среда, 24 јуни 2026
Билјана Ванковска

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Помеѓу изборите и владеењето: Што можат македонските партии да научат од кинеското искуство?

На прв поглед партиската сцена на Македонија, но и на секоја држава со повеќепартиски систем, не нуди никаква основа за да се постави прашање поврзано со можните научени лекции со тие на градењето и одржувањето на Комунистичката партија на Кина (КПК).

За тие што не знаат, таа е една од најдолготрајните партии од ваков вид во светот; оваа година ја одбележува својата 105 годишнина. Значи, овде фокусот не е на идеолошката матрица, туку на начинот на кој една партиска структура минала низ различни периоди, премрежија, војни (надворешни и граѓански), а сепак останала и жива и креативна.
Најлесно е да се каже дека тука место за споредба нема затоа што КПК е замислена
и создадена за еднопартиски систем, на чие чело стои од победата на социјалистичката револуција. Од друга страна, во т.н. постсоцијалистички држави успехот се мери не со одржливоста на една структура, туку со бројноста на партиската сцена. Барем така беше во првите години по „падот на социјализмот“ и она што следуваше: мултипартизмот беше сам по себе прогласен за доказ за демократичност. Тоа е прилично парадоксална теза ако се има на ум дека концептот на демократијата означува владеење на народот (демосот), додека зборот партија произлегува од pars, дел од некоја поголема целина. Со други зборови, партиите опфаќаат делови од демосот, зборуваат во нивно име и претендираат дека ги претставуваат нивните интереси. Во последно време, откако кризата на либералната демократија и уште подлабоката криза на капитализмот (заедно со порастот на хиперимперијализмот), речиси секоја партија која се обидува или успева да го артикулира гласот и интересот на мнозинството се етикетира како „популистичка“. Тоа е негативна определба, која сака да каже дека „вистински демократски партии“ се само оние кои претставуваат еден социјален или политички слој, но не и граѓаните (или не дај боже класите) како целина. До синергија може евентуално да дојде преку постизборно коалицирање, но тоа е по дефиниција создавање на компромис преку издавање на базичните принципи, па и изневерување на програмските и изборните ветувања.

Партиската сцена во Македонија преку три децении ги боледува тие партиско
идеолошки лутања, за да конечно се „стабилизира“ на начин на кој само неколку големи партии го делат колачот на победата и се фактори на управувањето. По правило преку коалициски влади… Колатералната штета на таквата мултипартиска демократија е убивањето на идеологијата, па дури и на вистинската политичка дебата и борба на јавна сцена. Со исклучок на Левица која јасно ја определува својата позиција на оската како крајно лева, сите други кокетираат со центарот и применуваат политика на catch-all parties. Битно е освојувањето на што повеќе гласови, што со ветувања, што со пропаганда, но на крајот целта е освојување на владејачките позиции и привилегии.

Народот редовно останува незадоволен и излажан. Дискурсот е за демократија, европски стандарди и политички реформи. Се сменуваат влади, партии и лидери, но некои проблеми остануваат зачудувачки константни: корупцијата, клиентелизмот, партизацијата на институциите и растечката недоверба на граѓаните кон политичката класа, но и кон политиката како валкана работа. Парадоксот е очигледен. Имаме плурализам и редовни избори, но сè помалку доверба дека политиката навистина работи во интерес на граѓаните.

Политичките партии, наместо да бидат инструменти на јавниот интерес, често се претвораат во изборни машини чија главна цел е освојување и задржување на власта. Во такви околности вреди да се погледнат и искуства надвор од западниот политички модел. Зошто? Затоа што и Западот се наоѓа во длабока криза и на партиски и на социјален план, па нашето досегашно копирање на нивните искуства не доведе до резултати. Не, не станува збор за слепо копирање на туѓи системи, туку за создавање свест за искуства и отворање поширока дебата за едно прашање кое е универзално: како една владејачка политичка организација може да остане одговорна пред народот?
Самото спомнување на Кина во овој контекст знам дека веќе предизвикува бура; уште пред да се слушне аргументацијата, но да се обидам. Прво, треба да се напушти стереотипот за еднопартискиот систем, бидејќи во оваа земја не е забрането формирање други партии. Такви постојат, иако водството (и одговорноста) се во рацете на КПК (причините за ова бараат многу попродлабочена анализа од таа што може да се понуди во една колумна). Помалите партии имаат свој партиски и политички ангажман, активности, алтернативни мислења, но не се демонизирани или исклучени од пошироката општествена консултација. Малкумина знаат дека во кинеската влада како министри може да се појават и луѓе кои не се членови на КПК, туку на друга партија. Заради заслугите, т.е. експертизата и способностите докажани во определени полиња важни за водењето на државата.
Меѓутоа, во овој текст акцентот е повеќе на кинеското искуство кое што може да
биде особено интересно токму поради тоа што најголемото внимание не го посветува на изборната конкуренција, туку на она што се случува меѓу изборите – дисциплината,
организацијата и способноста на владејачката партија да се корeгира себе си. Во наши
услови ситуацијата е обратна: се живее за и од избори, партиската структура и
меѓуизборниот период е само пауза од „она главното“. Една од најинтересните лекции
произлегува од сознанието дека корупцијата не е само морален проблем на поединци,
туку е редовно институционален проблем. Наместо потпирање исклучиво на надворешни контролни механизми, кинескиот партиски систем развил строги внатрешни механизми за надзор и дисциплина. Независно од тоа како некој го оценува кинескиот политички модел во целина, не може да се запостави фактот дека за оваа партија борбата против корупцијата е поставена како прашање на политички опстанок на системот. Корупцијата е феномен кој се среќава во различни политички и институционални контексти (вклучително и во рамките на ЕУ системот или т.н. стари западни демократии). Во Кина тој добива на значење паралелно со брзиот развој, за тоа што искушенијата можат да бидат и големи и реални.
За македонски услови ова отвора едно непријатно прашање: дали нашите партии
воопшто имаат капацитет за самоконтрола и за борба против корупцијата во сопствените редови? Или секоја борба против корупцијата започнува и завршува како инструмент за пресметка со политички противници? (Иако дури и тоа е дискутабилно, како во старата изрека дека врана на врана очи не ѝ вади). Подеднакво интересна е и идејата за таканаречениот „работен стил“ на политичките кадри. Во кинеската политичка традиција постои постојана свест за опасноста од бирократизација, односно отуѓувањето на политичката елита од обичните луѓе. Иако концептот произлегува од специфични историски и идеолошки околности, неговата суштина е универзална: политичарите мора да останат во контакт со реалниот живот на граѓаните.

Во Македонија токму тоа е една од најчестите критики. Партиските врвови живеат во сопствен свет, додека секојдневните проблеми на граѓаните остануваат на маргините. Наместо тоа се нудат големи идеи за стратегиски партнерства, европеизација и слично. Од Скопје до најмалите населени места постои чувство дека политичките елити повеќе комуницираат со амбасади, донатори и медиумски советници отколку со сопствениот народ.
Особено важна лекција е разликата помеѓу институциите и личностите.
Балканската (но не само таа) политика традиционално е опседната со лидери. Политичките партии често функционираат како продолжена сенка на еден човек, а не
како стабилни организации со јасни правила и механизми за внатрешна одговорност.
Историјата покажува дека ваквите модели произведуваат краткорочна мобилизација
(зависно од харизмата на лидерот), но цената за тоа е долгорочна институционална
слабост. Кога лидерот заминува, системот останува во вакуум или се отвора широк и
безмилосен фронт на битка за лидерското место. Наспроти тоа, секоја политичка
организација што сака да опстане мора да создава процедури, правила и кадровски
механизми кои ќе бидат посилни од поединечните личности.
Обидете се за момент да го апстрахирате фактот дека станува збор за комунистичка партија, а свртете го вниманието на фактот дека во внатрепартиската номенклатура напредувањето таму не зависи само од лојалноста, туку од мерливи резултати. Градоначалник или партиски секретар се унапредува ако успешно ги исполнил
целите кои му биле зададени. Кај нас, напредувањето зависи исклучиво од лојалноста кон претседателот на партијата и капацитетот за мобилизирање гласови неретко со правење списоци на цели семејства и под притисок (клиентелизам). Партиите мора да воведат јасни индикатори за перформанс за своите кадри. Локалниот партиски огранок или функционер се оценува и унапредува врз основа на тоа колку конкретни проекти реализирал, колку го подобрил животот во својата општина и колку успешно
комуницирал со граѓаните, а не колку членарина собрал или колку гласови донел.
Овие прашања се особено релевантни особено за левичарските движења и партии.
Партиите кои се повикуваат на социјална правда, работнички права и борба против
олигархијата често се соочуваат со истата дилема: како да се спречи сопствената
трансформација во уште една елита отуѓена од луѓето во чие име говори? Ниту една
партија не е имуна на оваа опасност. Затоа најголемиот предизвик не е освојувањето на власта, туку воспоставувањето механизми што ќе овозможат постојана самокритика, дисциплина и отчетност.
Секако, Македонија и Кина се неспоредливи по многу параметри, а во случајов е
најважна разликата во обликот на политичкиот систем. Никој сериозен не би тврдел дека едно општество може механички да ги преземе институциите на друго. Но токму затоа вредноста на споредбата не е во копирањето, туку во учењето. Во време кога
демократијата сè почесто се сведува на маркетинг, анкети и изборни циклуси, кинеското искуство потсетува на нешто што во Македонија одамна сме го заборавиле: владеењето е многу повеќе од победа на избори. Тоа е секојдневна обврска за служба на јавниот интерес, борба против корупцијата и постојано одржување на врската меѓу политиката и народот. Без таа врска, секој систем (без разлика дали е еднопартиски или повеќепартиски) ризикува да ја изгуби својата легитимност. А кога граѓаните ќе престанат да веруваат дека политиката работи за нив, кризата на довербата станува многу поопасна од која било изборна загуба.

Билјана Ванковска

КОЛУМНИ

Александра Сабрас Апостолова

Jасна рамка и усогласени стандарди за работа со децата со попреченост

Јове Кекеновски

Кoj има право да го толкува Уставот на Република Македонија?

Рубин Земон

Кој има право да одлучува кои сме што сме?!

Жидас Даскаловски

Каков изборен модел ѝ е потребен на Македонија? (2)

Џефри Д. Сакс

Марко Поло: Патување за мир, култура и одржлив развој

Славе Димитров

Црната кутија на авторското право – институционална парализа и профитабилен хаос

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ