Пред 750 години, еден 17-годишен Венецијанец тргнал кон Исток и не се вратил дома цели 25 години. Maрко Поло ја напуштил венецијанската лагуна во 1271 година заедно со својот татко Николо и чичко му Мафео — тројца трговци на коњи кои, на крајот, биле упатени кон дворот на Kублај кан. Нивната експедиција се движела со по една коњска сила по патник.
Нашата четиричлена дружина — мојата сопруга Соња, нашиот пријател Патрик Жонг, неговиот син Џими и јас — штотуку тргна по истиот пат кон Исток, таму каде што Западот се среќава со Истокот долж древниот Пат на свилата. Нема да се преправам дека патуваме во услови какви што имал младиот Марко. Нашиот караван е целосно електричен BYD Denza, а најмоќните модели од оваа линија достигнуваат неверојатни 1.582 коњски сили — во едно тивко и мазно возење.
Но, ако ги тргнете настрана коњските сили и 7,5 вековната временска дистанца, патувањето останува исто: љубопитност цврсто насочена кон Истокот, верба дека најсигурниот пат до мирот води преку човечките средби, и безбројни странци кои стануваат нови пријатели по втората шолја чај.
Ова патување го нарекуваме „Марко Поло возење за мир, култура и одржлив развој“ — 12 држави, 15.000 километри, 43 дена, од Рим до Хонгконг. Симболично, започнавме во Вечниот град, седиштето на папството, бидејќи, како и семејството на Поло пред нас, и ние носиме порака од Папата кон Исток — во нашиот случај, новата енциклика на Папата Лео, Magnifica Humanitas, повик за мир и за мудра и хумана употреба на нашите моќни нови технологии. Поло некогаш пренесувале пораки меѓу Папата Грегори X и Кублај Кан низ еден поделен свет. Изгледа дека целта и по 750 години не се променила многу.
Од Рим го насочивме автомобилот кон север и во Болоња застанавме за полнење — и тука 21 век се најави со полн сјај. Со „flash charge“ технологијата на BYD и нивните извонредни Blade батерии, батеријата ја наполнивме до 97,5 проценти за помалку од девет минути — пред да ни пристигне еспресото. Марко Поло го мерел својот напредок според годишните времиња и планинските премини; ние нашиот го мериме во минути поминати на полнач и во извонредната леснотија на минување низ Евроазија без да согориме ниту капка нафта. Тоа, накратко, е една од главните пораки на ова патување: дека зелените технологии кои денес пристигнуваат можат истовремено да му служат на човештвото, да нè поврзат поблиску и да го намалат нашиот еколошки отпечаток.
Додека го пишувам ова, се движиме кон Венеција — родниот град на Поло, градот од кој започнало нивното патување и во кој, четврт век подоцна, се вратиле. Оттаму нашата рута продолжува кон Хрватска и Србија, Бугарија и Турција, преку Кавказ до Грузија и Азербејџан, преку Каспиското Море до Казахстан и Узбекистан – Kова и Бухара, Самарканд, имиња што и денес го носат духот на патувањата низ степите — а потоа конечно во Кина, кон Чијан, Шангај, Шенжен, со завршница во Хонгконг кон крајот на јули.
Неколку влади веќе ни подготвија топло добредојде, а со нетрпение очекуваме да се сретнеме со политички, деловни и културни лидери по патот — и, со иста желба, со студенти, возачи, трговци и младите луѓе кои го наследуваат овој меѓусебно поврзан свет. Нашата искрена намера не е само да зборуваме, туку и да слушаме.
За оние што би сакале да ни се придружат, ќе држам онлајн курс додека патуваме — подвижна училница за историјата на Патот на свилата, за одржливиот развој и за старата, тврдоглава, но неопходна идеја дека државите се далеку подобро кога соработуваат отколку кога се судираат. Можете да се пријавите преку SDG Academy; патот е отворен за секој со љубопитен ум. Страницата за пријавување е тука: The Marco Polo Drive course.
Како што километрите се нижат, повторно се враќам на едно суштинско уверување. Многу т.н. геополитички стратези и политичари тврдат дека цивилизациите на Истокот и Западот се осудени на судир, а не на соработка. Марко Поло знаел подобро. На крајот од најдолгиот пат кон Истокот, тој не пронашол непријатели, туку блескава и софистицирана цивилизација подготвена да разменува идеи исто толку лесно колку и стоки. Патот на свилата никогаш не бил една единствена нишка, а уште помалку ѕид. Уште од античките времиња, Патот на свилата претставувал огромна мрежа на поврзаност. Глобализацијата е обележје на цивилизацијата — од древните времиња до нашата ера. Да работиме за глобализација на мирот, хармонија на различните култури и одржлив развој за сите денешни млади луѓе — Марко и Марија Поло на 21 век.
Нашата Denza тивко брмчи по патиштата по кои некогаш чекореле коњите на Поло. Енцикликата што ја носиме има нов наслов, но пораката е иста: кога се среќаваме лице в лице, мирот престанува да биде апстракција или формула и станува секојдневна реалност и радост.
Повеќе наскоро — од некое место подалеку на Исток.
https://www.youtube.com/shorts/orULhtZKuac
https://www.facebook.com/share/r/18Z61NqMNz/
https://www.instagram.com/p/DYfGb9djXPW/
https://www.tiktok.com/@projectmarcopolo/video/7641262493460860193
https://x.com/themppofficial/status/2056405221429948777
https://www.linkedin.com/posts/silkroad-documentary-themarcopoloproject-ugcPost-7462170494323126272-JslJ?












