Се сеќавам на мојата прва светска конференција, која се одржуваше во Сеул во 1996 година. Еден прекрасен колега (со грчко потекло) од за мене непозната причина не само што ме покани да бидам панелист (со обезбеден грант за оние сиромашните или од воените зони), туку и ме смести да бидам главен спикер меѓу петмината научници од цел свет кои ја затворија конференцијата. Пред тргнувањето на долгиот пат веќе ме фаќаше паника: како ќе успеам да се претставам со мојот никаков англиски? Дали сум доволно добра? Да не се посрамам? Дури и му испратив порака по факс (да, да, тоа беше време кога и не знаев што е имејл, а и малкумина го користеа) за да му признаам дека едвај говорам англиски и дека е можеби подобро да направи промена во програмата. Тој одговори веднаш (текстот на факсот веќе избледе, но јас го чувам во мојата лична архива како најдраг подарок): НЕ СЕ ГРИЖИ! СИТЕ НИЕ НЕКОГАШ МОРАМЕ ДА ПОЧНЕМЕ! НЕ СМЕ СИТЕ НЕЈТИВ СПИКЕРИ. ЌЕ БИДЕШ МЕЃУ ПРИЈАТЕЛИ!!!! (сето ова со големи букви и многу извичници). Навистина, не се посрамив, го преживеав огненото крштевање и сфатив дека не ми недостасува знаење, туку самодоверба и елоквенција на странски јазик.
Оттогаш многу децении минаа, јазикот престана да биде проблем, а и самодовербата. И тогаш конференциите станаа навистина предизвик и интересни настани на кои се радував. Всушност една точка на пресврт се случи кога во брзина заборавив да си земам копија од мојот конференциски текст, па се најдов седната меѓу непознати колеги дури и без нотес. До мене седеше колешка од Харвард, и веројатно беше вџашена кога ја замолив да ми скине еден лист од нејзиниот нотес. За моја среќа, бев трет панелист, па имав барем 20-30 минути да си ја скицирам презентацијата. Поминав подобро одошто да читав здодевен текст. Од тој миг решив да се ослободам, да не робувам ниту на пауер поинт слајдови ниту на однапред напишана домашна задача.
Одам со неколку поенти и белешки околу кои е сврзана мојата тема, а потоа внимателно слушам што зборуваат другите. Конференциите ги прифатив како место за дијалог, а не за читање реферати. Ми се случувало и сосема да ја свртам тезата за која сум сакала да зборувам за да се вклопам во панелот и да реплицирам на најинтересните поенти кои сум ги чула. Таквиот настап донесе успеси, многу познанства, учење од поумни од мене – но и неволјите почнаа да се нижат. Колку што глобалните односи се влошуваа и светот стануваше сѐ пополаризиран, толку и слободата на мисла и говор се намалуваше. Светот што го открив и кој ми се чинеше голем одеднаш почна да се смалува. Сѐ повеќе слушав фрази, неинвентивни и политички коректни говоранции отколку креативност и храброст во искажувањето. Јас решив да останам своја, по секоја цена. Одев наспроти стримот, секогаш кога мислев дека е тоа вистинскиот пат, или барем начин да се предизвика вистинска дебата, а не конференција заради конференција. Тоа си има своја цена. Имаше случаи во кои и арогантни (обично Американци) ме напаѓаа и дури и навредуваа („ве знам јас вас од тој дел на светот, вие сте никакви и примитивни“).
Една од најинтересните епизоди ми се случи додека работев во Женева (на место кое беше антиинтелектуално, но високо платено; по една година го напуштив зошто слободата ми беше поважна од парите). Надвор од работните задачи ми стаса лична покана од Берлин. Еден прекрасен слободоумен интелектуалец ми се јави на телефон (по нечија препорака) и ме праша: дали можете да направите десетминутна презентација ама да биде провокативна и да поттикне дебата во салата. Тоа беше годината кога во мојата Македонија се војуваше (2001), а темата беше за улогата за Западот во воените судири во бивша Југославија. Јас горчливо се насмеав и реков: јас ќе ги предизвикам, но вие ќе треба да ме запрете некако на само десет минути (толку многу имав да им кажам на тие западњаци, божем мировници, кои зборуваа со Чатам хаус рулс). Навистина, успеав во мисијата, но мојот добар домаќин се најде во незгода кога веќе мораше да ме брани од ратоборни дански генерали и слични ликови кои почнаа на висок тон да ми велат: „Како се осмелувате? Вие неблагодарни локалци! Ние трошиме оружје и војници за вашиот мир, а вие не знаете да нѐ цените!“ Единствен што застана зад мене и рече дека секој збор кажан бил чиста вистина беше поранешен германски воен аташе во Македонија. Добив малку време за одговор и реков: Да не ја згрешивте темата? Бев поканета да зборувам за ВАШИТЕ грешки, а следен пат кога ќе ме поканите да зборувам за нашите (балкански) работи ќе го сторам тоа со истата искреност и длабочина.
Интересно по секој ваков настап дел од публиката почнуваше да ме гледа со презир, а другиот дел со искрено почитување, па и восхит. Но, тоа веќе стана времето кога почнав да забележувам дека покани и натаму стасуваа, но само еднаш. Откако ќе ме слушнеа, веќе бев ставана на црна листа и никогаш повторно поканета. Конференциите не сакаа бранувања, се очекуваше единствен став во „глобалната војна против тероризмот“, „хуманитарните интервенции“ и сл.
Оваа интелектуална и академска атмосфера се пренесе брзо и во нашето окружување, па дури и во Македонија (мене овде не ме канат на конференции по никоја цена, премногу сум „опасна“ а можеби и „малигна“ кога не се согласувам со западниот наратив). Се сеќавам на една конференција во рамки на ОБСЕ конзорциум во Белград во 2019. Ме поканија, ме испочитуваа додека ја давав мојата презентација (иако не им се допаѓаше што сум анти-НАТО настроена). Но, кога во дискусијата ги прашав зошто сета вина на светот ја ставаат врз Русија (значи во време пред 2022), односно земја членка на ОБСЕ. И дали можеби е ова НАТО собир, па критиката течеше еднонасочно. Младиот српски домаќин кој тврдеше дека нема да се случи она со „една покана и никогаш повеќе“ го смени мислењето. Оттогаш веќе престанав да постојам за него.
Пред неколку дена ветив дека ќе ви кажам како за првпат во живот бев речиси исфрлена од конференција (повторно во Белград) затоа што ЕУ ја елаборирав низ призма на марксистичката теорија и постколонијалниот дискурс. Тука интересното е што тоа беше втора конференција од истиот организатор (значи, го минав оној несреќен праг или тој навистина сакаше дискутант како мене и по вторпат). И на двете конференции – во период од 7 години – темата беше иста: ЕУ интеграцијата на т.н. Западен Балкан. Првиот пат ги „шокирав“ со еден послободен виц (кој го прочитав од тогашниот бугарски премиер Бојко Бприсов, па помислив – ако нему не му замеруваат, зошто и јас не би го цитирала?). Вицот се однесуваше на дел од машките гениталии кои се секогаш блиску, но никогаш не влегуваат внатре – ова беше кажано за позицијата на Македонија. Оваа 2026 година вицот веќе беше стар, Македонија сеуште надвор иако со сменето име, а и не е за смеење во време кога Украина и Молдавија ги започнаа преговорите за членство и го отворија првиот фундаментален кластер. Пречката на Македонија не е ни војна, ни територијални судири, па дури ни фрапантна корупција – туку фактот дека постои македонски народ кој зборува македонски јазик, има своја историја и не е измислен од Тито (како што гласи приказната на нашите соседи). Овојпат се држев до книжевната метафора на Фицџералд (за чудниот случај на Бенџамин Батон) и на Буњуеловиот „темен објект на желбата“.
Но, тука должам и мал вовед. Коорганизатор на конференцијата беше универзитет од Нов Зеланд, а главен спикер познатиот Роберт Витман од Кент универзитетот за кој ЕУ сѐ уште претставува нормативен актер, кој употребува мека моќ и шири вредности. Сепак, говорникот ја започна конференцијата со тезата дека проширувањето станува емерџенси од геополитички причини; дека тоа е истовремено и забрзано ама и заглавено. Оцртувајќи ги границите на таа проширена Европа тој стаса сѐ до Грузија за која кажа дека била на погрешната страна на линијата (!?). Неговиот предлог или претпоставка за текот на процесот беше за асиметрична ЕУ (мене веднаш ми се појави асоцијацијата од времето на распадот на СРФЈ за асиметрична федерација; знаеме како заврши). Но, многу појасен беше неговиот новозеландски колега (со британско потекло), кој беше несреќен заради Брегзит, но кажа јасно и гласно на самиот почеток „јас сум ЕУ фанатик“. Се зборуваше и за ЕУ како геополитичка сила на која ѝ треба стратегиска автономија. Зошто? За да им покажеме на Русија и Кина дека е ова „наша територија“ (ова стои како цитат во мојот мал нотес). Во себе си реков: сега си готова! Ова ќе ти биде последната конференција овде.
Како што и планирав, почнав со тоа дека заблагодарувам за поканата и дека сум била замолена да зборувам за случајот sui generis на мојата заглавена земја, која и 21 година подоцна не може да отвори ни еден кластер. Им кажав дека избегнувам вакви теми, бидејќи нужно ме ставаат во дефанзивна улога на „локалец“, на некој што е обременет со Калимеро комплекс (нема правда, има двојни стандарди, и видете што ни прават нам, а што на Молдавија). Но, од друга страна се повикав на Спивак и на легендарното прашање „дали потчинетите имаат право да зборуваат“ и на Хамид Дабаши и неговата брилијантна книга „Дали не-Европејците можат да мислат со своја глава“. Всушност, се надоврзав на едно интересно излагање на помлада учесничка од претходниот ден која една и единствена проширувањето не го зеде како спас за сите кандидатки, туку ги употреби зборовите постколонијализам, капитализам, па и марксизам. Накусо, кажав сѐ што ми лежеше на умот и што го знам и среде ноќ ако ме разбудите, но се надоврзав на оваа млада жена која единствена зборуваше за КОНТЕКСТОТ.
Темата на конференцијата беше за „свежиот моментум“ на проширувањето, но никој вистински не го постави прашањето каква е денес ЕУ? Зошто некој денес би сакал да стане нејзина членка? Ако е за вредности – таа одамна се откажа од нив, а сега е соучесник и во геноцид. Ако е за пари (поубав живот, како што го лажат обичниот човек) – пари нема освен за воено-индустрискиот комплекс и за надоаѓачката војна со Русија (ако се следи умот на Каја Калас).
Веќе во тоа време верувам дека на мнозина им се дигна косата на главата, но чекаа да завршам. За среќа или несреќа, првото прашање дојде токму од младата жена која експлицитно праша зошто е денес стигма ако се зборува низ марксистичка призма. Кажа таа и други работи, но домаќинот веќе беше нервозен и му даде знак на модераторот да ја скрати. Тој пресврт не беше во духот на „новиот моментум“. Во одговорот јас се согласив со нејзината теза дека внатре или надвор од ЕУ ние сме сите фатени во нејзината геоекономска матрица, капиталистичкото експлоатирање на периферијата и милитаризацијата. Ги цитирав Среќко Хорват и Игор Штикс со книгата за пустината на постсоцијализмот. А што се однесува до стигмата што таа ја спомна, јас едноставно реков дека немам никаков проблем да се декларирам како марксист. Низ таа призма и зборувам.
И тогаш дојде до ерупција кај мојот домаќин, човекот кој ме покани двапати и кој дури и оној безобразен виц ми го прости. Но, преку марксизмот не можеше да мине. Почна да подвикнува дека не верувал дека ќе бидам толку провокативна, дека тој не е марксист (иако јас не ни помислив ниту реков таква работа), односно дека марксизмот е политика, а не научен поглед на светот. Се обидов да одговорам, но тој ја затвори сесијата. Планот беше секако да заминам за Скопје истиот ден попладнето, но веќе во ходникот ми беше ставено до знаење дека од мене не се очекува да останам подолго на конференцијата. Сепак, неколку млади луѓе успеаја да ми пријдат за да ми кажат дека ова била најинтересната презентација и дека се воодушевени од она што сум ги кажала. Така, ја оставив конференцијата да си тече по редоследот замислен од ЕУ фанатици и со некоја блага критика, ама никако левичарска.
И покрај повеќедецениското искуство, ова по малку ме изненади. Ќе рече некој, па нели е тоа Србија која „седи на повеќе столчиња“, отворена е кон повеќе страни на светот и сл. Не, не! Академската и интелектуалната елита се веќе дресирани и знаат која е црвената линија. Тие го чекаат својот Петар Маѓар (секоја чест на исклучоците, се разбира).
За крај на овој мој мемоарски академски дневник само уште една епизода од пред дваесетина години. Тогаш ми се случи нешто слично, но на проект за предвидување на иднината на Македонија и регионот, во организација на швајцарската амбасада во Скопје. Проектот на кој бев поканета се одвиваше во неколку фази, т.е. средби на учесници од Македонија (меѓу кои се сегашната претседателка), со работилници и креирање сценарија од некоја жена менаџер на ризици (ама за Боинг, Бајер и сл.). Притисокот ми се дигна во момент кога бевме замолени да замислиме сценарио по 15-20 години (му доаѓа отприлика во ова време) дека Македонија престанува да постои како држава. Реков дека со такви сценарија нема шанси да играм или размислувам, тоа е мојот живот, а не компанија. Реагираа и другите, жената беше малку распаметена од таквата реакција (кој знае што очекувала). Како и да е, остана уште една последна сесија да се одржи во Скопје. За секоја работилница добивавме некој хонорар. Пред почетокот на тој настан (за кој си земав слободен ден, се разбира) отидовме до амбасадата да нè исплатат за дотогашниот труд. Всушност, на колешката Сиљановска ѝ ја исплатија целата сума (и за наредната сесија во Скопје), а мене ми понудија пониска сума. Прашав зошто, а одговорот беше: не сте поканета. Тогаш им подвикнав: „ме очекувате или не, не ми е грижа. Јас денот го определив за вас и го сменив работниот календар, а дали вам ви треба мојот ум или не е ваша работа. Очекувам да ме платите како и другите. Разбирате, нели?“. Проблемот не беше во парите туку третманот како да сум партал од кој можат да се решат кога им пречи во „агендата“. Немаа каде, го сменија договорот и добив хонорар за да молчам. Уште се смеам кога ќе се сетам на таа сцена.
Таму не се појавив, но и не замолчев. Или не дозволувам да ме замолчат. Затоа и колумните и Сабстакот се зона на слободата. Барем засега.
Билјана Ванковска












