сабота, 27 јуни 2026

Спортски авион удри во највисоката зграда во Пекинг, пилотот загина (ВИДЕО)

При удар на мал спортски авион во највисоката зграда во Пекинг во петокот загина пилотот, а 13 лица беа повредени, соопштија локалните власти.

Фото: Социјални мрежи

Објавено на

часот

Сподели

Владата на округот Чаојанг денеска соопшти дека повредените добиваат медицинска помош и дека надлежните органи го истражуваат инцидентот, пренесува Ројтерс.

„Лесен спортски авион со еден мотор и две седишта се урна во облакодер додека леташе во близина на источната трета обиколница во Чаојанг во петокот во 17 часот и 55 минути по локално време“, се вели во соопштението објавено на социјалните мрежи.

Се наведува дека во авионот имало само едно лице, пилотот, кој загинал.

Штетата на фасадата на облакодерот се чини дека е ограничена на дупка создадена откако паднале два големи стаклени панели. Дупката беше привремено затворена со заштитни панели.

Ројтерс во петокот објави за удар во зграда висока 528 метри, позната како Кулата ЦИТИК или Кина Зун, во централниот деловен округ на Пекинг. Таа е оддалечена околу 6 км од Забранетиот град, кој го посетуваат илјадници туристи секој ден, а се наоѓа и во близина на Џонгнанхај, комплексот во кој се сместени канцелариите на највисокото политичко раководство на Кина.

Инцидентот се случи откако Пекинг во мај воведе забрана за купување, изнајмување или летање на дронови без одобрение, наведувајќи ја како причина загриженоста за јавната безбедност.

Последната авионска несреќа во Пекинг се случи во 2022 година, кога туристички хеликоптер се урна за време на летот помеѓу областите Чангпинг и Фангшан, при што загинаа двајца пилоти.

ТОП ВЕСТИ

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ