вторник, 23 јуни 2026
Јове Кекеновски

Објавено на

часот

Сподели

КОЛУМНА

Кoj има право да го толкува Уставот на Република Македонија?

Изјавата на Еди Рама навлезе длабоко во уставниот простор на Македонија.

Изјавата на албанскиот премиер Еди Рама дека Албанците во Македонија „не се дијаспора, туку заедно со Македонците се државотворен народ“ на прв поглед може да звучи како израз на почит кон нивната политичка и општествена положба. Меѓутоа, за да нема никакви дилеми околу нејзината содржина, би сакал најнапред да да ја пренесам нејзината оригинална форма. Во своето обраќање тој изјави: „Албанците од Северна Македонија не се дијаспора на Албанија на туѓа земја. Заедно со Македонците во Северна Македонија, тие се државотворен народ (state-forming people) во својата земја, во соседната држава.“

Кога ваквата формулација ќе се анализира низ призмата на уставното право, меѓународните односи и дипломатската практика, станува јасно дека таа отвора многу посериозни прашања (уставноправни и дипломатски) од оние што произлегуваат од дневнополитичкиот контекст во кој беше изговорена. Прашањето не е дали Албанците во Македонија имаат значајна политичка и институционална улога, туку дали премиер на друга држава може јавно да употребува уставноправни квалификации за внатрешното уредување на соседна суверена држава.

Не е спорно дека Албанците во Македонија не се дијаспора. Тие се составен дел од македонското општество, државјани на Република Македонија со Устав загарантирани индивидуални и колективни права и со активно учество во политичкиот и институционалниот живот на државата. Тоа е неспорен факт што не произлегува од политички изјави, туку од уставниот поредок и од реалниот општествен живот. Токму затоа вистинската дилема не е во првиот дел од изјавата на Рама, туку во вториот во квалификацијата дека Албанците се „државотворен народ“.

Лично за мене како професор по уставно право проблемот започнува таму каде што премиерот на една соседна држава почнува јавно да го квалификува нивниот уставен и политички статус. Терминот „државотворен народ“, кој го употреби Рама, не постои во Уставот на Република Македонија. Тој не е уставоправна, туку политичка категорија. Затоа неговата употреба не може да се смета за случајна или безначајна. Напротив, таа внесува политичка интерпретација во сфера што ѝ припаѓа исклучиво на македонската држава и нејзиниот уставен поредок.

Во современото меѓународно право постои јасен принцип: секоја суверена држава самостојно го уредува својот уставен систем и сама ги дефинира политичките категории врз кои се темели нејзината државност. Тоа е суштината на принципот на суверена еднаквост на државите и на немешањето во нивните внатрешни работи. Токму затоа ниеден странски државник нема право јавно да ги редефинира тие категории, без разлика дали тоа го прави со добра или со лоша намера.

Особено е важно да се нагласи дека македонскиот Устав никаде не ја определува Република Македонија како бинационална држава. По Охридскиот рамковен договор беа значително проширени правата на етничките заедници и воспоставени механизми за нивно рамноправно учество во институциите, но не беше создаден модел на држава заснована врз два конститутивни или два рамноправно државотворни народа.

Токму затоа употребата на изразот „државотворен народ“ не е правно неутрална. Таа индиректно упатува на политичка интерпретација според која Република Македонија би можела да се разбере како бинационална држава. Таквата квалификација не произлегува од Уставот, туку претставува политичка конструкција што отвора простор за различни толкувања на уставниот карактер на државата.

Не може со сигурност да се тврди дека токму тоа била намерата на Еди Рама. Неговата непосредна цел, очигледно, беше да ги одврати Албанците од Македонија и Косово од учество во протестите против неговата Влада во Тирана. Но, политичките изјави не се оценуваат само според намерата на говорникот, туку и според пораките што ги испраќаат и последиците што можат да ги произведат.

Токму тука лежи суштината на проблемот.

Еди Рама не е универзитетски професор кој во академска расправа изнесува теоретски ставови за различни уставни модели. Тој е премиер на Република Албанија. Затоа секој негов јавен став за политичкиот и уставниот карактер на Македонија неизбежно има дипломатска тежина. Во меѓународните односи, особено на Балканот, ваквите квалификации не се доживуваат како академска анализа, туку како официјална политичка порака на една држава кон друга.

Слободата на политичкото изразување, се разбира, им припаѓа и на државниците. Но, таа не е неограничена кога станува збор за прашања што навлегуваат во уставниот идентитет и внатрешното уредување на друга суверена држава. Колку е повисока функцијата на оној што говори, толку е поголема и неговата одговорност за тежината и последиците на изговорениот збор. Од премиер на соседна држава се очекува политичка воздржаност и почитување на границата меѓу личниот политички став и правото на друга држава самата да ги дефинира своите уставни категории.

Доколку, на пример, премиерот на Македонија би изјавил дека Грците во Албанија се „државотворен народ“ или дека Албанците во Прешевската Долина имаат посебен уставен статус во Србија, таквата изјава сигурно би предизвикала дипломатски реакции. И тоа сосема оправдано. Определувањето на уставниот статус на етничките заедници е исклучиво прашање на државата во која тие живеат.

Затоа изјавата на Рама не треба да се анализира низ призмата на дневната политика, туку како прашање на принцип. Суверенитетот не се нарушува само кога некој бара промена на границите или на институционалниот поредок. Тој може да биде доведен во прашање и тогаш кога странски државници јавно го толкуваат уставниот идентитет на друга држава и воведуваат политички категории што не произлегуваат од нејзиниот Устав.

Во тој контекст изјавата на Рама може да се разбере како суптилна, но политички значајна порака што индиректно сугерира поинакво разбирање на уставниот карактер на Република Македонија. Токму затоа таа не е само прашање на политичка реторика, туку и на дипломатска одговорност.

Доколку неговата намера навистина била исклучиво да ги одврати Албанците во Македонија и на Косово од мешање во внатрешните политички процеси во Албанија, таквата порака можела да биде испратена и без употреба на терминологија што отвора уставноправни дилеми.

Дипломатијата не е само уметност на кажаниот збор, туку и дисциплина на неизговореното. Искусните државници добро знаат дека постојат теми за кои се зборува со особена внимателност, особено кога станува збор за уставниот поредок, националниот идентитет и внатрешното уредување на соседна држава. Кога таа внимателност ќе изостане, дури и добронамерната порака може да биде разбрана како политичко мешање или како обид за наметнување политичка интерпретација на прашања што ѝ припаѓаат исклучиво на државата за која станува збор.

Токму затоа би било корисно македонската дипломатија, на одмерен и достоинствен начин, да потсети на еден едноставен принцип што е темел на современите меѓународни односи дека секоја држава има суверено право сама да го дефинира и толкува својот уставен поредок. Таквата реакција не би била насочена против Албанија, туку во одбрана на принципот на сувереност и на меѓусебното почитување меѓу соседните држави.

Почитувањето на добрососедските односи не се мери само со дипломатски насмевки, заеднички фотографии и декларации за европска иднина. Тоа се мери и со воздржаноста да не се навлегува во прашања што претставуваат исклучива внатрешна работа на една суверена држава. Кога странски државник јавно воведува политички категории што не произлегуваат од Уставот на Република Македонија, таквата изјава неизбежно отвора дилеми за почитувањето на тој принцип. Толкувањето на уставниот поредок и неговите темелни категории, согласно Уставот и принципот на сувереност, е во исклучива надлежност на надлежните државни органи на Република Македонија.

Јове Кекеновски

КОЛУМНИ

Рубин Земон

Кој има право да одлучува кои сме што сме?!

Жидас Даскаловски

Каков изборен модел ѝ е потребен на Македонија? (2)

Џефри Д. Сакс

Марко Поло: Патување за мир, култура и одржлив развој

Славе Димитров

Црната кутија на авторското право – институционална парализа и профитабилен хаос

Жидас Даскаловски

Кaков изборен модел ѝ е потребен на Македонија? (1)

Ристо Цицонков

Многу капитални инвестиции во транспортот, а малку за енергетика

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ