станува збор за анти-арапска коалиција. Станува збор за обид конечно да се замени деценискиот модел на контролирана нестабилност со модел на меѓусебна економска зависност, енергетска интеграција и регионална безбедносна координација.
Е тука баш лежи вистинската историска промена.
Со генерации регионот беше дефиниран преку типично британски модел на владеење „раздели па владеј”: Арапи против Персијци, сунити против шиити, монархии против републики.
Новата архитектура се обидува тие поделби да ги надмине во корист на заедничките интереси. И секако дека во центарот на таа трансформација повторно стои енергијата.
Иранско-пакистанскиот гасовод повторно станува реалност. Кинеските транспортни коридори продолжуваат да се шират. Поморската и копнената поврзаност меѓу Иран, Пакистан и Кина добива нова динамика.
Овие проекти создаваат нешто што воените сојузи никогаш не можат целосно да обезбедат: заеднички интерес за мир. Гасоводот создава интерес за стабилност.
Железницата создава интерес за соработка. Трговскиот коридор создава интерес за просперитет, додека Петродоларскиот систем – темелот на американската глобална моќ повеќе од половина век – влегува во период на историски диклајн – пад.
Сè поголем дел од енергетската трговија се одвива надвор од доларскиот систем. Иранската нафта што тече кон Кина сè почесто се наплаќа преку алтернативни финансиски механизми и валути надвор од американска контрола. Русија, Кина и нивните партнери со години создаваат паралелни системи на плаќање и порамнување.
Прашањето повеќе не е дали петродоларот е во опаѓање туку колку брзо ќе се одвива транзицијата. Аналитичари даваат прогноза дека за 5 години само 50 % трансакции ќе бидат во US $.
И токму тука се крие најголемата историска иронија. Војната што требаше да го спаси стариот поредок всушност го забрзува раѓањето на новиот.
Затоа вистинската приказна на денешниот Персиски Залив не се ракетите, воздушните напади или примирјата. Вистинската приказна е архитектурата.
Нова безбедносна архитектура.
Нова економска архитектура.
Нова технолошка архитектура.
И нова геополитичка архитектура што се протега од Кина, преку Пакистан и Иран, до самиот Персиски Залив. Таа сè уште не е довршена. Таа сè уште е кревка.
Но постои.
И првпат по пет децении, иднината на Западна Азија повеќе не се испишува исклучиво во Вашингтон.
Таа денес се пишува и во Пекинг, Москва, Исламабад, Техеран и Ријад.
Анита Гибсон












