Во интервју за агенцијата ТАСС на маргините на експертскиот дијалог во рамките на клубот „Валдај“, Трофимов оцени дека Западот дејствува во сопствен интерес и „го разгорува пламенот на конфликтот“ низ Евроазија, како и дека земјите од Европската Унија и НАТО се стремат да го претворат континентот во простор на геополитичка конфронтација.
„Предизвикаа кризи во Источна Европа и Украина, го дестабилизираат Балканот и го доведоа Блискиот Исток на работ на тотална војна. Сите ги гледаме трагичните настани што се одвиваат таму“, рече тој.
Трофимов додаде дека земјите од ЕУ и НАТО „намерно ги дестабилизираат“ различните региони на Евроазија, вклучувајќи ги Централна, Јужна, Североисточна и Југоисточна Азија, како и Арктикот, кој, како што изјави, станува сè повеќе милитаризиран.
Тој оцени дека ваквите акции се дел од пошироката западна стратегија насочена кон „задржување на алтернативните центри на моќ“.
На прашањето дали очекува укинување на антируските санкции доколку се нормализираат односите со Западот, тој нагласи дека не знае што се подразбира под „нормализација на односите со Западот“ и дека се надева оти тоа не значи дека односите меѓу Русија и Западот ќе се вратат на оние од времето на „нашите баби“.






