Законот, како што велат, предвидува мерки со кои се обезбедува минимално ефективно оданочување на добивката на мултинационални групи на компании, како и на големи домашни групи, со минимална даночна стапка на добивка од 15 проценти.
„Законот се применува на составни субјекти со седиште во Македонија кои се членки на мултинационална група на компании и на големи домашни групи и сите нивни составни субјекти кои се наоѓаат во земјава, чиј годишен приход во консолидираните финансиски извештаи на крајната матична компанија во најмалку две фискални години во периодот 2020 – 2023 година е еднаков или поголем од 750 милиони евра“ ,прецизираат од УЈП.
Нагласуваат дека минималното ефективно оданочување на добивката на мултинационалните групи на компании и на големите домашни групи се обезбедува со примена на правилото на квалификуван домашен дополнителен данок, според кое матичната компанија на мултинационална група на компании и сите нејзини составни субјекти кои се наоѓаат во земјава подлежат на обврска за плаќање на квалификуван домашен дополнителен данок за одредена фискална година, доколку нивната ефективна даночна стапка утврдена според одредбите на Законот е пониска од 15 отсто. Покрај тоа со правилото за вклучување на добивката, според кое матичната компанија на мултинационална група на компании или на голематa домашна група е одговорна за пресметување и плаќање на дополнителен данок на добивка, доколку ефективната даночна стапка на нејзин составен субјект е пониска од 15 отсто, како и со правилото за помалку оданочена добивка, според кое составниот субјект на мултинационалната група на компании подлежи на дополнителен данок еднаков на неговиот дел од дополнителниот данок што не бил наплатен врз основа на правилото за вклучување на добивката, за составни субјекти на групата кои подлежат на ниска даночна стапка под 15 отсто.
„Засегнатите даночни обврзници најдоцна до 30.06.2026 година треба да поднесат електронско известување до УЈП за составниот субјект / локалниот субјект кој од страна на крајната матична компанија е назначен за поднесување на пријавата на информации за дополнителен данок, како и на Пријавата за квалификуван домашен дополнителен данок (образец КДДД/П) за 2024 година“, велат од УЈП.
Образецот на известување, посочуваат, е поставен на веб-страницата на УЈП и може да се преземе од следниот линк: http://www.ujp.gov.mk/mk/obrasci/opis/261
Скенирана верзија од пополнетото известување треба да се поднесе до УЈП на следната адреса: [email protected]
„Најдоцна до 30.06.2026 година во електронска форма да поднесат до УЈП Пријава на информации за дополнителен данок (ГИР) за 2024 година. Пријавата ГИР се поднесува преку системот е-даночни услуги преку менито „Извештај за глобален данок”. За таа цел, составниот субјект на групата кој се наоѓа во земјава, а во случајот на два или повеќе составни субјекти во Македонија – оној кој од групата е назначен за поднесување на пријавата КДДД/П, доделува овластувања за поднесување на пријавата преку системот е-даночни услуги на начин како што истото се прави за поднесување на другите поднесоци преку овој систем. По поднесувањето, ГИР пријавата треба да биде електронски потпишана со дигитален сертификат“, прецизираат од УЈП.
Начинот на поднесување на пријавата ГИР, како што посочуваат,е детално опишан во Упатството за поднесување на извештај за глобален данок кое е објавено на системот е-даночни услуги во делот на упатства.
„Најдоцна до 30.06.2026 година во електронска форма да поднесат до УЈП пријава за квалификуван домашен дополнителен данок (образец „КДДД/П”), односно најдоцна до 30.07.2026 година да поднесат пријава за дополнителен данок (образец „ДДД/П”) за 2024 година. Даночните пријави „КДДД/П” и „ДДД/П” се поднесуваат електронски преку системот е-даноци. Пријавата КДДД/П или ДДД/П треба да се поднесе и во случај кога пресметаниот данок за плаќање изнесува нула. Најдоцна до 30.07.2026 година да го платат квалификуваниот домашен дополнителен данок пресметан во пријавата КДДД/П, односно најдоцна до 30.08.2026 да го платат дополнителниот данок пресметан во пријавата ДДД/П, велат од УЈП и додаваат дека плаќањето на дополнителниот данок треба да се изврши на новата уплатна сметка 840 – општина – 01877 и следните приходни шифри, 711236 – за квалификуван домашен дополнителен данок, и – 711237 – за дополнителен данок на добивка“, информираат од УЈП.






