По албумот „Sunday vibes“, објавен во 2023 година за Кроациа рекордс, Кукиќ, и овој пат под закрилата на најголемата дискографска куќа во регионот, се претставува со ново студиско издание на кое повторно го потврдува својот талент како композитор, аранжер, инструменталист и продуцент. Како автор и продуцент на албумот, Кукиќ собра врвна екипа музичари кои со своите изведби дополнително го збогатија звукот на ова издание.
Покрај Иван Кукиќ, кој на албумот свири бас-гитара и акустична гитара и ги изведува вокалните делници, на албумот учествуваат Зоран Трендов на гитара, Влатко Сапламаев на клавијатури, Марјан Стоилов на тапани, Стојан Иванов на перкусии, Слободан Кржев на ритам-гитара и саксофонистот Кирил Кузманов.
Посебна вредност на албумот му даваат и гостинските музичари. Кирил Кузманов гостува на песната „Одам“, Васко Тодоров на композицијата „Без компас“, додека во песната „Молитва за љубав“ се појавува легендарниот актер и поет Раде Шербеџија.
Албумот е мастериран од Борис Шурлан во Midnight Studio, насловната фотографија е дело на Георги Кончалиев, додека за ликовното обликување е заслужен Оскар Пигац.
Иван Кукиќ со музичко творештво се занимава од најрана младост, а веќе неколку години дејствува и како басист во составот Влатко Стефановски трио. Покрај настапите со Влатко Стефановски, успешно го развива и сопствениот авторски пат низ музика која ги спојува рокот, џезот, world music и современиот кантавторски израз.
Албумот „Зачарани круг“ е достапен како ЦД издание и може да се купи онлајн.






